В. И. Ленин
Империјализмот како највисок стадиум на капитализмот


I
КОНЦЕНТРАЦИЈАТА НА ПРОИЗВОДСТВОТО И МОНОПОЛИТЕ

Огромниот растеж на индустријата и вонредно брзиот процес на концентрација на производството во сѐ покрупни претпријатија претставуваат една од најкарактеристичните особености на капитализмот. Најполни и најточни податоци за тој процес ни даваат современите пописи во индустријата.
Во Германија, на пример, на секои илјада индустриски претпријатија во 1882 г. доаѓале три крупни, т.е. такви што имале повеќе од 50 наемни работници; во 1895 г. шест и во 1907 г. девет. На нив отпаѓале од секоја стотина работници: 22, 30 и 37. Но концентрацијата на производството е далеку посилна одошто концентрацијата на работниците, зошто во крупните претпријатија трудот е далеку попродуктивен. На тоа укажуваат податоците за парните машини и за електромоторите. Ако го земеме тоа што се нарекува во Германија индустрија во поширока смисла, т.е. вклучувајќи и трговијата и сообраќајот итн., ќе ја добиеме следната слика. Од 3,265.623, има крупни претпријатија 30.588, т.е. само 0,9%. Во нив има 5,7 милиони работници од 14,4 милиони т.е. 39,4%; парни коњски сили – 6,6 милиони од 8,8 милиони т.е. 75,3%; електрични – 1,2 милиони киловати од 1,5 милиони т.е. 77,2%.

Помалку од еден стоти дел од претпријатијата имаат повеќе од ¾ од вкупното количество парна и електрична енергија. На 2,97 милиони ситни претпријатија (до 5 наемни работници), кои сочинуваат 91% од вкупниот број на претпријатија, отпаѓаат само 7% од парната и електричната енергија! Десетици илјади најкрупни претпријатија се сѐ; милиони ситни се ништо.
Во Германија во 1907 година имало 586 претпријатија со 1000 и повеќе работници. На нив отпаѓа речиси десетти дел (1,38 милиони) од вкупниот број работници и речиси една третина (32%) од вкупното количество парна и електрична енергија. Паричниот капитал и банките, како што ќе видиме, ја прават таа надмоќност на грстот најкрупни претпријатија уште посилна и тоа во најбуквална смисла на зборот, т.е. милиони ситни, средни и дури и дел од крупните „сопственици“ фактички се наоѓаат во полно ропство на неколку стотици милионери-финансиери.

Во другата развиена земја на современиот капитализам, во Соединетите Држави на Северна Америка, уште е посилен растежот на концентрацијата на производството. Овде статистиката ја зема индустријата во потесна смисла на зборот и претпријатијата ги групира по големината на вредноста на годишното производство. Во 1904 година бројот на најкрупните претпријатија, со производство од 1 милион долари и повеќе, изнесуваше 1900 (од 216 180, т.е. 0,9%) – во нив работеа 1,4 милиони работници (од 5,5 милиони, т.е. 25,6%), а 5,6 милијарди долари изнесуваше вредноста на производството (од 14,8 милијарди, т.е.38%). По пет години, во 1909 година, следуваат овие цифри: 3060 претпријатија (од 268 491 – 1,1%) со 2 милиони работници (од 6,6 – 30,5%) и со 9 милијарди вредност на производството (од 20,7 милијарди – 43,8%).

Речиси половината од вкупното производство на сите претпријатија од земјата е во рацете на еден стоти дел од вкупниот број на претпријатија„ И тие три илјади претпријатија – гиганти – опфаќаат 258 индустриски гранки. Оттука е јасно дека концентрацијата, на извесен степен од нејзиниот развиток, самата се доведува, може да се каже, сосема близу до монопол. Зашто на неколку десетици гигантски претпријатија лесно им е да дојдат до меѓусебна согласност, а од друга страна отежнувањето на конкуренцијата, тенденцијата кон монопол се раѓа имено од крупниот размер на претпријатијата. Тоа претворање на конкуренцијата во монопол е една од најважните појави – ако не и најважна – во економиката на најновиот капитализам, па е нужно да се задржиме поподробно на него. Но најпрвин треба да отстраниме едно можно недоразбирање.
Американската статистика вели: 3000 гигантски претпријатија во 250 индустриски гранки. Како да доаѓаат се на се по 12 претпријатија од најголем размер на секоја гранка.

Но тоа не е така. Нема во секоја индустриска гранка крупни претпријатија; а од друга страна, вонредно важна особеност на капитализмот, кој достигнал највисок степен во развитокот, претставува таканаречената комбинација т.е. соединувањето во едно претпријатие разни гранки од индустријата, што претставуваат било сукцесивни степени на преработка на суровини (на пример, топење железо од руда и преработување железо во челик и потоа, можеби производи од челик), – било едната наспрема другата да игра помошна улога (на пример преработување на отпадоците или споредните продукти, производство на премети за пакување и сл.

„Комбинацијата, – пишува Хилфердинг, – ги изедначува разликите на конјуктурата и затоа на комбинирано претпријатие таа му осигурува поголема постојаност на профитната стопа. Второ, комбинацијата доведува до отстранување на трговијата. Трето, таа ги овозможува техничките усовршувања, а спрема тоа и остварувањето на дополнителна добивка во споредба со „чистите“ (т.е. некомбинирани) претпријатија. Четврто, таа ја зацврстува позицијата на комбинираното претпријатие во споредба со „чистото“ – го зајакнува во конкурентската борба во време на силна депресија (застој на работата, кризи) кога паѓањето на цените на суровините е помало од паѓањето на цените на фабрикатите.“

Германскиот буржоаски економист, Хајман, кој на опишувањето на „мешаните“, т.е. комбинираните претпријатија во германската индустрија на железо му посвети посебно дело, вели: „Чистите претпријатија паѓаат под ударите на високата цена на материјалите, при ниските цени на готовите производи“. Се добива ваква слика: „Останаа, од една страна, крупни компании за камен јаглен, кои добиваат неколку милиони тони јаглен, цврсто организирани во својот синдикат за камен јаглен; а потоа тесно сврзаните со нив големи леарници за челик со својот синдикат за челик. Тие гигантски претпријатија со годишно производство на челик од 400 000 тони (една тона = 60 пуда), со огромното добивање руда и камен јаглен, со производство на готови продукти од челик, со по 10 000 работници кои живеат по касарните од фабричките населби, понекогаш со свои сопствени железници и пристаништа, – се јавуваат како типични претставници на германската индустрија за железо. И концентрацијата напредува сѐ повеќе и повеќе. Одделни претпријатија стануваат се покрупни; се поголем број претпријатија од една иста индустриска гранка или од различни индустриски гранки се обединуваат во гигантски претпријатија, кои се опираат врз половина дузина берлински банки и се управуваат од нив. Во поглед на германската рударска индустрија точно е докажана правилноста на учењето на Карл Маркс за концентрацијата; вистина, тоа се однесува на земја во која индустријата е заштитена со царини и превозни тарифи. Рударската индустрија на Германија е зрела за експропријација.“

До таков заклучок морал да дојде овој, по исклучок, совесен буржоаски економист. Треба да се одбележи дека тој донекаде посебно ја изделува Германија, поради тоа што нејзината индустрија е заштитена со високи заштитни царини. Но таа околност можеше само да ја забрза концентрацијата и образувањето на монополистичките сојузи на капиталисти – картелите, синдикатите и сл. Извонредно е важно дека во земјата на слободна трговија, Англија, концентрацијата исто така доведува до монопол, иако малку подоцна и можеби во друга форма. Еве што пишува професор Герман Леви во специјалната студија за „Монополите, картелите и трустовите“ според податоците за економскиот развиток на Велика Британија:
„Во Велика Британија токму големите размери на претпријатијата и нивното високо техничко рамниште ја носат во себе тенденцијата кон монопол. Од една страна, концентрацијата доведе до тоа да мораат за претпријатијата а се трошат огромни суми капитал; затоа новите претпријатија стојат пред се поголеми барања во смисла на големината на потребниот капитал, и со тоа се отежнува нивното појавување. А од друга страна (и тоа место ние го сметаме за поважно), секое ново претпријатие, коа сака да застане на рамништето на гигантските претпријатија, создадени со концентрацијата, мора да произведува таков огромен одвишок производи, што продажбата со профит е можна само ако необично се зголеми побарувачката, а во спротивен случај тој одвишок од производи ги намалува цените до рамниште кое не е поволно за новата фабрика, ниту за монополистичките сојузи“. Во Англија монополистичките сојузи на капиталистите, картелите и трустовите, никнуваат во најголем дел – за разлика од другите земји во кои заштитните царини го олеснуваат картелизирањето – само тогаш кога бројот на главните конкурентски претпријатија се сведува на „некакви две дузини“. Влијанието на концентрацијата врз никнувањето на монополот во крупната индустрија овде се покажува со кристална јасност.“

Пред половина век, кога Маркс го пишуваше својот „Капитал“, на огромното мнозинство економисти слободната конкуренција им се чинеше „природен закон“. Официјалната наука се обиде со заговор на молчењето да го убие делото на Маркс, кое со теоретската и историската анализа на капитализмот докажа дека слободната конкуренција пораѓа концентрација на производството, а таа концентрација на извесен степен од својот развиток доведува до монопол. Сега монополот стана факт. Економистите пишува ридишта од книги опишувајќи одделни појави на монополот и продолжувајќи во хор да изјавуваат дека „марксизмот е побиен“. Но фактите се тврдоглава работа, како што вели англиската поговорка, – и со нив, сакаш-нејќеш, мораш да сметаш. Фактите покажуваат дека разликите помеѓу одделни капиталистички земји, на пример во однос на протекционизмот или слободната трговија, обусловуваат сосема несуштествени разлики во формата на монополите, или во времето на нивното појавување, а пораѓањето на монополот поради концентрацијата на производството е општ и основен закон на современиот стадиум од развитокот на капитализмот.

За Европа доста точно може да се утврди времето на дефинитивната смена на стариот капитализам со новиот: тоа е токму почетокот а XX век. Во еден од најновите прегледи на историјата на „образувањето на монополите“ читаме:
„Од епохата до 1860 година може да се приведат одделни примери на капиталистички монополи; во нив можат да се откријат никулци на оние форми што сега се толку обични; но сето тоа се безусловно предисториски времиња за картелите. Вистинскиот почеток на современите монополи паѓа, најрано, во шеесеттите години од минатиот век. Првиот крупен период од развитокот на монополите започнува од времето на меѓународната индустриска депресија во 1870-те години и трае до почетокот на 1890-те години. Тогаш Англија ја заврши изградбата на својата капиталистичка организација од стар стил. Во Германија таа организација стапи во решителна борба против занаетчиството и домашната индустрија и почна да создава свои форми на постоење.“

„Големиот пресврт почнува од крахот во 1873 година или, поточно, од депресијата што дојде по него и која со одвај забележлив прекин во почетокот на осумдесеттите години и со необично силниот, но краток полет околу 1889 година – исполнува 22 години од европската економска историја“. „За време на краткиот период на полет од 1889/90 годна многу се служеа со картелите за искористување на конјунктурата. Необмислената политика ги зголемуваше цените уште побрзо и уште посилно одошто би станало тоа без картелите, и речиси сите тие картели завршија неславно „во гробот на крахот“. Изминаа уште 5 години на слаба деловност и ниски цени, но во индустријата повеќе не владееше истото расположение. Депресијата повеќе не ја сметаа како нешто што се разбира само по себе, во неа гледаа само пауза пред новата поповолна конјунктура.“

„Ете така стапи во својата втора епоха движењето на картелите. Наместо преодна појава картелите стануваат една од основите на целиот стопански живот. Тие освојуваат една по друга област на индустријата, а во прв ред преработката на суровини. Веќе во почетокот на деведесеттите години картелите во организацијата на синдикатот за кокс, по чиј образец е организиран синдикатот за јаглен, најдоа таква картелна техника, понатаму од која движењето всушност не отиде. Големиот полет кон крајот на XIX век и кризата од 1900-1903 година стојат – барем во рударската индустрија и во металургијата – прв пат наполно под знакот на картелите. И ако тогаш тоа изгледаше како нешто ново, денес за широката општествена свест стана очигледна вистина дека големи делови од стопанскиот живот се одземени, како општо правило, од слободната конкуренција.“

И така, основните етапи на историјата на монополите се: 1) во шеесеттите и седумдесеттите години – највисок, краен степен од развитокот на слободната конкуренција. Монополите се едвај забележливи никулци. 2) По кризата од 1873 година широка фаза на развитокот на картелите, но тие се уште се исклучок. Уште не се цврсти. Уште се преодна појава. 3) Полет кон крајот на XIX век и кризата од 1900-1903: картелите стануваат една од основите на целиот стопански живот. Капитализмот се претвори во империјализам.

Картелите се спогодуваат за условите продажба, за роковите за плаќање итн. Тие меѓу себе го делат пазарот. Тие го одредуваат количеството продукти што треба да се произведат. Тие ги определуваат цените. Тие го распределуваат профитот помеѓу одделни претпријатија итн.

Бројот на картелите во Германија се определуваше приближно на 250 во 1896 година и на 385 во 1905 година; во нив учествуваа околу 12 000 претпријатија. Но сите признаваат дека овие цифри се многу ниски. Од горе приведените податоци на германската индустриска статистика за 1907 година се гледа дека дури 12 000 најкрупни претпријатија концентрираат, сигурно, повеќе од половината на вкупното количество парна и електрична енергија. Во САД бројот на трустовите се определуваше во 1900 година на 185; во 1907 година на 250. Американската статистика ги дели сите индустриски претпријатија на претпријатија што им припаѓаат на одделни лица на фирми и на корпорации. На последните во 1904 година им припаѓаа – 23,6%, во 1909 година 25,9% т.е. повеќе од четвртина од вкупниот број на претпријатијата. Во тие претпријатија имало 70,6% работници во 1904 и 75,6%, три четвртини од вкупниот број, во 1909 година; обемот на производството беше 10,9 и 16,3 милијарди долари, т.е. 73,7% и 79,0% од вкупната сума.

Во рацете на картелите и трустовите се концентрирани неретко седум до осум десеттини од целокупното производство на дадената индустриска гранка. Рајнско-вестфалскиот синдикат за камен јаглен во времето на своето создавање во 1893 година концентрираше 86,7% од целокупното производство на јаглен во таа област, а во 1910 година веќе 95,4%. Монополот што се создава на тој начин – осигурува џиновски приходи и води кон создавање техничко-производствени единици од огромни размери. Прочуениот петролејски труст во САД (Standard Oil Company) беше основан во 1900 година. „Неговиот капитал изнесуваше 150 милиони долари. Беа емитувани обични акции за 100 милиони и привилегирани акции за 106 милиони. На овие последниве се исплатуваше дивиденда во 1900-1907 година: 48,48,45,44,36,40,40,40%, вкупно 467 милиони долари. Од 1882 до 1907 година чистата добивка изнесуваше 889 милиони долари; од тоа 606 милиони се исплатени како дивиденда, а остатокот отиде во резервен капитал.“ „Во сите претпријатија од трустот за челик (United States Steel Corporation) иаше во 1907 година не помалку од 210 180 работници и службеници. Најкрупното претпријатие од германската рударска индустрија, Гелзенкирхенското рударско друштво (Gelsenkirchener Bergwerksgesellschaft) имаше во 1908 година 46 048 работници и службеници.“ Уште во 1902 година трустот за челик произведуваше 9 милиони тони челик. Неговото производство на челик изнесуваше во 1901 година 66,3% а во 1908 година 56,1% од целокупното производство на челик во Соединетите држави; добивањето на руда 43,9% и 46,3%, за истите години.

Извештајот на американската владина комисија за трустовите вели: „Нивната надмоќ над конкурентите се базира врз крупните размери на нивните претпријатија и на нивната превосходно поставена техника. Тутунскиот труст од самото свое основање ги вложуваше сите усилби кон тоа во широки размери да го замени насекаде рачниот труд со машински. За таа цел ги купуваше сите патенти што има каква и да било врска со преработката на тутунот и за тоа потроши огромни суми. Многу патенти во почетокот беа неупотребливи, и нив мораа да ги дотеруваат инженерите на работа во тој труст. Кон крајот на 1906 година беа создадени две филијални друштва исклучиво со цел да купуваат патенти. За истата цел трустот создаде свои леарници, фабрики за машини и работилници за поправка. Едно од тие претпријатија, во Бруклин, запослува просечно 300 работници; тука се вршат експерименти со пронајдоците за производството на цигари, мали цигари, бурмут, станиол за пакување, кутии итн.; тука, значи се усовршуваат пронајдоците.“ „И другите трустови имаат кај себе таканаречени developing engineers (инженери за развивање на техниката), чија задача е да пронаоѓаат нови методи на производството и да ги испитуваат техничките подобрувања. Трустот за челик им плаќа на своите инженери и работници високи преми за пронајдоците што можат да ја усовршат техниката или да ги намалат трошоците на производството.“

На сличен начин е организирана работата над техничките подобрувања во германската крупна индустрија, на пример, во хемиската, која во последниве децении толку џиновски се разви. Процесот на концентрацијата на производството веќе во 1908 година создаде во таа индустрија две главни „групи“, кои на сој начин исто така се приближија кон монопол. Во почетокот тие групи беа „двојни сојузи“, два чифта најкрупни фабрики, секоја со капитал од 20-21 милион марки: од една страна, бившата Мајстерова фабрика во Хост и фабриката на Касел во Франкфурт на Мајна, од друга страна, фабриката за анилин и сода во Лудвигсхафен бившата Баерова фабрика во Елберфелд. Тогаш тие групи – едната во 1905 година, другата во 1908 година – склучија спогодба секоја со уште една крупна фабрика, Настанаа два „тројни сојузи“, со капитал од 40-50 милиони марки секој, и меѓу тие „сојузи“ веќе почнаа „зближување“, “спогодување“ за цените итн.

Конкуренцијата се претвора во монопол. Резултат е џиновски напредок кон обоштествување на производството. Посебно се обопштествува и процесот на техничките пронајдоци и усовршувања.
Тоа веќе е нешто сосем друго одошто старата слободна конкуренција на распрснатите капиталисти, кои не знаат ништо еден за друг и кои произведуваат за продажба на непознатиот пазар. Концентрацијата дојде до таму што може да се изврши приближна процена на сите извори на суровини (на пример, наоѓалиштата на железна руда) во дадената земја, и дури, како што ќе видиме, во низа земји, во целиот свет. Таквата проценка не само што се врши туку тие извори се приграбуваат во едни раце од џиновските монополистички сојузи. Се врши приближна проценка на капацитетите на пазарот што меѓу себе, според договор, тие сојузи го „делат“. Се монополизира квалификуваната работна сила, се најмуваат најдобрите инженери, се приграбуваат патиштата и сообраќајните средства – железниците во Америка, парабродските друштва во Европа и во Америка. Во својот империјалистички стадиум капитализмот сосем доведува до најсестрано обопштествување на производството, тој, така да се каже, ги вовлекува капиталистите против нивната волја и свест, во некој нов општествен поредок, во преоден поредок од полна слобода на конкуренцијата кон полно обопштествување.

Производството станува општествено, но присвојувањето останува приватно. Општествените средства за производство остануваат приватна сопственост на мал број лица. Општите рамки на формално признаваната слободна конкуренција остануваат, а гнетот на мал број монополисти над останатото население станува сто пати потежок, почувствителен, понеподнослив.

Германскиот економист Кестнер и посвети посебно дело на „борбата помеѓу картелите и аутсајдерите“, т.е. на оние капиталисти што не влегуваат во картел. Тој го нарече тоа дело „Принудување кон организација“, додека би требало да се говори, се разбира, за да не се разубавува капитализмот, за принудување да им се потчинат на сојузите на монополите. Поучно е да се фрли поглед макар само на листата на оние средства од современата, најнова, цивилизирана борба за „организација“ кон која прибегнуваат сојузите на монополистите: 1) лишување од суровини (… „еден од најважните начини на принудување да се стапи во картел“); 2) лишување од работна сила со помошта на „алијансите“ (т.е. со спогодбите помеѓу капиталистите и работничките сојузи за тоа овие да примаат на работа само во картелизираните претпријатија); 3) лишување од превоз; 4) лишување од пазарот; 5) договор со купувачот дека овој ќе стапува во трговски врски исклучиво со картелите; 6) планско соборување на цените (за да се упропастат „аутсајдерите“, т.е. претпријатијата што не им се потчинуваат на монополистите, се трошат милиони за тоа да се продава некое време под цената на чинењето: во индустријата на бензин имаше примери за намалување на цените од 40 на 22 марки, т.е. речиси наполу; 7) лишување од кредит; 8) објавување бојкот.

Ова повеќе не е конкурентска борба помеѓу ситни и крупни, технички заостанати и технички напредни претпријатија. Ова е од страна на монополистите задушување на оние што не му се потчинуваат на монополот, на неговиот гнет, на неговиот произвол. Еве како тој процес се одразува во свеста на буржоаскиот економист:

„Дури и во областа на чисто стопанската дејност – пишува Кестнер, – доаѓа до извесно изместување од трговска дејност во поранешна смисла кон организаторско-шпекулативна. Најголем успех постига не трговецот кој врз основа на своето техничко и трговско искуство најдобро ги разбира потребите на купувачите, кој умее да го најде и, така да се каже, да го „открие“ бараното, што се наоѓа сѐ уште во скриена состојба, туку шпекулативниот гениј (?!), кој умее однапред да пресмета или барем однапред да го почувствува организациониот развиток, можноста за извесни врски помеѓу одделните претпријатија и банките…“

Преведено на човечки јазик тоа значи: развитокот на капитализмот дојде дотаму што производството на стоки, иако тоа како и порано „владее“ и се смета за основа на целото стопанство, фактички веќе е поткопано, па главните профити и извлекуваат „гениите“ на финансиските махинации. Во основата на тие махинации и измами лежи обопштествувањето на производството, но џиновскиот напредок на човештвото, кое со трудот дојде до тоа обопштествување, им оди во прилог на… шпекулантите. Подолу ќе видиме како „врз таа основа“ еснафско-реакционерната критика на капиталистичкиот империјализам мечтае за враќање назад, кон „слободната“, „мирна“, „чесна“ конкуренција.

„Трајното зголемување на цените како резултат на образувањето на картелите – вели Кестнер – досега се забележуваше само кај најважните средства за производство, особено кај камениот јаглен, железото, калиумот; и обратно – никогаш не се забележуваше кај готовите производи. Зголемувањето на рентабилноста што е во врска со тоа, се ограничуваше исто така на индустријата која произведува средства за производство. Ова посматрање треба уште да се дополни со тоа што индустријата која преработува суровини (а не полуфабрикати) не само што извлекува користи во форма на високи профити, благодарејќи на образувањето на картелите, на штета на индустријата што се занимава со понатамошната преработка на полуфабрикати, туку спрема таа индустрија дојде и во извесен однос на господство, што го немаше во времето на слободната конкуренција.“

Зборовите што ги подвлековме ја покажуваат онаа суштина на работите така што нерадо и ретко ја признаваат буржоаските економисти и од која така усрдно настојуваат да се извлечат и во која толку не сакаат да влегуваат денешните бранители не опортунизмот со К. Кауцки на чело. Односот на господството и со него сврзаното насилство – ете што е типично за „најновата фаза во развитокот на капитализмот“, ете што мораше, неизбежно да произлезе и што произлезе од образувањето на семоќните економски монополи.

Ќе приведеме уште еден пример на господарење на картелите. Таму каде што може да се приграбат во свои раце или главните извори на суровини, никнувањето на картелите и образувањето на монополите е особено лесно. Но би било погрешно да се мисли дека монополите не никнуваат и во другите индустриски гранки, во кои приграбувањето на изворите на суровини е неможно. За цементната индустрија суровини има насекаде. Но и таа индустрија во Германија е силно картелизирана. Фабриките се обединија во синдикати по области: јужно-германски, рајнско-вестфалски итн. Утврдени се монополни цени: 230-280 марки за вагон, додека цената на чинењето изнесува 180 марки! Претпријатијата даваат 12-16 отсто дивиденда, при што не треба да се заборави дека „гениите“ на современата шпекулација умеат во своите џебови да канализираат големи суми профит освен она што се дели како дивиденда. За да ја отстранат конкуренцијата од индустријата што носи толку профит, монополистите прибегнуваат дури и кон трикови: шират лажни гласови за лоша положба на индустријата, печатат анонимни огласи во весниците: „Капиталисти! Одбегнувајте да вложувате капитали во цементната индустрија“; најпосле, ги купуваат претпријатијата од „аутсајдерите“ (т.е. од оние што не учествуваат во синдикатите), им плаќаат „отштета“ од 60-80-150 илјади марки. Монополот си го расчистува патот насекаде и на сите можни начини, почнувајќи од „скромното“ плаќање отштета, па сѐ до американската „употреба“ на динамит против конкурентот.

Отстранувањето на кризите со помош на картелите е приказна на буржоаските економисти, кои сакаат на секој начин да го разубават капитализмот. Напротив, монополот што се создава во некои индустриски гранки ја зајакнува и ја заострува хаотичноста што му е својствена, општо земено на целото капиталистичко производство. Несразмерот во развитокот на земјоделството и индустријата, карактеристичен за капитализмот воопшто, станува уште поголем. Привилегираната положба што ја има најсилно картелизираната, таканаречената тешка индустрија, особено јагленот и железото доведува во другите индустриски гранки „до уште поголемо немање план“, како што признава Јајделс, автор на една од најдобрите работи за „односот на германските крупни банки спрема индустријата.“
„До колку народното стопанство е поразвиено, – пишува Лифман, безобѕирен бранител на капитализмот, – до толку тоа повеќе се обрнува кон порискантните или странските претпријатија, кон такви што бараат долго време за својот развиток или, најпосле, кон такви што имаат само локално значење“. Сѐ поголемиот ризик е сврзан, на крајот на краиштата, со џиновскиот растеж на капиталот, кој, така да се каже, се прелева, истечува во странство итн. А наедно со тоа сѐ побрзиот растеж на техниката носи со себе сѐ повеќе елементи на несразмер помеѓу различни страни од народното стопанство, на хаотичност, кризи. „Веројатно – принуден е да признае истиот Лифман – во блиска иднина човештвото го чекаат одново големи пресврти во областа на техниката што ќе имаат влијание и врз организацијата на народното стопанство“… електрицитетот, воздухопловството… „Обично и по општо правило во такви времиња на коренити економски промени се развива силна шпекулација“.
А кризите – од секаков вид, најчесто економските, но не само економски – од своја страна ја зголемуваат во огромни размери тенденцијата кон концентрација и кон монопол. Еве го вонредно поучното резонирање на Јајделс за значењето на кризата од 1900 година, криза која, како што знаеме, изигра улога на пресвртна точка во историјата на најновите монополи:
„Кризата од 1900 година затече освен џиновските претпријатија во главните индустриски гранки уште многу претпријатија со организација која по денешните сфаќања е застарена, „чисти“, (т.е. некомбинирани) претпријатија“, „што ги крена во височина бранот на индустрискиот полет. Паѓањето на цените и намалувањето на побарувачката ги доведоа тие „чисти претпријатија во катастрофална положба, која воопшто не ги засегна комбинираните џиновски претпријатија или ги засегна сосема кратко време. Поради тоа кризата од 1900 година доведе во неспоредливо поголема мера до индустриска концентрација одошто кризата од 1873 година; оваа вистина изврши извесна селекција на најдобрите претпријатија, но при тогашното ниво на техниката таа селекција не можеше да доведе до монопол на претпријатијата кои успеаја победоносно да излезат од кризата. Токму таков траен монопол, и тоа во голема степен, имаат џиновските претпријатија од денешната црна металургија и електричната индустрија, благодарејќи на својата многу сложена техника, на својата широко спроведена организација, на моќта на својот капитал, а потоа во помала степен и претпријатијата од индустријата за машини, извесни гранки од металската индустрија, сообраќајот итн.“

Монопол – тоа е последниот збор од „најновата фаза во развитокот на капитализмот“. Но нашите претстави за вистинската сила и значење на современите монополи би биле крајно недоволни, неполни, пренамалени, ако не ја земеме предвид улогата на банките.