Основна и првобитна операција на банките е посредување при плаќањата. Во врска со тоа банките го претвораат неактивниот паричен капитал во активен, т.е. таков што донесува профит, ги собираат сите можни парични доходи и ѝ ги ставаат на располагање на капиталистичката класа.
Со развитокот на банкарството и неговата концентрација во мал број установи, банките прерастуваат од скромната улога на посредници во семоќни монополисти што располагаат речиси со целиот паричен капитал на сите капиталисти и на ситните стопанственици, а исто така и со поголемиот дел од средствата за производство и изворите на суровини во дадената земја и во цела низа земји. Тоа претворање на многубројните скромни посредници во грст монополисти претставува еден од основните процеси на прерастувањето на капитализмот во капиталистички империјализам, и затоа во прв ред треба да се задржиме на концентрацијата на банкарството.
Во 1907/8 година влоговите на сите акционерски банки во Германија со капитал од над 1 милион марки изнесуваа 7 милијарди марки; во 1912/13 – веќе 9,8 милијарди. За пет години зголемување од 40% при што од тие 2,8 милијарди зголемувањето од 2,75 милијарди отпаѓа на 57 банки со капитал од над 10 милиони марки. Распределувањето на влоговите меѓу големите и малите банки било вакво:
| Година | Во 9 големи берлински банки | Во другите 48 банки со капитал над 10 мил. марки | Во 115 банки со капитал 1–10 мил. марки | Во мали банки (капитал под 1 мил. марки) |
|---|---|---|---|---|
| 1907/8 | 47 | 32,5 | 16,5 | 4 |
| 1912/13 | 49 | 36 | 12 | 3 |
Малите банки се истиснати од крупните, од кои сѐ на сѐ девет ја концентрираат речиси половината од сите влогови. А овде уште не е земено предвид многу нешто, на пример претворањето на цела низа мали банки во фактички филијали на крупните итн., за кое подолу ќе стане збор.
Кон крајот на 1913 година Шулце-Геверниц ги оценуваше влоговите кај 9 крупни берлински банки на 5,1 милијарди марки од вкупната сума од околу 10 милијарди. Земајќи ги предвид не само влоговите, туку целиот банковен капитал, истиот автор пишуваше: „Кон крајот на 1909 година 9 крупни берлински банки, заедно со здружените со нив банки, управуваа со 11,3 милијарди марки, т.е. со околу 83% од вкупната сума на германскиот банковен капитал. „Германската банка („Deutsche Bank“), која, заедно со здружените со неа банки, управува со сума од околу 3 милијарди марки, претставува, напоредно со пруската дирекција на државните железници, најкрупна – и при тоа вонредно децентрализирана – акумулација на капиталот во стариот свет.“
Го подвлековме укажувањето на „здружените“ банки, зашто тоа се однесува на една од најважните карактеристични особености на најновата капиталистичка концентрација. Крупните претпријатија, особено банките, не само што директно ги голтаат ситните, туку и ги „присоединуваат“ кон себе, ги потчинуваат, ги вклучуваат во „својата“ група, во својот „концерн“ – како што гласи техничкиот термин – по пат на „учество“ во нивниот капитал, по пат на купување или размена на акциите, со системот на кредитирање итн., итн. Професор Лифман му посвети цел огромен „труд“ од половина илјада страни на опишувањето на современите „друштва за учество и финансирање“ – за жал, додавајќи кон често непроверениот суров материјал „теоретски“ расудувања од многу лош квалитет. До каков резултат, во смисла на концентрацијата, доведува тој систем на „учества“, најдобро е покажано на делото на банкарскиот „функционер“ Рисер за германските крупни банки. Но пред да преминеме кон неговите податоци, ќе приведеме еден конкретен пример од системот на „учества“.
„Групата“ на „Германската банка“ е една од најкрупните, ако не и најкрупна од сите групи големи банки. За да ги земеме предвид главните нишки со кои меѓусебно се поврзани сите банки од таа група, треба да се разликува „учеството“ од прв, втор и трет степен или, што е исто, зависноста (на помалите банки од „Германската банка“) од прв, втор и трет степен. Се добива следнава слика:
| Учество | Зависност од прв степен | Зависност од втор степен | Зависност од трет степен |
|---|---|---|---|
| Трајно | во 17 други банки | 9 од 17 учествуваат во 34 други банки | 4 од 9 учествуваат во 7 други банки |
| На неопределено време | во 5 други банки | — | — |
| Повремено | во 8 други банки | 5 од 8 учествуваат во 14 други банки | 2 од 5 учествуваат во 2 други банки |
| Вкупно | во 30 други банки | 14 од 30 учествуваат во 48 други банки | 6 од 14 учествуваат во 9 други банки |
Во 8 банки од „прв степен на зависност“, потчинети на „Германската банка“ „од време на време“ влегуваат три странски банки: една австриска (виенскиот „Банкарски сојуз“ – „Bankverein“) и две руски (Сибирската трговска и Руската банка за надворешна трговија). Во групата на „Германската банка“ сѐ на сѐ влегуваат, директно и индиректно, наполно или делумно, 87 банки, а вкупната сума на капиталот, свој и туѓ, со кој располага групата, се оценува на 2-3 милијарди марки.
Јасно е дека банката што стои на чело на таквата група и која склучува договори со половина дузина други банки, кои многу не заостануваат зад неа, со цел да се изведуваат особено големи и доходни финансиски операции, како што се државните заеми, веќе ја надраснала улогата на „посредник“ и се претворила во сојуз на грст монополисти.
Со каква брзина токму кон крајот на XIX и почетокот на XX век напредуваше концентрацијата на банкарството во Германија, се гледа од следните податоци на Рисер, што ги даваме во скратена форма:
| Година | Филијали во Германија | Депозитни каси и менувачници | Трајни учества во германски акционерски банки | Вкупно установи |
|---|---|---|---|---|
| 1895 | 16 | 14 | 1 | 42 |
| 1900 | 21 | 40 | 8 | 80 |
| 1911 | 104 | 276 | 63 | 450 |
Гледаме колку брзо израснува густата мрежа канали што ја опфаќаат целата земја, ги централизираат сите капитали и парични приходи, ги претвораат илјади и илјади раздробени стопанства во едно општонационално капиталистичко, а потоа и светскокапиталистичко стопанство. „Децентрализацијата“ за која во горенаведениот цитат говореше Шулце-Геверниц од името на денешната буржоаска политичка економија, всушност се состои во потчинување кон еден центар на сѐ поголем и поголем број стопански единици кои порано биле релативно „самостојни“ или, поточно, локално (месно) ограничени. Всушност, значи, тоа е централизација, јакнење на улогата на значењето, на силата на монополистичките џинови.
Во постарите капиталистички земји таа „банкарска мрежа“ е уште погуста. Во Англија со Ирска во 1910 година бројот на филијалите на сите банки беше 7.151. Четири крупни банки имаа секоја над 400 филијали (од 447 до 689), потоа уште 4 над 200 и 11 над 100.
Во Франција, трите најкрупни банки: Credit Lyonnais, Comptoir National и Societe Generale ги развиваа своите операции и мрежата на своите филијали вака:
| Година | Филијали во провинцијата | Филијали во Париз | Вкупно филијали | Сопствен капитал (мил. фр.) | Влогови употребени како капитал (мил. фр.) |
|---|---|---|---|---|---|
| 1870 | 47 | 17 | 64 | 200 | 427 |
| 1890 | 192 | 66 | 258 | 265 | 1.245 |
| 1909 | 1.033 | 196 | 1.229 | 887 | 4.363 |
За карактеристика на „врските“ на современата крупна банка Рисер приведува податоци за бројот на писмата што ги пратило и примило „Дисконтното друштво“ („Disconto-Gesellschaft“), една од најголемите банки во Германија и во целиот свет (нејзиниот капитал во 1914 година се качи на 300 милиони марки):
| Година | Примени писма | Испратени писма |
|---|---|---|
| 1852 | 6.135 | 6.292 |
| 1870 | 85.800 | 87.513 |
| 1900 | 533.102 | 626.043 |
Во крупната париска банка „Лионски кредит“ бројот на текуштите сметки се качи од 28.535 во 1875 на 633.539 во 1912 година.
Овие прости цифри покажуваат можеби понагледно одошто другите расудувања како со концентрацијата на капиталот и со порастот на банкарскиот промет од основата се менува значењето на банките. Од расцепканите капиталисти настанува еден колективен капиталист. Водејќи текушти сметки за неколку капиталисти, банката како да врши чисто техничка, исклучиво помошна операција. А кога таа операција израснува до џиновски размери, тогаш се покажува дека грст монополисти ги потчинува под себе трговските и индустриските операции на целото капиталистичко општество, добивајќи можност – преку врските на банките, преку текуштите сметки и другите финансиски операции – отпрвин точно да се известува за состојбата на работите кај поодделни капиталисти, потоа да ги контролира, да влијае врз нив по пат на проширување или стеснување, олеснување или отежнување на кредитите, и на крај наполно да ја определува нивната судбина, да ја определува нивната рентабилност, да ги лишува од капиталот или да им овозможува брзо и во огромни размери да го зголемуваат својот капитал итн.
Пред малу го спомнавме капиталот од 300 милиони марки на „Дисконтното друштво“ во Берлин. Тоа зголемување на капиталот на „Дисконтното друштво“ беше една од епизодите на борбата за хегемонија помеѓу двете најголеми берлински банки „Германската банка“ и „Дисконтното друштво“. Во 1870 година првата уште беше нова и имаше капитал од сѐ на сѐ 15 милиони, втората од 30 милиони. Во 1908 година првата имаше капитал од 200 милиони, втората од 170 милиони. Во 1914 година првата го покачи капиталот на 250 милиони, втората по пат на фузија со друга првокласно крупна банка „Шафхаузенската сојузна банка“, на 300 милиони. И, се разбира, таа борба за хегемонија се води напоредно со сѐ почестите и поцврсти „спогодби“ помеѓу обете банки. Еве, какви заклучоци им наметнува тој ток на развиток на специјалистите за банкарство, кои гледаат на економските прашања од гледиштето кое никако не ги минува рамките на најумерено и најакуратно буржоаско реформаторство:
„Другите банки ќе тргнат по истиот пат“ – пишуваше германското списание „Банка“ по повод зголемувањето на капиталот на „Дисконтното друштво“ на 300 милиони – „и од 300 луѓе кои денес економски ја управуваат Германија со време ќе останат 50,25 или уште помалку. Не може да се очекува дека најновото движење за концентрација ќе се ограничи само на банкарството. Тесните врски помеѓу поодделни банки, природно, доведуваат и до зближување на индустриските концерни на кои тие банки им се покровители… Еден убав ден ќе се разбудиме, и пред нашите вчудовидени очи ќе се покажат само трустови; пред нас ќе стои неопходноста да ги замениме приватните монополи со државни монополи. И при сето ова, ние немаме ништо што да си префрлиме друго освен за тоа што сме пуштиле слободно движење на развитокот на нештата, малу забрзано од акцијата“.
Еве пример за беспомошноста на буржоаската публицистика, од која буржоаската наука се разликува само со помала искреност и со стремеж да се заташка суштината на работите, со прикривање на шума со дрвјата. „Да се вчудовидува“ пред последиците на концентрацијата, да ѝ се „префрлува“ на владата на капиталистичка Германија или на капиталистичкото „општество“ („ние“), да се плаши од „забрзувањето“ на концентрацијата заради воведувањето на акциите, како што еден германски специјалист „за картелите“, Чиршки, се плаши од американските трустови и ги „претпочита“ германските картели, зашто тие божем не можеле „така претерано да го забрзуваат техничкиот и економскиот прогрес како трустовите“ – зарем тоа не е беспомошност?
Но фактите остануваат факти. Во Германија нема трустови, туку има „само“ картели, но неа ја управуваат најмногу 300 магнати на капиталот. И нивниот број постојано се намалува. Во секој случај, банките во сите капиталистички земји, при сите варијанти на законодавството за банките – многукатно го зајакнуваат и го забрзуваат процесот на концентрацијата на капиталот и образувањето на монополите.
„Банките создаваат во општествени рамки форма, но токму само форма, на општо книговодство и општа распределба на средствата за производство“, – пишуваше Маркс пред половина век во „Капитал“ (рус. прев., том III, дел II, стр. 144). Приведените податоци за порастот на банковниот капитал, за зголемувањето на бројот на филијалите и менувачниците на најкрупните банки, бројот на нивните текушти сметки итн., ни го покажуваат конкретно тоа „општо книговодство“ на целата капиталистичка класа и дури не само на капиталистичката, зашто банките ги собираат, макар и само за некое време, сите можни парични приходи и од ситните стопанственици и од службениците и од незначајниот горни слој работници. „Општата распределба на средствата за производство“, – ете што расте од формална страна, од современите банки, од кои некои три до шест најкрупни банки во Франција, шест до осум во Германија, располагаат со милијарди и милијарди. Но по својата содржина таа распределба на средствата за производство никако не е „општа“, туку приватна, т.е. сообразена со интересите на крупниот – и во прв ред најкрупниот, монополистичкиот – капитал, кој дејствува во условите во кои маса од населението живее гладувајќи, во кои целиот развиток на земјоделството безнадежно заостанува зад развитокот на индустријата, а во индустријата „тешката индустрија“ го собира данокот од сите други нејзини индустриски гранки.
Во обопштествувањето на капиталистичкото стопанство на банките почнуваат да им конкурираат штедилниците и поштенските установи, кои сѐ повеќе „децентрализирани“ т.е. зафаќаат во својот круг на влијание поголем број краишта, поголем број зафрлени места, пошироки кругови од населението. Еве податоци што ги собрала една американска комисија по прашањето за напоредниот развиток на влоговите во банките и во штедилниците:
| Година | Англија: банки | Англија: штедилници | Франција: банки | Франција: штедилници | Германија: банки | Германија: кредитни друштва | Германија: штедилници |
|---|---|---|---|---|---|---|---|
| 1880 | 8,4 | 1,6 | ? | 0,9 | 0,5 | 0,4 | 2,6 |
| 1888 | 12,4 | 2,0 | 1,5 | 2,1 | 1,1 | 0,4 | 4,5 |
| 1908 | 23,2 | 4,2 | 3,7 | 4,2 | 7,1 | 2,2 | 13,9 |
Плаќајќи 4 и 4 ¼ % на влоговите, штедилниците се принудени да бараат каде „доходно“ ќе го пласираат својот капитал, да се впуштаат во менични, хипотекарни и други операции. Границите меѓу банките и штедилниците „сѐ повеќе се бришат“. Трговските комори, на пример, во Бохум и Ерфурт, бараат на штедилниците да им се „забрани“ да вршат „чисто“ банковни операции како што е есконт меницата, бараат да се ограничи „банковната“ дејност на поштенските установи. Банкарските асови како да се плашат државниот монопол да не им се прикраде од онаа страна од која не го очекуваат. Но, се разбира, таа бојазан не ги минува рамките на конкуренцијата, така да се рече, на двата шефови на одделенија во една канцеларија. Зашто, од една страна, со капиталите во милијарди на штедилниците на крајот на краиштата располагаат фактички тие исти магнати на банковниот капитал, а од друга страна, државниот монопол во капиталистичкото општество само е средство за зголемување и осигурување на приходите на милионерите од оваа или онаа индустриска гранка кои се наоѓаат пред банкротирање.
Сменувањето на стариот капитализам, со господството на слободната конкуренција, од страна на новиот капитализам, со господството на монополот, се изразува, помеѓу другото, во опаѓањето на значењето на берзата. „Берзата – пишува списанието „Банка“ – одамна престана да биде неопходен посредник во прометот, како што беше порано, кога банките уште не можеа најголемиот дел од емитуваните вредносници да ги пласираат меѓу своите клиенти“.
„Секоја банка е берза’ – тој современ термин содржи до толку повеќе вистина до колку е банката покрупна, до колку повеќе напредува концентрацијата во банкарството“. „Ако порано, во седумдесеттите години, берзата со своите младешки ексцеси“ („фина“ алузија на берзанскиот крах од 1873 г., на гриндерските скандали (21) итн.), „ја отвораше епохата на индустријализација на Германија, денес банките и индустријата можат „самостојно да се расправаат“. Господството на нашите крупни банки над берзата … не е ништо друго, туку израз на наполно организираната германска индустриска држава. Ако со тоа се стеснува областа на дејствувањето на економските закони кои функционираат автоматски и извонредно се проширува областа на свесното регулирање по пат на банките, тогаш во врска со тоа неизмерно расте национално-економската одговорност на малиот број раководни лица“ – така пишува германскиот професор Шулце-Геверниц, апологет на германскиот империјализам, авторитет за империјалистите од сите земји, кој настојува да ја заташка „ситницата“, имено, дека тоа „свесно регулирање“ по пат на банките се состои во пљачкосување на луѓето од страна на грст „наполно организирани“ монополисти. Задачата на буржоаскиот професор не е да ја покаже целата механика, не е да ги разобличува сите махинации на банковните монополисти, туку нив да ги разубавува.
Токму така и Рисер, уште поавторитетен економист и банкарски „работник“, се извлекува, со фрази кои ништо не кажуваат, од фактите што е невозможно да се негираат: „Берзата се повеќе го губи безусловно неопходното својство за целото стопанство и за прометот на вредносниците, да биде не само најточен инструмент за мерење, туку и речиси автоматски регулатор на економските движења што се слеваат во неа“.
Со други зборови: стариот капитализам, капитализмот на слободната конкуренција, со регулаторот што му е безусловно потребен, берзата, оди во минатото. Му дојде на смена новиот капитализам, што носи јасни црти на нешто преодно, некаква смеса на слободната конкуренција и монополот. Природно се наметнува прашање: кон што „преминува“ тој најнов капитализам, но буржоаските научници се плашат да го постават тоа прашање.
„Пред триесет години, капиталистите меѓу кои постоеше слободната конкуренција вршеа 9/10 од онаа стопанска работа која не спаѓа во областа на физичкиот труд на „работниците“. Денес чиновниците вршат 9/10 од таа економска интелектуална работа. Банкарството стои на чело на тој развиток“. Ова признание од Шулце-Геверниц повторно и пак доведува до прашањето – во што преминува најновиот капитализам, капитализмот во својот империјалистички стадиум.
Меѓу малиот број банки, кои поради процесот на концентрацијата остануваат на чело на целото капиталистичко стопанство, природно сѐ повеќе се оцртува и јакне стремежот кон монополистичка спогодба, кон труст на банките. Во Америка – не девет, туку двете најкрупни банки, на милијардерите Рокфелер и Морган, владеат над капитал од 11 милијарди марки. Голтнувањето на „Шафхаузентската сојузна банка“ од страна на „Дисконтното друштво“ во Германија, кое го споменавме погоре, ја предизвика оваа оценка на „Франкфуртски весник“, орган на берзанските интереси:
„Со порастот на концентрацијата на банките се стеснува кругот на установите на кои воопшто им е можно да се обратат за кредит, поради што зајакнува зависноста на крупната индустрија од малиот број банкарски групи. При тесната врска меѓу индустријата и финансискиот свет, слободата на движењето на индустриските друштва што имаат потреба од банковен капитал, се стеснува. Затоа крупната индустрија со неопределени чувства гледа на поголемото трустизирање (обединување или претворање во трустови) на банките; навистина, не еднаш веќе имавме можност да забележиме никулци на извесни спогодби помеѓу одделни концерни на големите банки, спогодби што се сведуваат на ограничување на конкуренцијата“.
Повторно и пак – последен збор во развитокот на банкарството е монополот.
Што се однесува до тесната врска помеѓу банките и индустријата, токму во оваа област можеби најочигледно се пројавува новата улога на банките. Кога банката ќе ги есконтира мениците од даден капиталист, му отвора текушта сметка итн., тие операции, земени посебно, ни за јота не ја намалуваат самостојноста на тој капиталист, и банката останува во скромната улога на посредник. Но кога тие операции се сѐ почести и попостојани, кога банката „собира“ во свои раце капитали од огромни размери, кога водењето на текуштата сметка на дадениот капиталист ѝ овозможува на банката – а тоа е и случај – сѐ поподробно и пополно запознавање со економската положба на нејзиниот клиент, се добива како резултат сѐ пополна зависност на индустрискиот капитал од банките.
Наедно со тоа се развива, така да се рече, персонална унија на банките и најкрупните индустриски и трговски претпријатија, спојување на едните и другите по пат на владеење акции, по пат на влегување на директорите на банките во надзорните одбори (или управните одбори) на трговските и индустриските претпријатија, и обратно. Германскиот економист Јајделс собрал многу подробни податоци за тој вид на концентрација на капиталите и претпријатијата. Шесте најкрупни берлински банки биле преку своите директори застапени во 344 индустриски друштва, а преку своите членови на управниот одбор уште во 407, вкупно 751 друштво. Во 289 друштва тие имале или по два члена во надзорните одбори, или претседателските места. Меѓу тие трговски и индустриски друштва среќаваме најразнообразни индустриски гранки – и осигурување, и сообраќај, и ресторани, и театри, и уметнички занаети итн. Од друга страна, во надзорните одбори на тие шест банки имало (во 1910 г.) 51 крупен индустријалец, меѓу нив директорот на фирмата Круп, директорот на гигантското парабродско друштво „Hapag“ (Hamburg-Amerika) итн., итн. Секоја од тие шест банки учествувала од 1895 до 1910 во емисијата на акциите и облигациите за повеќе стотици индустриски претпријатија и тоа: од 281 до 419.
„Персоналната унија“ на банките и индустријата се дополнува од „персоналната унија“ и на едните и на другите друштва со владата. „Местата на членови на надзорните одбори – пишува Јајделс – доброволно им се даваат на лица со звучни имиња, а исто така и на бивши државни чиновници кои можат да направат не мали олеснувања(!!) во односите со властите“ … „Во надзорниот одбор на крупна банка обично среќаваш член на парламентот или член на берлинската општинска управа“.
Изградувањето и разработувањето на, така да се рече, крупнокапиталистичките монополи, напредува, спрема тоа, со полна пареа по сите „природни и „натприродни“ патишта. Систематски се развива извесна поделба на трудот помеѓу неколку стотици финансиски кралеви на современото капиталистичко општество:
„Во чекор со тоа проширување на полето на дејноста на одделни крупни индустријалци“, (кои влегуваат во управните одбори на банките итн.), „и со ограничувањето на провинциските директори на банките на еден определен индустриски округ оди извесен пораст на специјализацијата на раководителите на крупните банки. Таквата специјализација е можна воопшто само при големи размери на целото банкарско претпријатие и посебно на неговите индустриски врски. Оваа поделба на трудот се врши во две насоки: од една страна, односите со индустријата како целост му се доверуваат на еден од директорите како негово специјално подрачје; од друга страна, секој директор зема врз себе надзор над одделни претпријатија или групи претпријатија блиски по браншата или по интересите“…(Капитализмот веќе израсна до организиран надзор над одделни претпријатија)… „Специјалноста на еден е германската индустрија, понекогаш дури само западногерманската“, (западна Германија индустриски е најразвиениот дел на Германија), „на други – односите спрема државите и индустријата во странство, информации за личноста на индустријалците итн., берзанските работи итн. Освен тоа, секој од директорите на банките често добива во надлежност одреден крај или одредена индустриска гранка; еден работи главно во надзорните одбори на електричните друштва, друг во хемиските фабрики, пиварниците или фабриките за шеќер, трет во неколку изолирани претпријатија, а освен тоа уште и во надзорниот одбор на осигурителните друштва… Со еден збор, несомнено е дека кај крупните банки, со порастот на размерите и разнообразноста на нивните операции, се развива сѐ поголема поделба на трудот помеѓу раководителите, со цел (и резултат) тие донекаде да се издигнат, така да се рече, над чисто банкарските работи, да се направат поспособни за расудување и стручно разбирање на општите прашања на индустријата и специјалните прашања на одделни нејзини гранки, да се подготват за дејност во областа на индустриската сфера на влијание на банката. Тој систем на банките се дополнува со настојувањето во сопствените надзорни одбори да се избираат луѓе што ја познаваат добро индустријата: индустријалци, бивши чиновници, особено оние што служеле во железниците, во рударството“ итн.
Истородни установи, само во малку поинаква форма, среќаваме во француското банкарство. На пр., една од трите најкрупни француски банки, „Лионски кредит“, има организирано специјално „одделение за прибирање на финансиски информации“ (service des etudes francieres). Во него работат постојано повеќе од 50 инженери, статистичари, економисти, правници итн. Тоа чини од 6 до 7 стотини илјади франци годишно. Подразделено е, од своја страна, на 8 оддела: еден собира информации специјално за индустриските претпријатија, друг ја проучува општата статистика, трет – железничките и парабродските друштва, четврт – вредносните хартии, петти – финансиските извештаи итн.
Од една страна, имаме сѐ поголемо слевање или како што среќно се изрази Н.И. Бухарин, срастување на банковниот и индустрискиот капитал, а од друга страна прераснување на банките во установи навистина од „универзален карактер“. Сметаме за потребно точно да приведеме што вели по тоа прашање Јајделс, автор кој најдобро од сите го изучил тоа прашање:
„Како резултат од разгледувањето на индустриските врски во нивната сеопфатност, го добиваме универзалниот карактер на финансиските институции што работат за индустријата. Спротивно на другите форми на банките и спротивно на барањата што се поставуваат понекогаш во литературата – дека банките мораат да се специјализираат за одредена област на работите или индустриска гранка, за да не ја изгубат почвата под нозете, – крупните банки настојуваат со индустриските претпријатија да создадат што поразнообразни врски по местото и видот на производството, се грижат да ги отстранат оние нерамномерности во распределбата на капиталот меѓу одделни краишта или индустриски гранки кои се објаснуваат со историјата на одделните претпријатија“. „Едната тенденција се состои во тоа врската со индустријата да се направи како општа појава; другата – во тоа да ја направи здрава и интензивна; двете не се остварени во шесте големи банки наполно, но веќе се остварени во значајни размери и во еднаква мера“.
Од страна на трговско-индустриските кругови неретко се слушаат жалби за „тероризмот“ од банките. И не е чудно што такви жалби се слушаат кога крупните банки „командуваат“ така како што покажува овој пример. На 19 ноември 1901 година една од таканаречените берлински д банки (имињата на четирите најкрупни банки почнуваат со буквата д) се обрнува на управата на Северозападно-средногерманскиот синдикат за цемент со ова писмо: „Од соопштението што го објавивте на 18 о.м. во тој и тој весник се гледа дека мораме да сметаме со можноста оти на општото собрание на вашиот синдикат кое ќе се одржи на 20 о.м., ќе бидат донесени решенија кои во вашето претпријатие можат да доведат до измени неприемливи за нас. Затоа, ние, за голема жал, сме принудени да ви го прекратиме кредитот што досега го користевте… Но ако на тоа општо собрание не бидат донесени решенија неприемливи за нас и ако во таа смисла за во иднина ни се дадат соодветни гаранции, готови сме да стапиме со вас во преговори за отворање нов кредит“.
Всушност, тоа се истите оние жалби на ситниот капитал поради угнетувањето од страна на крупниот, само што овде во редот на „ситните“ западнал цел синдикат! Старата борба помеѓу ситниот и крупниот капитал се обновува на нов, далеку повисок степен на развитокот. Јасно е дека милијардните претпријатија на крупните банки можат и техничкиот напредок да го движат напред со средствата што не можат никако да се споредат со поранешните. Банките, на пример, создаваат специјални друштва за технички истражувања, од чии резултати се користат, се разбира, само „пријателските“ индустриски претпријатија. Овде спаѓа „Друштвото за проучување на прашањето за електричните железници“, „Централното биро за научно-технички истражувања“ итн.
И самите раководители на крупните банки не можат да не видат дека се создаваат некои нови услови на народното стопанство, но тие се беспомошни пред нив.
„Кој го посматрал последниве години“, – пишува Јајделс – сменувањето на директорите и членовите на надзорните одбори од крупните банки, тој не можел да забележи како постепено власта преминува во рацете на лицата кои како неопходна и сѐ поактуелна задача на крупните банки го сметаат активното мешање во општиот развиток на индустријата, при што меѓу тие лица и старите директори доаѓа до разидувања врз деловна, а често и врз лична база. Всушност, се работи за тоа дали банките, како кредитни установи, не трпат штета од тоа мешање на банките во индустрискиот процес на производството, дали тие не ги жртвуваат солидните принципи и сигурната добивка за љубов на дејност која нема ништо заедничко со посредувањето при добивањето на кредити и која банката ја доведува во област во која му е таа повеќе одошто порано потчинета на слепото господство на индустриската конјунктура. Така зборуваат многумина од старите раководители на банките, а повеќето млади го сметаат активното мешање во прашањата на индустријата за иста нужност како и онаа што заедно со модерната крупна индустрија, ги роди и крупните банки и денешната индустриска банковна работа. Обете страни се согласуваат само во тоа дека за новава дејност на крупните банки уште не постојат ни цврсти принципи ни конкретна цел.
Стариот капитализам го одживеа своето. Новиот претставува премин кон нешто. Да се најдат „цврсти принципи и конкретна цел“ за „измирување“ на монополот и слободната конкуренција, се разбира, е безнадежна работа. Признанието на практичарите звучи сосем поинаку одошто официјалното воспевање на убавините на „организираниот капитализам“ од страна на неговите апологети од типот на Шулце-Геверниц, Лифман и ним сличните „теоретичари“.
Во кое време паѓа дефинитивното воведување на „новата дејност“ на крупните банки – на тоа важно прашање наоѓаме доста точен одговор кај Јајделс:
„Врските меѓу банките и индустриските претпријатија, со нивната нова содржина, нови форми и нови органи, имено со крупните банки, организирани едновремено и централистички и децентралистички, одвај ако се создаваат како карактеристична стопанска појава пред деведесеттите години: во извесна смисла таа почетна точка може да се помести до 1897 година, со нејзините големи „фузии“ на претпријатијата, кои за прв пат воведуваат нови форми на децентрализирана организација со оглед на индустриската политика на банките. Таа почетна точка би можела да се помести на уште подоцнежен термин, зашто дури кризата од 1900 година џиновски го забрза процесот на концентрацијата и во индустријата и во банкарството, го зацврсти тој процес, ги претвори прв пат односите со индустријата во вистински монопол на крупните банки, ги направи тие односи значително потесни и поинтензивни“.
И така, XX век – тоа е засврт од стариот капитализам кон новиот, од господството на капиталот воопшто кон господство на финансискиот капитал.