Извор: “Labour Day”, Commonweal, Vol 6, No. 225, 3 May 1890, p.137;
Превод: Здравко Савески, од англиски
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јануари 2026
Дали демонстрациите за Денот на трудот се само изолирани демонстрации, кои немаат никаква врска со ништо друго освен со барањето за законско ограничување на часовите за работа на произволна бројка од осум? Сигурно не е така, какви и да се желбите на некои од оние кои можеби ќе учествуваат во нив. Од една страна, тие укажуваат на она што се случило во последните неколку години, а од друга страна на претстојните настани во следните неколку години.
Големиот настан во историјата на трудот во последните неколку години е растечкото разбирање на социјализмот од страна на англиските работници, како што покажува духот што лежи во основата на сите штрајкови што се случија неодамна, а кој е сосема различен од оној на штрајковите од деценијата пред оживувањето на социјализмот во оваа земја.
Тој дух е создаден од свеста, или можеби инстинктот, кај работниците дека овие штрајкови се дел од дефинитивната војна, која суштинските околности на нивната позиција им ја наметнуваат да ја водат против своите вработувачи; а резултатот од тоа мора да биде или преобразба на работниците воопшто во најобични машини без никаква волја; или уништување на позицијата на вработувачите; или, конечно, како што г-дин Гифен[1] и некои други се обидуваат да се убедат себеси, создавање на една голема класа на способни работници, кои, ако веќе не бидат и навистина добростоечки, ќе бидат во подобра состојба од она што се обичните работници сега, како и на резидиум под нив од безнадежна беда и суровост, чиј број ќе се обидеме да го намалиме колку што можеме повеќе, но на кои поинаку нема да обрнуваме внимание, бидејќи ќе бидат држени долу од големата маса задоволни и добростоечки работници.
Од овие три исходи на работничката војна што можат да се замислат, не може да се каже дека првиот е навистина можен, иако тоа е она што може да се нарече висок комерцијален идеал. Зашто, под претпоставка дека војната меѓу господарите и обичните луѓе ќе заврши со целосно и безнадежно потчинување на луѓето, сè уште би останала војната меѓу господарите и господарите, која – незауздена од каква било можна борба на работниците да се ослободат себеси – на крајот би достигнала такво ниво што би го срушила целиот систем и би резултирала со чиста дезорганизација и збрка.
За третиот исход, исходот на разумниот и просветлен вработувач – задоволен чесен работник и резидиум или хелоти[2] и на двајцата, на кои не им се допаѓа тоа, но не можат да си помогнат – мора да се каже дека тоа е идеалот на богаташот, кој признава дека светот е грда креација, но знае дека тој профитира од неговата грдотија и беда, и затоа е задоволен. За среќа, тоа е сон без основа; бидејќи, далеку од тоа да постои каква било веројатност за една таква остра разлика помеѓу една класа работници и друга, целиот тек на модерното производство има тенденција да ги разбие таквите разлики. Задоволните и способни работници би биле многу малку, наместо да бидат голема маса работници, и би се состоеле од надзорници, управители и слично; незадоволните би биле многубројни и затоа нивното незадоволство би можело да добие практичен облик. Дали теоретичарите што ја поддржуваат оваа можност ги заборавија земјоделските работници? Ако е така, еден ден можеби ќе се потсетат на нив на неугоден начин. Преостанува револуционерниот исход; односно, надежта дека работниците ќе се ослободат и ќе станат свои сопствени вработувачи; дека ќе работат, не како заробеници за непријателот што ги освоил, туку како комшии за комшии, разменувајќи труд за труд, без загуба и на двете страни, за меѓусебна угодност и среќа.
Исто како што овој исход на работничката војна е единствениот што нуди какво било подобрување на светот, исто така, за среќа, тој е единствениот за кого постои каква било можност да се оствари. Како што продолжува војната, а со тоа се намалува вредноста на привилегијата на капиталот да наметнува труд без плаќање, рентата, профитот и каматата ќе паѓаат сè пониско и пониско, сè додека едвај ќе бидат вредни да се бранат: функцијата на вработувачите ќе исчезне, а потребата ќе ги принуди работниците да ги отстранат од нивната достоинствена положба за да може трудот да се реорганизира, за да не гладува светот.
Тоа, значи, е значењето на единството на работништвото што го прогласува Мајскиот празник на трудот – дека работниците повеќе не треба да бидат класа, туку цело општество, инаку наскоро нема да има општество; и ова ново општество тие сигурно ќе го остварат не по долго време.
И како ќе се оствари тоа? Прво, со тоа што работниците ќе осознаат дека се робови и ќе посакаат да бидат слободни. Следно, со тоа што ќе научат дека е можно да бидат слободни. И на крај, со спроведувањето на нивната волја, за така да можат да станат слободни.
Е сега, во врска со ова последното прашање, Денот на трудот ни посочува на барем едно средство за освојување на слободата – имено, сеопштиот штрајк. Богатите живеат од трудот на работниците на никој начин метафорично, туку навистина. Научете ги богатите на оваа лекција практично, и нивната моќ, поддржана од нивните вооружени робови, ќе исчезне. Работниците покажаа дека имаат штрајкувачка моќ способна за победа во мали прилики: нека се здружат и ја организираат својата штрајкувачка моќ – нека ги капитализираат своите ресурси, да се послужат со еден збор од непријателот – и како тие ќе можат да се спротивстават?
Точно е дека оваа идеја за сеопшт штрајк беше во оптек меѓу чартистите и дека тие се откажаа од неа како неизводлива: но во тие денови, колку и да се блиски до нашите, работништвото беше толку многу помалку организирано, а различните струки толку помалку зависни едни од други, што претпоставуваа дека ќе биде неопходен штрајк од еден месец (Светиот месец, како што го нарекуваа); додека денес, ако рударите што ископуваат јаглен штрајкуваат со целосна согласност од масата работници, нема ли три дена да бидат и повеќе од доволни? Владејачките класи би морале или да се откажат или да ги нападнат работниците со вооружена сила.
Дали тие би го направиле тоа? Или, поточно, дали би можеле? Практично, не би можеле; уште еден масакр како Петерло[3] би бил пропаст на нашето сегашно општество, кое е многу поопасно урамнотежено сега отколку што било во 1820 година. Може да има некакво неефикасно вревење; но ако од таквата можност направиме лав на нашиот пат кон слободата, тогаш сме назадувале во однос на храброста на нашите предци.
Накратко, лекцијата од Денот на трудот е, пред сè, свеста за единството на интересите на работништвото; второ, неопходноста работниците да научат што е она што можат да го бараат; и трето, единство, повторно, во организирањето да се освои слободата на работништвото.
Забелешки на преведувачот
[1] Станува збор за Роберт Гифен (1837-1910), шкотски статистичар и економист, кој во 1884 година објавил памфлет под наслов „Прогресот на работничката класа во последниот половина век“.
[2] Хелоти – државни робови во стара Спарта, кои преку жрепка им се доделувале на одредени Спартанци на служба како земјоделци. Тие биле врзани за земјата, а господарот на межел да ги убие, да ги продаде или да ги пушти на слобода. Сѐ што ќе произведеле над одреденото ниво, било нивно.
[3] Масакрот во Петерло се случил на 18 август 1819 година во Манчестер, кога коњаницата јуришала на продемократскиот протест за право на глас и усмртила 18 демонстранти, а повредила од 400 до 700.