В. И. Ленин
Империјализмот како највисок стадиум на капитализмот


IX
КРИТИКА НА ИМПЕРИЈАЛИЗМОТ

Критиката на империјализмот ние ја сфаќаме, во широка смисла на зборот, како однос на различните општествени класи спрема политиката на империјализмот во врска со нивната општа идеологија.

Џиновските размери на финансискиот капитал, кој е концентриран во малку раце и кој создава необично широка и густа мрежа односи и врски која му ја потчинува масата не само на средните и ситните, туку и на најситните капиталисти и сопственици – од една страна, а од друга, заострената борба против другите национално-државни групи финансиери за поделба на светот и за господство над други земји, – сето тоа го предизвикува општиот премин на сите имашливи класи на страната на империјализмот. „Општиот“ занес со неговите перспективи, страсната одбрана на империјализмот, севозможното негово разубавување – тоа е знакот на времето. Империјалистичката идеологија проникнува и во работничката класа. Кинески ѕид неа ја дели од другите класи. Ако водачите на денешната таканаречена „социјалдемократска“ партија на Германија со право го добија името „социјалимперијалисти“ т.е. социјалисти на зборови, а империјалисти на дело, уште во 1902 година Хопсон го одбележи постоењето на „фабијанските империјалисти“ во Англија, кои му припаѓаат на опортунистичкото „Фабијанско друштво“.

Буржоаските научници и публицисти истапуваат како бранители на империјализмот обично во донекаде прикриена форма заташкувајќи го полното господство на империјализмот и неговите длабоки корење, настојувајќи да ги истакнат на прв план подробностите и второстепените детали, трудејќи се да го одвратат вниманието на суштественото со сосем несериозните проекти на „реформи“ како што е полицискиот надзор над трустовите или банките итн. Поретко истапуваат циничните, отворените империјалисти кои имаат смелост да ја признаат апсурдноста на мислата за реформирање на основните својства на империјализмот.

Ќе приведеме еден пример. Германските империјалисти во публикацијата „Архив на светското стопанство“ настојуваат да ги следат национално-ослободителните движења во колониите, особено, се разбира, во негерманските. Тие го бележат вриењето и протестите во Индија, движењето во Натал (Јужна Африка), во Холандска Индија итн. Еден од нив, во белешката за една англиска публикација која донесува извештај за конференцијата на подвластените нации и раси, одржана на 28-30 јуни 1910 година и составена од претставници на разни народи од Азија, Африка и Европа кои се наоѓаат под туѓинско владеење, пишува коментирајќи ги говорите на таа конференција: „Ни велат дека треба да се бориме против империјализмот; владејачките држави треба да го признаат правото на подвластените народи на самостојност, меѓународен суд треба да го контролира исполнувањето на договорите склучени меѓу големите држави и слабите народи. Понатаму од тие невини желби конференцијата не оди. Не гледаме ни трага од сфаќањето на вистината дека империјализмот е нераскинливо сврзан со капитализмот во неговата денешна форма и дека затоа (!!) директната борба против империјализмот е безнадежна, освен ако се ограничуваме на истапување, против одделни, особено одвратни, ексцеси“. Бидејќи реформистичкото поправање на основите на империјализмот е лага, „невина желба“, бидејќи буржоаските претставници на угнетените нации не одат „понатаму“ напред, затоа буржоаскиот претставник на угнетувачката нација оди „понатаму“ назад, кон сервилност пред империјализмот, која е прикриена со претензијата на „научност“. И тоа е „логика“!

Прашањата: дали е можна реформистичка измена на основите на империјализмот, дали треба да се оди напред, кон натамошно заострување и продлабочување на противречностите што ги раѓа тој, или назад кон нивното затапување – се основни прашања на критиката на империјализмот. Бидејќи политичките особености на империјализмот се реакција по сета линија и зајакнување на националното угнетување во врска со гнетот на финансиската олигархија и отстранувањето на слободната конкуренција, ситнобуржоаско-демократската опозиција спроти империјализмот се појавува речиси во сите империјалистички земји во почетокот на XX век. И раскинот со марксизмот од страна на Кауцки и широката интернационална струја на кауцкијанството се состои токму во тоа што Кауцки не само што не се погрижи, не умееше да ѝ се противстави на таа ситнобуржоаска, реформистичка, економски во својата основа реакционерна, опозиција, туку напротив практично се стопи со неа.

Во Соединетите држави империјалистичката војна против Шпанија во 1898 година предизвика опозиција на „антиимперијалистите“, последните мохиканци на буржоаската демократија, кои ја нарекоа таа војна „злосторничка“, анексијата на туѓите земји ја сметаа за кршење на уставот, постапката спрема водачот на домородците на Филипините, Агвиналдо (му ветија слобода на неговата земја, а потоа истоварија американски трупи и ги анектираа Филипините) ја прогласуваа за „лага на шовинистите“ – ги цитираа зборовите на Линколн: „Кога белиот човек се управува сам себеси, тоа е самоуправа; кога тој се управува сам себеси и наедно со тоа управува други, тоа веќе не е самоуправа, тоа е деспотизам“. Но додека целата таа критика се плашеше да ја признае нераскинливата врска на империјализмот со трустовите, и, спрема тоа, со основите на капитализмот, се плашеше да им се придружи на силите што ги раѓа крупниот капитализам и неговиот развиток, таа остануваше „невина желба“.

Таков е и основниот став на Хопсон во неговата критика на империјализмот. Хопсон го антиципираше Кауцки станувајќи против „неизбежноста на империјализмот“ и апелирајќи на потребата да се „подигне потрошувачката способност“ на населението (при капитализмот!). На ситнобуржоаско гледиште во критиката на империјализмот, на семоќноста на банките, на финансиската олигархија итн. стојат Агад А. Лансбург, Л. Ешвеге, кои повеќе пати ги цитиравме, а од француските автори – Виктор Берар, автор на површната книга „Англија и империјализмот“, излезена во 1900 година. Сите тие, ни најмалку не претендирајќи на марксизмот му ја противставуваат на империјализмот слободната конкуренција и демократијата, ја осудуваат замислата за багдадска железница која води кон конфликти и војна, искажуваат „невини желби“ за мир итн – сѐ до статистичарот на меѓународните емисии А. Најмарк, кој, пресметувајќи стотици милијарди франци „меѓународни“ вредности, извикуваше во 1912 година: „Зарем е можно да се претпостави дека мирот може да биде нарушен?…дека при така огромните цифри ќе се ризикува да се предизвика војна?“

Не треба да се чудиме на таквата наивност кај буржоаските економисти; ним тоа им е корисно да изгледаат толку наивни и „сериозно“ да зборуваат за мир при империјализмот. Но што остана од марксизмот кај Кауцки, кога тој во 1914, 1915, 1916 година застанува на истото тоа буржоаско-реформистичко гледиште и тврди дека „сите се согласни“ (империјалистите, квази-социјалистите и социјал-пацифистите) во однос на мирот? Наместо анализа и покажување на длабочината на противречностите на империјализмот гледаме само реформистичка „невина желба да се избегне, да се извлече од нив.

Еве мал пример на економска критика на империјализмот кај Кауцки. Тој зема податоци за извозот и увозот на Англија од Египет за 1872 и 1912 година; излегува дека тој извоз и увоз послабо растел одошто општиот извоз и увоз на Англија. И Кауцки заклучува: „Ние немаме никакви основи да мислиме дека без воена окупација на Египет трговијата со него, исклучив под влијанието на економските фактори, помалку би пораснала.“ „Стремежите на капиталот за експанзија“ „најдобро можат да се остварат не со насилни методи на империјализмот, туку со мирна демократија.“

Ова резонирање на Кауцки, што на сто начини го препева неговиот руски штитоносец (и руски засолнувач на социјал-шовинистите) г. Спектатор (24), претставува основа на критиката на империјализмот кај Кауцки, и затоа на него треба поподробно да се задржиме. Ќе почнеме со цитат од Хилфердинг, за чии заклучоци Кауцки повеќе пати, па и во април 1915 г. рече дека се „едногласно примени од сите социјалистички политичари.“

„Не е работа на пролетаријатот“ – пишува Хилфердинг – на попрогресивната капиталистичка политика да ѝ ја спротивставува изминатата политика од ерата на слободната трговија и непријателскиот однос спрема државата. Одговор на пролетеријатот на економската политика на финансискиот капитал, на империјализмот, не може да биде слободната трговија, туку само социјализмот. Цел на пролетерската политика сега не може да биде воспоставување на слободната конкуренција, – идеал што стана сега реакционерен – туку само полното уништување на конкуренцијата по пат на отстранување на капитализмот.“

Кауцки раскина со марксизмот, бранејќи го за епохата на финансискиот капитал „реакционерниот идеал“, „мирната демократија“, „самата тежина на економските фактори“, – зашто тој идеал објективно влече назад, од монополистичкиот капитализам кон немонополистички, тој е реформистичка лага.

Трговијата со Египет (или со друга колонија или полуколонија) „би пораснала“ посилно без воена окупација без империјализмот, без финансискиот капитал. Што значи тоа? Дека капитализмот би се развивал побрзо кога слободната конкуренција не би била ограничувана нити од монополите воопшто, нити од „врските“ или гнетот (т.е. исто така од монопол) од финансискиот капитал, нити од монополистичкото владеење на колониите од страна на одделни земји?

Друга смисла не можат да имаат резонирањата на Кауцки, а оваа „смисла“ е бесмислица. Да допуштиме дека е така, дека слободната конкуренција, без какви и да било монополи, би го развивала капитализмот и трговијата побрзо. Но колку е побрз развитокот на трговијата и капитализмот, толку е посилна концентрацијата на производството и капиталот, која го раѓа монополот. И монополите веќе се родија – токму од слободната конкуренција! Ако дури и монополите почнаа да го забаваат развитокот, сепак тоа не е аргумент за слободната конкуренција, која е невозможна откако го роди монополот.

Макар како да го вртите резонирањето на Кауцки, во него нема ништо освен реакционерност и буржоаски реформизам.

Ако го поправиме тоа резонирање, и ако кажеме, како што вели Спектатор: трговијата на англиските колонии со Англија сега се развива побавно одошто со другите земји, – ни тоа не го спасува Кауцки. Зашто Англија сито така ја бие монополот, исто така империјализмот само на друга земја (Америка, Германија). Познато е дека картелите доведоа до заштитни царини од нов, оригинален тип: се заштитуваат (тоа го одбележи уште Енгелс во III том на „Капитал“) токму оние производи што се за извоз. Познат е, понатаму, на картелите и на финансискиот капитал својствениот систем на „извоз по багателни цени“, на „демпинг“, како што велат Англичаните: внатре во земјата картелот ги продава своите производи по монополно висока цена, а во странство ги продава пошто-зашто – за да го минира конкурентот, за да го проширува до максимум своето производство итн. Ако Германија побрзо ја развива својата трговија со англиските колонии одошто Англија, – тоа само докажува дека германскиот империјализам е посвеж, посилен, поорганизиран, повисок од англискиот, но никако не ја докажува „надмоќноста“ на слободната трговија, зашто не се бори слободната трговија против протекционизмот, против колонијалната зависност, туку се бори еден империјализам против друг, еден монопол против друг, еден финансиски капитал против друг. Надмоќноста на германскиот империјализам над англискиот е посилна од ѕидот на колонијалните граници или заштитните царини: да се извлекува одовде „аргумент“ за слободната трговија и „мирната демократија“ е баналност, заборавање на основните црти и својства на империјализмот, замена на марксизмот со малограѓански реформизам.

Интересно е дека буржоаскиот економист А. Лансбург, кој исто така малограѓански како Кауцки го критикува империјализмот, сепак дошол до понаучна обработка на податоците од трговската статистика. Тој спореди не една случајно извлечена земја и само колонија со другите земји, туку го спореди извозот од империјалистичките земји 1) во земјите финансиски зависни од неа и од неа земаат пари на заем и 2) во земји финансиски независни. Се доби ова:

Извоз на Германија (милиони марки)
Земја18891908Пораст (%)
Во земји финансиски зависни од Германија
Романија48,270,847
Португалија19,032,873
Аргентина60,7147,0143
Бразил48,784,573
Чиле28,364,0114
Турција29,952,475
Вкупно234,8451,592
Во земји финансиски независни од Германија
Англија651,8997,453
Франција210,2437,9108
Белгија137,2322,8135
Швајцарија177,4401,1127
Австралија21,264,5205
Холандска Индија8,840,7363
Вкупно1.206,62.264,487

Лансбург не ги собирал цифрите и затоа, чудно, не забележал дека ако тие цифри што и да било докажуваат, докажуваат само против него, зашто извозот во финансиски зависните земји сепак пораснал побрзо, иако не многу, одошто во финансиски независните (го потцртуваме „ако“, зашто статистиката на Лансбург ни оддалеку не е полна).

Испитувајќи ја врската на извозот со заемите Лансбург пишува:
„Во 1890/91 год. беше склучен романскиот заем со посредство на германските банки, кои веќе во претходните години даваа аванси за сметка на тој заем. Заемот служеше главно за набавкка на железнички материјал, кој се добиваше од Германија. Во 1891 г. германскиот извоз во Романија изнесуваше 55 милиони марки. Следната година падна на 39,4 милиони и, со прекини, падна на 25,4 милиони во 1900 година. Дури последниве години повторно е достигнато рамништето од 1891 година – благодарејќи на двата нови заеми.

Германскиот извоз во Португалија порасна поради заемите од 1888/89 на 21,1 милиони (1890); потоа во следните две години падна на 16,2 и 7,4 милиони и го достигна своето старо рамниште дури во 1903 година.

Уште порелјефни се податоците за германското-аргентинската трговија. Поради заемите од 1888 и 1890 г. германскиот извоз во Аргентина достигна во 1889 г. 60,7 милиони. Две години подоцна извозот изнесуваше сѐ на сѐ 18,6 милиони, за една третина помалку од поранешниот. Дури во 1901 година е достигнато и надминато рамништето од 1889 година што беше сврзано со новите државни и градски заеми, со авансите за подигање на електрични централи и други кредитни операции.

Извозот во Чиле порасна поради заемот од 1889 година на 45,2 милиони (1892 и по една година падна на 22,5 милиони. По новиот заем, склучен со посредство на германските банки во 1906 г. извозот се качи на 84,7 милиони (1907), за одново да падне на 52,4 милиони во 1908 г.“

Лансбург извлекува од тие факти смешен малограѓански морал: дека извозот сврзан со заеми е несигурен и нерамномерен, дека не е добро да се извозуваат капитали во странство наместо „природно“ и „хармонично“ да се развива во домашната индустрија, дека на Круп „скапо“ му чинат милионските бакшиши при странските заеми итн. Но фактите зборуваат јасно: зголемувањето на извозот токму е сврзано со апашките махинации на финансискиот капитал, кој не се грижи за буржоаскиот морал и дере две кожи од волот: прво, профит од заемот, второ, профит од тој ист заем кога овој се троши за купување Крупови производи или железнички материјал од синдикатот за челик итн.

Повторуваме: ние никако не ја сметаме статистиката на Лансбург за совршенство, но таа требаше задолжително да се приведе, зашто таа е понаучна од статистиката на Кауцки и Спектатор, зашто Лансбург покажува како правилно се приоѓа кон прашањето. За да резонира за значењето на финансискиот капитал во извозот итн. човек треба да умее да ја издели врската на извозот специјално и само со махинациите на финансиерите, специјално и само со продажбата на картелските производи итн. А просто да се споредуваат колониите воопшто и не-колониите, еден империјализам и друг империјализам, една полуколонија или колонија (Египет) и сите други земји – значи да се заобиколува и да се заташкува токму суштината на работите.

Теоретската критика на империјализмот кај Кауцки затоа и нема ништо општо со марксизмот, затоа и служи само како увод во пропагирањето мир и единство со опортунистите и социјал-шовинистите, зашто таа критика ги обиколува и заташкува токму најдлабоките и најосновни противречности на империјализмот: противречноста меѓу монополите и слободната конкуренција која постои напоредно со нив, меѓу џиновските „операции“ (и џиновските профити) на финансискиот капитал и „чесната“ трговија на слободниот пазар, меѓу картелите и трустовите, од една страна и некартелизираната индустрија, од друга итн.

Сосем ист реакционерен карактер има и фамозната теорија на „ултраимперијализмот“, создадена од Кауцки. Споредете го неговото резонирање на таа тема во 1915 година со резонирањето на Хопсон во 1902 година:

Кауцки: „…Зарем не може сегашната империјалистичка политика да биде истисната од нова, ултраимперијалистичка, која на местото на меѓусебната борба на националните финансиски капитали ќе ја стави заедничката експлоатација на светот од страна на интернационално обединетиот финансискиот капитал? Таква нова фаза на капитализмот во секој случај може да се замисли. Дали таа може и да се оствари – за решение на тоа прашање нема уште доволни претпоставки.“

Хопсон: „Христијанството, кое се зацврсти во неколку големи федерални империи, од кои секоја има ред нецивилизирани колонии и зависни земји, им изгледа на многумина како најзаконит развиток на современите тенденции и тоа таков развиток кој влева најмногу надеж за траен мир врз цврстата база на интеримперијализмот.

Ултраимперијализам или надимперијализам Кауцки го нарече она што Хопсон тринаесет години пред него го нарече интеримперијализам или меѓуимперијализам. Освен ковањето нов премудар збор, со заменувањето на еден латински префикс со друг, напредокот на „научната“ мисла кај Кауцки се состои само во претензијата да се сервира како марксизам она што Хопсон го опишува, всушност, како лицемерство на англиските попови. По англобурската војна, сосем природно беше тоа многу почитувано сословие да ги управи главните усилби кон утешувањето на англиските малограѓани и работниците, кои имаа многу загуби во мртви во јужноафриканските борви и кои со зголемувањето на данокот го плаќаа гарантирањето на повисоките профити на англиските финансиери. А кое утешување би можело да биде подобро од она дек аимперијализмот не е така лош, дека тој е близок до интер- (или ултра-) империјализмот, кој може да осигури постојан мир? Колку и да биле добри намерите на англиските попови или на сладникавиот Кауцки, објективната, т.е. стварната социјална смисла на неговата „теорија“ е една и само една: најреакционерно утешување на масите со надежи во можноста за постојан мир при капитализмот со одвлекување на вниманието од острите противречности и острите проблеми на современоста и управувањето на вниманието кон лажни перспективи на некаков божем нов иден „ултраимперијализам“. Обманување на масите – освен тоа нема апослутно ништо во „марксистичката“ теорија на Кауцки.

Всушност, доволно е јасно да ги споредиме општопознатите, беспорни факти, па да се убедиме во тоа колку се лажни перспективите што сакаше Кауцки да им ги сугерира на германските работници (и на работниците од сите земји). Да ги земеме Индија, Индокина и Кина. Познато е дека тие три колонијални и полуколонијални земји со население од 6-7 стотини милиони се подложени на експлоатацијата на финансискиот капитал од неколку империјалистички држави: Англија, Франција, Јапонија, Соединетите држави итн. Да допуштиме дека тие империјалистички земји ќе склучат сојузи, еден против друг, за да ги одбранат или прошират своите поседи, интереси и „сфери на влијание“ во споменатите азиски држави. Тоа ќе бидат „интеримперијалистички“ или „ултраимперијалистички“ сојузи. Да допуштиме дека сите империјалистички држави ќе склучат сојуз заради „мирна“ поделба на споменатите азиски земји, – тоа ќе биде „интернационално обединет финансиски капитал.“ Фактички примери на таков сојуз имаме во историјата на XX век, на пр. во односите на државите спрема Кина. Се прашува: дали е „можно“ да се претпостави, под услов капитализмот да се зачува и натаму (а токму тој услов да го претпоставува Кауцки), дека таквите сојузи не ќе бидат краткотрајни? дека тие ќе ги исклучат разидувањата, конфликтите и борбата во секакви и во севозможни форми?

Доволно е јасно да го поставиме прашањето, па на него да не биде можен друг одговор освен негативен. Зашто при капитализмот не може да се замисли друга база за поделба на сферите на влијание, на интересите, колониите итн, освен силата на учесниците во делбата, силата општоекономска, финансиска, воена итн. А силата на тие учесници во делбата нееднакво се менува, зашто при капитализмот не може да има рамномерен развиток на одделни претпријатија, трустови, индустриски гранки, земји. Пред пол век Германија беше речиси ништо, ако ја споредиме нејзината капиталистичка сила со силата на тогашна Англија; исто така – Јапонија во споредба со Русија. Зарем е „можно“ да се претпостави дека за десет-дваесет години ќе остане неизменет односот на силите помеѓу империјалистичките држави? Апсолутно не е можно.

Затоа „интеримперијалистичките“ или „ултраимперијалистичките“ сојузи во капиталистичката стварност, а не во баналната малограѓанска фантазија на англиските попови или германскиот „марксист“ Кауцки – макар во каква форма тие сојузи да се склучуваат: било во форма од една империјалистичка коалиција против друга империјалистичка коалиција, било во форма на општ сојуз на сите империјалистички држави – неизбежно се само „предишки“ меѓу војните. Мирните сојузи ги подготвуваат војните и од своја страна израснуваат од војните, обусловувајќи ги едните другите, раѓајќи ја промената на формите на мирната и немирната борба од една и иста почва на империјалистичките врски и заемните односи на светското стопанство и светската политика. А премудриот Кауцки, за да ги успокои работниците и да ги помири со социјал-шовинистите, кои преминаа на страната на буржоазија, откинува една алка од единствениот синџир на друга, го откинува денешниот мирен (и ултраимперијалистички – дури ултра-ултраимперијалистички) сојуз на сите држави заради „смирување“ на Кина (потсетете се на задушувањето на боксерското востание (25)) од утрешниот немирен конфликт, кој го подготвува задутре пак „мирниот“ општ сојуз за поделба, да речеме, на Турција итн. итн. Наместо жива врска меѓу периодите на империјалистички мир и периодите на империјалистички војни, Кауцки им сервира на работниците мртва апстракција, за да ги помири со нивните мртви водачи.

Американецот Хил во својата „Историја на дипломатијата во меѓународниот развиток на Европа“ ги набележува во предговорот следниве периоди на најновата историја на дипломатијата: 1) ера на револуцијата; 2) уставно движење; 3) ера на „трговскиот империјализам“ на нашите дни. А еден автор ја дели историјата на „светската политика“ на Велика Британија од 1870 година на 4 периоди: 1) првиот азиски (борба против движењето на Русија во Средна Азија во правец на Индија); 2) африканскиот (приближно во 1885-1902), борба со Франција околу поделбата на Африка („Фашода“ 1898 – само за влакно што не дојде до војна со Франција); 3) вториот азиски (договорот со Јапонија против Русија) и 4) „европскиот“ – главно против Германија. „Политичките судирања на претходниците стануваат на финансиска база“, пишуваше уште во 1905 банкарскиот „функционер“ Рисер, укажувајќи на тоа како францускиот финансиски капитал, оперирајќи во Италија, подготвуваше политички сојуз на тие земји, како се одвиваше борбата на Германија и Англија околу Персија, борбата на сите европски капитали околу давањето заеми на Кина итн. Ете тоа е живата стварност на „ултраимперијалистичките“ мирни сојузи во нивната неразделна врска со просто-империјалистичките конфликти.

Заташкувањето на најдлабоките противречности на империјализмот од страна на Кауцки, кое неизбежно се претвора во разубавување на империјализмот, остава свои траги и врз критиката на политичките својства на империјализмот од страна на тој автор. Империјализмот е епоха на финансискиот капитал и на монополите, кои насекаде носат стремежи кон господство, а не кон слобода. Реакција по цела линија, при секаков политички поредок, крајно заострување на противречностите и во таа област се резултат на тие тенденции. Особено се заострува исто така националното угнетување и стремежот кон анексии, т.е. кон нарушувања на националната независност (зашто анексијата не е ништо друго туку нарушување на самоопределувањето на нациите). Хилфердинг правилно ја истакнува врската меѓу империјализмот и заострувањето на националното угнетување: „Што се однесува до новооткриените земји“ – пишува тој – „капиталот што се увозува таму ги засилува противречностите и предизвикува сѐ поголем и поголем отпор на народите, кај кои се разбудува националната свест, против туѓинците; тој отпор лесно може да премине во опасни мерки насочени против странскиот капитал. Од корен се револуционизираат старите социјални односи, се урива илјадогодишната аграрна изолираност на „вонисториските нации“, тие се вовлекуваат во капиталистичкиот вител. Самиот капитализам малку по малку им ги дава на покорените средствата и патиштата за нивното ослободување. И тие ја истакнуваат целта која некогаш за европските нации претставуваше нешто највисоко: создавање единствена национална држава како орудие за економска и културна слобода. Тоа движење кон независност го застрашува европскиот капитал во неговите најдрагоцени области на експлоатација кои ветуваат најсјајни перспективи, и европскиот капитал може да го одржува своето владеење само постојано зголемувајќи ги своите воени сили.“

Кон ова треба да се додаде дека не само во новооткриените, туку и во старите земји империјализмот води кон анексии, кон засилување на националното угнетување и, спрема тоа, и кон сѐ поостар отпор. Станувајќи против засилувањето на политичката реакција од страна на империјализмот, Кауцки го остава во сенка прашањето за невозможноста на единство со опортунистите во епохата на империјализмот, прашање што стана особено актуелно. Станувајќи против анексиите тој им придава на своите аргументи форма која е за опортунистите најмалку болна и која тие можат најлесно да ја прифатат. Тој непосредно се обрнува кон германската аудиторија, а сепак го заташкува токму најважното и најактуелното на пример, дека Елзас-Лотарингија е анексија од страна на Германија. За да го оцениме тоа „застранување на мислата“ на Кауцки, ќе земеме пример. Да претпоставиме дека Јапонецот ја осудува анексијата на Филипините од страна на Американцијте. Се прашува: дали многумина ќе поверуваат дека тој го прави тоа заради омраза спрема анексиите воопшто, а не од желба самиот тој да ги анектира Филипините? И зарем не ќе мораме да признаеме дека „борбата“ на Јапонецот против анексиите може да се смета искрена и политички чесна исклучиво во случај ако тој станува против анексијата на Кореја од страна на Јапонија, ако тој бара слобода на отцепување на Кореја од Јапонија?

И теоретската анализа на империјализмот кај Кауцки и неговата економска, а и политичка критика на империјализмот тотално се проникнати со дух – кој апсолутно не може да се помири со марксизмот – со заташкување и загладување на најосновните противречности, со стремежот по секоја цена во европското работничко движење да се одбрани расклатеното единство со опортунизмот.