За последниве 15-20 години, особено по Шпанско-американската (1898) и Англо-бурската (180-1902) војна, економската, а исто така и политичката литература на стариот и новиот свет сѐ почесто и почесто се запира на поимот „империјализам“ како карактеристика на епохата што ја преживуваме. Во 1902 година во Лондон и Њујорк излезе делото на англискиот економист Џ. А. Хопсон: „Империјализмот“. Авторот, кој стои на становништето на буржоаскиот социјал-реформизам и пацифизмот – истоветен, всушност, со сегашната позиција на бившиот марксист К. Кауцки, – даде многу добар и подробен опис на основните економски и политички особености на империјализмот. Во 1910 година во Виена излезе делото на австрискиот марксист Рудолф Хилфердинг: „Финансискиот капитал“ (рускиот превод: Москва, 1912). Без оглед на грешката на авторот по прашањето за теоријата на парите и на извесна склоност кон помирување на марксизмот со опортунизмот, ова дело претставува извонредно драгоцена теоретска анализа на „најновата фаза во развитокот на капитализмот“ – така гласи поднасловот на книгата на Хилфердинг. Всушност, она што се говореше последниве години за империјализмот – особено во огромното количество статии на таа тема во списанијата и весниците, а исто така и во резолуциите, на пример на конгресите во Хемниц и Базел, што се одржаа есента 1912 година – одвај ли излегуваше од кругот на идеите изложени или, поточно, резимирани кај двата споменати автори…
Понатаму ние ќе се обидеме накратко да ја изложиме, во колку се може попопуларна форма, врската и заемниот однос на основните економски особености на империјализмот. На неекономската страна на тоа прашање не можеме да се запираме, макар колку таа тоа да го заслужува. Повикувањата на литература и другите забелешки, кои посебно не ги интересираат сите читатели, ќе ги дадеме на крајот од брошурава.