Видовме дека по својата економска суштина империјализмот е монополистички капитализам. Веќе со тоа е одредено историското место на империјализмот, зашто монополот, кој израстува врз почвата на слободната конкуренција и токму од слободната конкуренција, е премин од капиталистичка кон повисока општествено-економска формација. Посебно треба да се истакнат четирите главни видови на монопол или главни манифестации на монополистичкиот капитализам, карактеристични за епохата што ја разгледуваме.
Прво, монополот израсна од концентрацијата на производството на многу висок степен од нејзиниот развиток. Тоа се монополистичките сојузи на капиталистите, картелите, синдикатите, трустовите. Видовме каква огромна улога тие играат во современиот стопански живот. Во почетокот на XX век тие наполно завладеаја во најразвиените земји и макар што првите чекори на патот на картелизирањето ги направија порано земјите со високи заштитни царини (Германија, Америка), Англија со својот систем на слободната трговија дури малку подоцна го покажа истиот тој основен факт: раѓањето на монополите и концентрацијата на производството.
Второ, монополите доведоа до засилено приграбување на најважните извори на суровини, особено за основната, и најсилно картелизираната, индустрија на капиталистичкото општество: индустријата за јаглен и црната металургија. Монополистичкото владеење на најважните извори на суровини страшно ја зголеми власта на крупниот капитал и ја заостри противречноста меѓу картелизираната и некартелизираната индустрија.
Трето, монополот израсна од банките. Тие се претворија од скромни посреднички претпријатија во монополисти на финансискиот капитал. Некакви три до пет најркупни банки од најразвиените капиталистички нации остварија „персонална унија“ на индустрискиот и банковниот капитал, го концентрираа во своите раце располагањето со милијарди и милијарди, што го сочинуваат најголемиот дел на капиталот и паричните приходи на целата земја. Финансиската олигархија, која со густа мрежа односи на зависност ги покрива без исклучок сите економски и политички институции на современото буржоаско општество – тоа е најрелјефна манифестација на тој монопол.
Четврто, монополот израсна од колонијалната политика. Кон многубројните „стари“ мотиви на колонијалната политика финансискиот капитал ја додаде борбата за извори на суровини, за извоз на капиталот, за „сфери на влијание“ – т.е. сфери на доходни зделки, концесии, монополиситички профити итн. – на крај, за стопанска територија воопшто. Кога колониите на европските држави претставуваа, на пример, десетти дел на Африка, како што беше тоа уште во 1876 година, тогаш колонијалната политика можеше да се развива немонополистички според типот, така да се рече, на „слободното приграбување“ на земјите. Но кога 9/10 од Африка беа приграбени (кон 1900 година), кога целиот свет беше поделен – настапи неизбежно ерата на монополното владеење на колониите, а според тоа, и особено заострената борба за поделба и за повторна поделба на светот.
Колку монополистичкиот капитализам ги заостри сите противречности на капитализмот – општо е познато. Доволно е да укажеме на скапотијата и на угнетувањето од картелите. Тоа заострување на противречностите е најмоќната движечка сила на преодниот историски период кој почна од времето на дефинитивната победа на светскиот финансиски капитал.
Монополите, олигархијата, стремежите кон господство наместо стремежи кон слобода, експлоатацијата на сѐ поголем број мали нации од грст најбогати или најсилни нации – сето тоа ги породи оние карактеристични црти на империјализмот што нѐ тераат да го карактеризираме како паразитски капитализам или капитализам што гние. Сѐ порелјефно и порелјефно се истакнува, како една од тенденциите на империјализмот, создавањето на „држава-рентиер“, држава-лихвар, чијашто буржоазија сѐ повеќе живее од извозот на капитал и „сечењето купони“. Би било погрешно да се мисли дека таа тенденција кон гниење го исклучува брзиот пораст на капитализмот; не, одделни индустриски гранки, одделни слоеви на буржоазијата, одделни земји пројавуваат во епохата на империјализмот со поголема или помала сила ту едната, ту другата од тие тенденции. Општо земено, капитализмот расте далеку побрзо одошто порано, но тој пораст не само што станува воопшто нерамномерен, туку нерамномерноста се манифестира и посебно во гниењето на земјите што се најбогати со капитал (Англија).
За брзината на економскиот развиток на Германија авторот на студијата за германските крупни банки Рисер вели: „Не многу бавниот прогрес на претходната епоха (1848-1870) стои наспрема брзината на развитокот на целото германско стопанство, и посебно на нејзините банки во дадената епоха (1870-1905) приближно во ист однос како брзината на движењето на поштенската кола од доброто старо време наспрема брзината на денешниот автомобил кој јури така, што станува опасен и за безгрижниот пешак и за оние што се во автомобилот.“ Од своја страна, тој финансиски капитал, кој необично брзо израсна, токму затоа што брзо израсна, би преминал на драго срце кон „помирно“ владеење на колониите кои треба да бидат приграбени – не само со помош на мирни средства – од побогатите нации. А во Соединетите држави економскиот развиток последниве децении напредуваше уште побрзо одошто во Германија, и токму благодарејќи на тоа паразитските црти на најновиот американски капитализам се пројавија особено јарко. Од друга страна, споредувањето, да речеме, на републиканската американска буржоазија со монархистичката на Јапонија или на Германија покажува дека најкрупната политичка разлика во најголем степен слабее во епохата на империјализмот – не затоа што таа воопшто не била важна, туку затоа што во сите тие случаи се работи за буржоазија со определени црти на паразитизам.
Монополно високите профити на капиталистите на една од многуте индустриски гранки, на една од многуте земји итн. им даваат на тие капиталисти економска можност да поткупуваат одделни слоеви од работниците, а привремено и доста значително малцинство од работниците, привлекувајќи ги на страната на буржоазијата од дадена гранка или дадена нација против сите други. И засилениот антагонизам меѓу империјалистичките нации околу поделбата на светот го засилува тој стремеж. Така се создава врска меѓу империјализмот и опортунизмот, која се покажа најрано и најјарко во Англија благодарејќи на тоа што некои империјалистички црти во развитокот таму се гледаа многу порано одошто во другите земји. Некои автори, на пр. Л. Мартов (20) милуваат да се извлекуваат од фактот дека меѓу империјализмот и опортунизмот во работничкото движење има врска – факт кој сега особено паѓа в очи, – со помошта на „официјално оптимистичките“ резонирања од овој вид (во духот на Кауцки и Хјусманс): работата на противниците на капитализмот би била безнадежна кога токму најразвиениот капитализам би водел кон јакнење на опортунизмот или кога токму најдобро платените работници би биле склони кон опортунизмот итн. Не треба да се залажуваме во поглед на значењето на тој „оптимизам“: тоа е оптимизам во поглед на опортунизмот, тоа е оптимизам кој служи за прикривање на опортунизмот. Всушност, особената брзина и особената одвратност на развитокот на опортунизмот не е никаква гаранција за неговата цврста победа: брзината на развитокот на злокачествен чир на здрав организам може само да го забрза пробивањето на чирот, ослободувањето на организмот од него. Најопасни во овој поглед се луѓето што не сакаат да разберат дека борбата против империјализмот, ако не е неразделно сврзана со борбата против опортунизмот, е празна и лажна фраза.
Од сето горе речено за економската суштина на империјализмот произлегува дека тој треба да се карактеризира како преоден или, поточно, како капитализам што умира. Извонредно поучно во тој поглед е што буржоаските економисти, кои го опишуваат најновиот капитализам, обично ги употребуваат зборовите: „преплетување“, „отсуство на изолираност“ итн.; банките се „претпријатија кои по своите задачи и по својот развиток немаат чисто приватноекономски карактер, туку сѐ повеќе излегуваат од сферата на чисто приватноекономско регулирање.“ И истиот Рисер, чии се овие зборови, сосем сериозно изјавува дека „претскажувањето“ на марксистите за „обопштествувањето“ „не се оствари“!
Што изразува зборот „преплетување“? Тој ја зафаќа само најупадливата црта на процесот кој се врши пред наши очи. Тој покажува дека посматрачот брои одделни дрвја, а не ја гледа шумата. Тој ропски го копира надворешното, случајното, хаотичното. Тој открива дека посматрачот е човек што е притиснат со суров материјал и апсолутно не ја разбира неговата смисла и значење. „Случајно се преплетуваат“ поседувањето на акции, односите меѓу приватните сопственици. Но она што е подлога на тоа преплетување, – она што ја прави неговата основа – тоа се општествените односи на производството кои се менуваат. Кога крупно претпријатие станува џиновско и плански, врз основа на точно евидентирање на масовни податоци, организира набавка на примарните суровини во размер: 2/3 или 3/4 на сѐ што е потребно за десетици милиони население; кога систематски се организира транспортот на тие суровини во најзгодните места за производство, кои се понекогаш оддалечени едно од друго со стотици и илјади километри; кога од еден центар се управува со сите стадиуми на сукцесивната обработка на материјалите – сѐ до добивањето цел аниза различни готови производи; кога распределбата на тие производи се врши по еден план меѓу десетици и стотици милиони потрошувачи (продажбата на петролејот и во Америка и во Германија од страна на американскиот „Петролејски труст“); – тогаш станува очевидно дека пред себе имаме обопштествување на производството, а никако не просто „преплетување“; – дека приватноекономските и приватносопственичките односи се обвивка која повеќе не ѝ одговара на содржината, обвивка која неизбежно мора да гние ако вештачки се одлага нејзиното отстранување, – која може да остане во состојба на гниење релативно долго (во најлош случај, ако се одложи оздравувањето од опортунистичкиот чир) време, но која сепак неизбежно ќе биде отстранета.
Воодушевениот поклоник на германскиот империјализам Шулце-Геверниц извикува:
„Ако во крајна линија германските банки ги раководи дузина луѓе, нивната дејност веќе сега е поважна за доброто на народот одошто дејноста на повеќето државни министри“ (за „преплетувањето“ на банкарите, министрите, индустријалците, рентиерите овде е позгодно да се заборави…)…„Да замислиме дека до крај е дојден развитокот на тенденциите што ги видовме: тогаш – паричниот капитал на нацијата е обединет во банките; банките се сврзани меѓу себе во картел; инвестициониот капитал на нацијата е излеан во форма на вредносни хартии. Тогаш се остваруваат генијалните зборови на Сен-Симон (27): „Сегашната анархија во производството, која му одговара на фактот дека економските односи се развиваат без еднообразно регулирање, треба да ѝ отстапи место на организацијата на производството. Производството нема да го насочуваат изолираните шефови на претпријатијата, кои се независни еден од друг и кои не ги познаваат економските потреби на луѓето, таа работа ќе се наоѓа во рацете на една општествена установа. Централното управно тело, кое ќе има можност од повисоко гледиште да ја разгледува широката област на социјалната економика, ќе ја регулира таа област онака како тоа е корисно за целото општество и ќе ги предава средствата за производство во најквалификувани раце, а особено ќе се грижи за постојана хармонија меѓу производството и потрошувачката. Има установи кои во кругот на своите задачи вклучија извесна организација на стопанскиот труд: банките“. Ние сме уште далеку од остварувањето на овие зборови на Сен-Симон, но веќе се наоѓаме на патот кон нивно остварување: марксизмот поинаков одошто си го замислуваше Маркс, но само по форма поинаков.“
Нема што да се каже: прекрасно „побивање“ на Маркса кое прави чекор назад од егзактната Марксова научна анализа кон догатка – макар и генијална, но сепак само догатка на Сен-Симон.