Клара Цеткин

Работничкиот интернационален празник


Извор:The Workers International Festival“, Justice, 1 May 1899, p. 15;
Превод: Здравко Савески, од англиски
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јануари 2026


Секаде каде што ангажираните луѓе ‘рмбаат под јаремот на капитализмот, организираните работници и работнички ќе демонстрираат на Први Мај за идејата за нивна општествена еманципација.

Секако, за мајските демонстрации е одлучено на Интернационалниот конгрес во Париз [1889] со цел енергично да се одржи барањето за осумчасовниот работен ден и за заштитното законодавство за трудот воопшто. Но, карактерот на Конгресот, дискусиите што ѝ претходеа на одлуката, несомнено потврдуваат дека бараните реформи не се крајни цели на работничкото движење, туку само средства што треба да им служат на тие цели. Тие се храна на патот за револуционерната работничка класа, која маршира до освојувањето на политичката власт, а преку неа и до економска и општествена слобода: тие не се помалку од тоа, но сепак не се ниту нешто повеќе. Колку и да се важни – неопходни услови за моќен развој на работничкото движење – работничката класа никогаш нема да го продаде за чинија реформска леќа своето првородено право на општествена револуција. Затоа што реформите ја ублажуваат состојбата на работничката класа, тие го олеснуваат товарот на оковите со кои трудот е обременет од капитализмот, но тие не се доволни да го срушат капитализмот и да ги еманципираат работниците под нивната тиранија.

Затоа, работничкиот Први Мај не е само демонстрација во прилог на сите општествени реформи, што ги бара свесниот дел од пролетаријатот, туку истовремено е и неизбежно мора да биде демонстрација за благородните цели на пролетерската класна борба, укинувањето на капиталистичкото општество, укинувањето на секаков вид ропство на човек од човек. И покрај нивната мирна форма, мајските демонстрации, по самата своја суштина, се и остануваат да бидат револуционерна акција. Тие се и остануваат да бидат револуционерни, не во смислата во која полицајците и политичарите го разбираат зборот, туку во нивното вистинско историско значење, бидејќи се свесен израз на волјата на работниот народ, да се стреми кон радикална преобразба на општеството и да ги добие преку своето сопствено ангажирање сите реформи што ќе им овозможат на наемните робови да го заменат капитализмот со социјализам. Еманципацијата на работничката класа е историска неопходност и може да биде само дело на самиот пролетаријат. Ова убедување е идеја-водилка на сите мајски манифестации.

Со мајските демонстрации, работничката класа изјавува дека засекогаш раскрстила со легендата дека вистинската слобода, па дури и ефективното ублажување на најсуровите зла и страдања што капиталистичката експлоатација им ги нанесува на работниците, би се стекнале преку добронамерноста и правичноста на високата класа. Само дејствувањето на самите работни луѓе, организирани во синдикати и организирани во класна партија за политичка борба, во сегашноста ќе ги наметне потребните реформи врз буржоаското општество и еден ден ќе ги претвори наемните робови во слободни граѓани на една слободна заедница. Само работничка класа, силна по здравје, по интелектуална и морална моќ, може да ја изврши својата историска задача. Затоа, секоја реформа, што ја подобрува економската и политичката состојба на работниците, се покажува како оружје што ја зголемува енергијата со која се води пролетерската борба на класите. Овие мајски демонстрации не бијат камбани на еден ништожен мир меѓу трудот и капитализмот, туку, напротив, се проглас на работничката класа против капиталистичкото општество. Робовите на наше време се пребројаа себеси и повеќе нема да бидат робови. Со мајските демонстрации тие покажуваат дека јасно ги препознале своите вистински интереси, кои се во непомирлив антагонизам со капиталистичките интереси.

Овие интереси на работниците, како експлоатирана и угнетена класа на општеството, се исти во сите земји. Следствено, мајските демонстрации мора да бидат интернационални. Преку границите и морињата, работниците од сите нации си подаваат раце едни на други за братски сојуз; против интернационалната реакционерна моќ на капитализмот се крева интернационалната револуционерна моќ на работничката класа. Фактот дека во целиот капиталистички свет работниците заеднички се креваат за да ја потврдат солидарноста на своите класни интереси барајќи исти реформи, стремејќи се кон исти цели, е од највисок интерес. За идниот историчар, пролетерските мајски демонстрации ќе бидат поинтересни и поважни од десетина од оние варварски битки со кои сега се фалат џингоистите од секоја земја. Тоа е очигледен доказ за моралната и интелектуалната обнова на работничката класа. Тоа покажува дека капиталистичката експлоатација ги обединува работниците без разлика на струка, пол, религија и националност, во една револуционерна армија што ќе освои еден нов свет, каде што трудот може сè да освои, а ништо да изгуби освен своите окови. Затоа ги поздравуваме мајските демонстрации како предвесник на идните борби, но и на идните победи, кои мора да бидат исто толку сигурно да дојдат како што пролетта ја следи зимата; а утрото ноќта.

Штутгарт, Германија
Клара Цеткин