В. И. Ленин
Империјализмот како највисок стадиум на капитализмот


III
ФИНАНСИСКИОТ КАПИТАЛ И ФИНАНСИСКАТА ОЛИГАРХИЈА

„Сѐ поголем и поголем дел од индустрискиот капитал – пишува Хилфердинг – „не им припаѓа на оние индустријалци што го употребуваат. До располагање со капитал тие доаѓаат со посредство на банката, која во однос на нив ги претставува сопствениците на тој капитал. Од друга страна, и банката мора сѐ поголем дел од своите капитали да зацврстува во индустријата. Благодарејќи на тоа, таа во сѐ поголема и поголема мера станува индустриски капиталист. Банковниот капитал – значи, капиталот во парична форма – кој на тој начин всушност е претворен во индустриски капитал, јас го нарекувам финансиски капитал“. „Финансиски капитал: капиталот со кој располагаат банките, а го користат индустријалците“.
Оваа дефиниција до толку е неполна до колку во неа не се укажува на еден од најважните моменти: имено: на порастот на концентрацијата на производството и капиталот до таа силна степен кога концентрацијата доведува и доведе до монопол. Но во целото излагање на Хилфердинг воопшто, а посебно во обете глави што ѝ претходат на главата од која е земена оваа дефиниција, се подвлекува улогата на капиталистичките монополи.

Концентрацијата на производството; монополите што израснуваат од неа; слевањето или сраснувањето на банките со индустријата – тоа е историјата на поникнувањето на финансискиот капитал и содржината на тој поим.

Сега треба да преминеме на опишување на тоа како „господарењето“ на капиталистичките монополи, во општата ситуација на стоковното производство и приватната сопственост, неизбежно станува господство на финансиската олигархија. Ќе одбележиме дека претставниците на германската – и не само на германската – буржоаска наука, како Рисер, Шулце-Геверниц, Лифман и др. се, сите до еден, апологети на империјализмот и финансискиот капитал. Тие не ја откриваат, туку ја заташкуваат и ја разубавуваат „механиката“ на образувањето на олигархијата, нејзините методи, размерите на нејзините приходи, „дозволени и недозволени“, нејзините врски со парламентите итн., итн. Тие се извлекуваат од „проклетите прашања“ со тешки, неразбирливи фрази, со повикувања на „чувство на одговорност“ на директорите на банките, со славење на „чувството на долг“ на пруските чиновници, со сериозно анализирање на детали на наполно несериозните законски проекти за „надзор“ и „регламентација“, со теоретска игра со камчиња, како што е, на пример, оваа „научна“ дефиниција до која дошол професор Лифман …„трговијата е стопанска дејност, која има за цел собирање на благата, нивно чување и нивно ставање на располагање“ (курзивот и шпацијата се од професорот)… Излегува дека трговијата постоела и кај првобитниот човек, кој уште не знаел за размената, дека таа ќе постои и во социјалистичкото општество!

Но чудовишните факти што се однесуваат до чудовишното господство на финансиската олигархија толку паѓаат в очи, што во сите капиталистички земји – и во Америка, и во Франција и во Германија – се создаде литература која стои на буржоаско гледиште, а сепак дава приближно точна слика и – се разбира, еснафска – критика на финансиската олигархија.

На прво место треба да се стави оној „систем на учества“ за кој погоре веќе беа речени неколку збора. Еве како ја опишува суштината на работата германскиот економист Хајман, кој меѓу првите, ако не и прв, обрна внимание на неа:
„Раководителот го контролира основното друштво (буквално „друштвото-мајка“); ова од своја страна владее над друштвата што зависат од него („друштвата-ќерки“), а овие последниве – над „друштвата-внуци“, итн. На тој начин може, и не со особено голем капитал, да се владее над џиновски области на производството. Всушност, ако владеењето на 50% од капиталот е секогаш доволно за контрола над акционерското друштво, тогаш на раководителот му е доволно да има само 1 милион за да може да контролира 8 милиони капитал кај „друштвата-внуци“. А ако тоа „преплетување“ оди понатаму, тогаш со 1 милион може да се контролираат 16 милиони, 32 милиони итн.“

Всушност, искуството покажува дека е доволно да се има 40% од акциите за да се дирижира со работите на акционерското друштво, зашто извесен дел раздробени, ситни акционери, практично немаат никаква можност да учествуваат на општите собранија итн. „Демократизацијата“ на владеењето на акциите, од која буржоаските софисти и опортунистичките „исто така социјалдемократи“ очекуваат (или уверуваат дека очекуваат) „демократизација на капиталот“, јакнење на улогата и значењето на ситното производство итн., всушност е еден од начините за јакнењето на моќта на финансиската олигархија. Затоа, помеѓу другото, во понапредните или постарите и „поискусни“ капиталистички земји законодавството дозволува поситни акции. Во Германија законот не дозволува акции под сумата од 1.000 марки и германските финансиски магнати со завист гледаат на Англија, во која законот дозволува акции и од една фунта стерлинг (= 20 марки, околу 10 рубли). Сименс, еден од најкрупните индустријалци и „финансиски кралеви“ на Германија, изјави на 7 јуни 1900 во Рајхстагот дека „акцијата од 1 фунта стерлинг е основата на британскиот империјализам“. Кај тој трговец забележуваме подлабоко, „помарксистичко“ разбирање на тоа што е империјализмот одошто кај еден неприличен писател кого го сметаат за основач на рускиот марксизам (22) и кој мисли дека империјализмот е лошо својство на еден од народите…

Но „системот на учества“ не му служи само на џиновското зголемување на власта на монополистите, тој покрај тоа овозможува неказнето да се вршат секакви темни и нечисти работи и да се пљачкосува публиката, зашто раководителите на „друштвото-мајка“ формално, според законот, не одговараат за „друштвото-ќерка“, кое се смета „самостојно“ и преку кое може сѐ да се „спроведе“. Еве пример што го зедов од мајската книшка на германското списание „Банка“ за 1914 година:
„Акционерското друштво на челик за пружини“ во Касел се сметаше пред неколку години за едно од најрентабилните претпријатија на Германија. Лошата управа доведе до тоа дивидендите да паднат од 15% на 0%. Како што се утврди, управата, без знаење на акционерите му дала на заем 6 милиони марки на едно од своите „друштва-ќерки“, „Хајсија“, чиј што номинален капитал изнесуваше сѐ на сѐ неколку стотини илјади марки. За тој заем, кој е речиси три пати поголем од акционерскиот капитал на „Друштвото-мајка“, во билансите на ова последново нема ни трага; од правна страна, таквото премолчување било наполно законито и можело да трае цели две години, зашто, ни еден параграф од трговското законодавство не бил со тоа нарушен. Претседателот на надзорниот одбор, кој како одговорно лице ги потпишувал лажните биланси, бил и останува претседател на Каселската трговска комора. Акционерите разбрале за тој заем на друштвото „Хасија“ дури откако, многу подоцна, се покажало дека е тој грешка“ … (требало авторот да го стави тој збор меѓу наводници) … „и кога акциите на „челикот за пружини“, поради продажбата од страна на упатените, паднаа во цената приближно за 100%…
…„Овој типичен пример на еквилибристика со билансите, сосем обична кај акционерските друштва, ни објаснува зошто управите на акционерските друштва со многу полесно срце се зафаќаат за рискантни работи одошто приватните претприемачи. Модерната техника на составување биланси не само што им овозможува ризичните работи да ги кријат од просечниот акционер, туку и им дозволува на главните заинтересирани лица да ја симинаат од себе одговорноста по пат на своевремена продажба на акциите, во случај на неуспех на експериментот, додека приватниот претприемач одговара со својата кожа за сѐ што прави…

Билансите на многу акционерски друштва прилегаат на оние од средниот век познати палимпсести, на кои најнапред требаше да се избрише напишаното за под тоа да се откријат знаците што ја даваат вистинската содржина на ракописот“ (палимпсести – пергамент на кој основниот ракопис е избришан и врз избришаниот е напишан друг текст).

„Најпростото и затоа најчесто употребуваното средство да се направат билансите непроѕирни се состои во тоа што единственото претпријатие се дели на неколку дела во форма на основање или присоединување на „друштва-ќерки“. Предимствата на тој систем од гледиштето на најразличните цели – оправдани или неоправдани – толку се очигледни, што денеска крупните друштва што директно не го прифатиле тој систем, се исклучок“.

Како пример на мошне крупно и монополистичко друштво кое најшироко се служи со тој систем, авторот го споменува прочуеното „Општо електрично друштво“ (A.E.G. за него подолу ќе зборуваме). Во 1912 година се сметаше дека тоа друштво учествува во 175-200 друштва, владеејќи, се разбира, над нив и опфаќајќи, општо, капитал од околу 1 ½ милијарди марки.

Разните правила за контрола, објавување на билансите, изработување одредени шеми за нив, установување надзор итн., со што го окупираат вниманието на публиката добронамерните – т.е. кои имаат добра намера да го бранат и да го разубавуваат капитализмот, професори и чиновници, овде не можат да имаат никакво значење. Зашто приватната сопственост е света, и никому не може да му се забрани да купува, продава, разменува акции, да ги дава во залог итн.

За тоа какви размери достигна „системот на учество“ кај крупните руски банки, можеме да судиме според податоците на Е. Агад, кој работел 15 години како чиновник во руско-кинеската банка и во мај 1914 г. објави дело под не сосема точен наслов: „Крупните банки и светскиот пазар“. Авторот ги дели крупните руски банки на две основни групи: а) на банки што работат служејќи се со „системот на учества“ и б) на „независни“ банки, при што под „независност“ произволно ја подразбира независноста од странските банки; првата група авторот ја дели на три подгрупи: 1) германско учество, 2) англиско и 3) француско, имајќи го предвид „учеството“ и владеењето на најкрупните странски банки од соодветната народност. Капиталите на банките авторот ги дели на „продуктивно“ вложувани (во трговијата и во индустријата) и „шпекулативно“ вложувани (во берзански и финансиски операции), сметајќи, со нему својственото ситнобуржоаско-реформистичко гледиште, дека божем капитализмот е можно првиот вид на вложување да се оддели од вториот и да се отстрани вториот.

Еве ги податоците на авторот:

Средства на руските банки (милиони рубли)
Групи руски банкиПродуктивно вложен капиталШпекулативно вложен капиталВкупно
4 банки: Сибирска трговска, Руска, Меѓународна, Дисконтна413,7859,11.272,8
2 банки: Трговско-индустриска, Руско-англиска239,3169,1408,4
5 банки: Руско-азиска, Петербуршка приватна, Азовско-донска, Соединета московска, Руско-француска трговска711,8661,21.373,0
Вкупно а) — 11 банки1.364,81.689,43.054,2
8 „независни“ банки504,2391,1895,3
Вкупно б) — 19 банки1.869,02.080,53.949,5

Според овие податоци, од речиси 4 милијарди рубли што го сочинуваат „деловниот“ капитал на крупните банки повеќе од 3/4, над 3 милијарди, отпаѓа на банките кои е всушност „друштва-ќерки“ на странските банки, во прв ред на париските (прочуениот банкарски трио: Union Parisienne; Paris et Pays-Bas; Societe Generale) и берлинските (особено „Германската банка“ и „Дисконтното друштво“). Двете најкрупни руски банки: „Руската“ („Руска банка за надворешна трговија“) и „Меѓународната“ („Петроградската меѓународна трговска банка“) ги наголемија своите капитали од 1906 до 1912 од 44 на 98 милиони рубли, а резервите од 15 на 39 милиони, „работејќи во 3/4 со германски капитали“, првата банка му припаѓа на „концернот“ на берлинската „Германска банка“, втората – на берлинското “Дисконтно друштво“. Добриот Агад длабоко е индигниран од тоа што берлинските банки во своите раце го имаат мнозинството од акциите и што поради тоа руските акционери се немоќни. И, се разбира, земјата што извозува капитал го собира кајмакот: на пр., берлинската „Германска банка“, воведувајќи ги во Берлин акциите на Сибирската трговска банка, една година ги држеше во својот портфељ, а потоа ги продаде по курсот 193 за 100, т.е. речиси двојно, „заработувајќи“ околу 6 милиони рубли добивка, која Хилфердинг ја нарече „основачка добивка“.

Вкупната „моќ“ на најкрупните петроградски банки авторот ја определува на 8.235 милиони рубли, речиси на 8 ¼ милијарди, при што „учеството“, а поточно господството на странските банки тој вака го распределува: француските банки – 55%; англиските – 10%, германските – 35%. – Од таа сума, 8.235 милиони капитал што функционира – 3.687 милиони, т.е. над 40%, според сметката на авторот, отпаѓа на синдикатите: Продугољ, Продамет, синдикатите во индустријата на нафта, металургијата и во цементната индустрија. Според тоа, спојувањето на банковниот и индустрискиот капитал, во врска со создавањето на капиталистичките монополи, направи и во Русија огромни чекори напред.

Финансискиот капитал, кој е концентриран во мал број раце и кој ужива фактички монопол, влече огромен и сѐ поголем профит од основачката работа, од емисијата на вредносните хартии, од државните заеми итн., зацврстувајќи го господството на финансиската олигархија, наметнувајќи му на целото општество данок во корист на монополистите. Еве еден од безбројните примери на „господарење“ на американските трустови што го наведува Хилфердинг: во 1887 Хавемајер го создаде трустот за шеќер по пат на фузија на 15 мали друштва, чиј вкупен капитал изнесуваше 6 1/2 милиони долари. Капиталот на трустот беше, како што велат Американците, „разводнет“, утврден на 50 милиони долари. „Рекапитализацијата“ сметаше со идните монополни профити, како што челичниот труст, исто така во Америка, смета со идните монополни профити кога сѐ повеќе ги купува наоѓалиштата на железна руда. И навистина, трустот за шеќер одреди монополни цени и доби такви приходи што можеше да исплатува по 10% дивиденда на капиталот кој беше седумкратно „разводнет“, т.е. речиси 70% на вистински уплатениот капитал при создавањето на трустот! Во 1909 год. капиталот на трустот изнесуваше 90 милиони долари. За дваесет и две години повеќе од десеткратно зголемување на капиталот.

Во Франција господството на „финансиската олигархија“ („Против финансиската олигархија во Франција“ е насловот од познатата книга на Лизис, чие петто издание излезе во 1908 г.) зеде само малку поинаква форма. Четирите најкрупни банки имаат не релативен, туку „апсолутен монопол“ при емитувањето на вредносните хартии. Фактички тоа е „труст на крупните банки“. А монополот ги осигурува монополните профити на емисиите. Кај заемите земја која зема заем обично не добива повеќе од 90% од целокупната сума; 10% добиваат банките и другите посредници. Профитот на банките од руско-кинескиот заем од 400 милиони франци изнесуваше 8%, од рускиот (1904) од 800 милиони – 10%, од мароканскиот (1904) од 62 1/2 милиони – 18 3/4%. Капитализмот, кој го започна својот развиток со ситен лихварски капитал, го заврши својот развиток со џиновски лихаврски капитал. „Французите се лихвари на Европа“, – вели Лизис. Сите услови на економскиот живот длабоко се менуваат поради таа преобразба на капитализмот. Во ситуацијата на стагнирање на населението, индустријата, трговијата, поморскиот сообраќај, „земјата“ може да се богати од лихварството. „Педесет луѓе, претставувајќи капитал од 8 милиони франци, можат да располагаат со две милијарди во четири банки“. Веќе познатиот систем на „учества“ доведува до исти последици: една од најкрупните банки „Генералното друштво“ (Societe Generale), емитува 64.000 облигации на „друштвото-ќерка“, „Египетските шеќерани“. Курсот на емисијата е 150%, т.е. банката заработува 50 копејки на рубла. Дивидендите на тоа друштво излегоа фиктивни, „публиката“ изгуби од 90 до 100 милиони франци; „еден од директорите на „Генералното друштво“ бил член на управниот одбор на „шеќераните“. Не е чудно што авторот мора да го извлече заклучокот: „Француската република е финансиска монархија“; „полно господство на финансиската олигархија; таа владее и над печатот и над владата“.

Исклучително високата рентабилност на емисијата на вредносните хартии, како една од главните операции на финансискиот капитал, игра вонредно важна улога во развитокот на зацврстувањето на финансиската олигархија. „Во земјата нема ни една дејност која макар приближно би донесувала таква корист како посредувањето при емисијата на странските заеми“ – вели германското списание „Банка“.
„Нема ни една банковна дејност која би донесувала толку висока добивка како емисионата дејност“. Добивката при емисијата на вредносните хартии на индустриските претпријатија, според податоците на „Германски економист“, изнесувала просечно за година:

Просечна годишна добивка при емисија на индустриски хартии (%)
ГодинаПроценти
189538,6
189636,1
189766,7
189867,7
189966,9
190055,2

„За 10 години, 1891-1900, на емисиите на германските индустриски вредносни хартии било „заработено“ повеќе од 1 милијарда“.

Додека во времето на индустрискиот полет профитите на финансискиот капитал се неизмерно големи, во времето на депресијата пропаѓаат ситните и слабите претпријатија, а крупните банки „учествуваат“ во купувањето на тие претпријатија за евтини пари или во доходните „санации“ и „реорганизации“. При „санациите“ на претпријатијата што работат со дефицит „акционерскиот капитал се намалува, т.е. приходот се дели на помал капитал и во иднина се пресметува според тој помал капитал. Или, ако воопшто нема приход, се привлекува нов капитал, кој, откако ќе се соедини со стариот, помалку доходниот, сега веќе ќе носи доволно приходи. Патем речено – додава Хилфердинг – сите тие санации и реорганизации имаат за банките двојако значење: прво, како доходна операција и, второ, како згоден случај за тоа друштвата што се наоѓаат во тешка ситуација да се доведат во зависност од банките.
Еве пример: акционерското рударско друштво „Унион“ во Дортмунд е основано во 1872 год. Емитуван е акционерски капитал од речиси 40 милиони марки, и курсот се качи на 170% кога за првата година е исплатена дивиденда од 12%. Финансискиот капитал го собра кајмакот, заработувајќи таква ситница, како некакви си 28 милиони. При основањето на тоа друштво главна улога играше онаа истата крупна германска банка, „Дисконтното друштво“, која среќно дотурка до капитал од 300 милиони марки. Потоа дивидендите на „Унион“ паѓаат до нула. Акционерите мораат да се согласат на „отпишување“ на капиталот, т.е. на загуба на еден негов дел за да не изгубат сѐ. И благодарејќи на низа „санации“ од книгите на друштвото „Унион“ исчезнуваат во текот на 30 години над 73 милиони марки. „Денес првобитните акционери на тоа друштво имаат в раце уште само 5% од номиналната вредност на своите акции“, а на секоја „санација“ банките и натаму „заработуваа“.

Особено доходна операција на финансискиот капитал претставува исто така шпекулацијата со земја во околината на големите градови кои бргу се развиваат. Монополот на банките се слева овде со монополот на земјишната рента и со монополот на сообраќајот, зашто порастот на цените на земјата, можноста таа поволно да се продаде по парцели итн., пред сѐ зависи од добриот сообраќај со центарот на градот, а тој сообраќај се наоѓа во рацете на крупните компании кои со истите тие банки се поврзани со системот на учества и со распределбата на директорските места. Се добива она што германскиот автор Л. Ешвеге, соработник на списанието „Банка“, кој специјално ги проучувал операциите на тргувањето со земја, нејзиното заложување итн. го нарече „мочуриште“: бесконтролна шпекулација со земјата во близината на градовите, крахирања на градежните фирми како што е берлинската фирма „Босвау и Кнауер“, која приграби стотина милиони марки со посредството на „најсолидната и најголемата“ „Германска банка“ (Deutsche Bank) која, се разбира, работеше по системот на „учества“, т.е. потајно, зад грб, и се извлече загубувајќи „сѐ на сѐ“ 12 милиони марки, – потоа, упропастување на ситните претприемачи и работниците кои не добиваат ништо од фиктивните градежни фирми, измамнички трансакции со „чесната“ берлинска полиција и со администрацијата за да се дојде до потребните известувања за градилиштата и до градежните дозволи на општинските управи итн., итн.

Американскиот морал“, по чиј повод така лицемерно ги креваат очите кон небото европските професори и добронамерните буржуи, стана во епохата на финансискиот капитал морал буквално на секој голем град во секоја земја.

Во Берлин во почетокот во 1914 година се зборуваше за тоа дека претстои создавање на „сообраќаен труст“, т.е. „заедница на интересите“ на трите берлински сообраќајни претпријатија: градската електрична железница, трамвајското друштво и омнибуското друштво. „Дека таква намера постои, тоа го знаеме – пишуваше списанието „Банка“, од денот кога се разбра дека мнозинството акции од омнибуското друштво премина во рацете на двете други сообраќајни друштва… На лицата што одат кон таа цел наполно може да им се верува дека тие се надеваат оти со помошта на еднообразното регулирање на сообраќајот ќе постигнат такви заштеди, од кои еден дел на крајот од краиштата би можел да оди во корист на публиката. Но прашањето се компликува со тоа што зад сообраќајниот труст што се создава стојат банките, а тие, ако сакаат, можат сообраќајот што го монополизирале да го стават во служба на интересите на својата трговија со земјата. За да се увериме колку е природна таквата претпоставка, доволно е да се сетиме дека веќе при основањето на друштвото на градската електрична железница таму беа замешани и интересите на онаа крупна банка која го поттикнуваше неговото основање. Имено: интересите на тоа сообраќајно претпријатие се преплетуваа со интересите на трговијата со земја. Работата е во тоа што источната линија на таа железница мораше да минува низ земја која, банката подоцна, како изградбата на железницата веќе беше осигурена, ја продаде со огромна добивка за себе и за неколкуте учесници“…

Монополот, што е создаден и врти милијарди, со апсолутна неизбежност ги обзема сите страни на општествениот живот, независно од политичкото устројство и од какви и да било други „детали“. Во германската економска литература обична појава е лакејското самофалство на чесноста на пруското чиновништво, со алузии на француската Панама (23) или американската корупција. Но факт е дека дури и буржоаската литература што се занимава со германското банкарство постојано мора да оди далеку преку границите на чисто банковните операции и да пишува, на пр., за „привлечноста на банките“ по повод сѐ почестите случаи државните чиновници да преминуваат на служба во банките: „Како стои работата со непоткупливоста на државниот чиновник чиј траен стремеж е насочен кон топло местенце на Беренштрасе?“ – улица во Берлин во која се наоѓа „Германската банка“. Издавачот на списанието „Банка“ Алфред Лансбург ја напиша во 1909 година статијата: „Економското значење на византизмот“, помеѓу другото и по повод патот на Вилхелм II во Палестина и „непосредниот резултат на тој пат, градбата на багдадската железница, тоа кобно „големо дело на германската претприемчивост“, кое е повиновно за нашето „опкружување“, одошто сите наши политички гревови земени заедно“ – (под опкружување се подразбира политиката на Едвард VII, кој настојуваше да ја изолира Германија и да ја опкружи со обрачот на империјалистичкиот противгермански сојуз). Споменатиот соработник на истото списание Ешвеге ја напиша во 1911 г. статијата: „Плутократијата и чиновништвото“, разобличувајќи го, на пример, случајот на германскиот чиновник Фелкер, кој бил член на комисијата за картели и се истакнувал со својата енергија, а по некое време добил доходно местенце во најкрупниот картел, во синдикатот за челик. Таквите случаи, кои никако не се случајни, го натераа истиот тој буржоаски автор да признае дека „со германскиот устав обезбедената економска слобода во многу области од стопанскиот живот стана фраза лишена од содржина“ и дека при постојното господство на плутократијата „дури ни најшироката политичка слобода не може да нѐ спаси од тоа да не се претвориме во народ на неслободни луѓе“.

Што се однесува до Русија, ќе се ограничиме на еден пример: пред неколку години сите весници ја донесоа веста дека директорот на кредитната канцеларија Давидов ја напушта државната служба и прима место во една крупна банка со плата која, според договорот, за неколку години имаше да ја изнесе сумата од над 1 милион рубли. Кредитната канцеларија е установа чија задача е „да ја обедини работата на сите кредитни установи во државата“ и која им дава супсидии на банките од престолнината во височина до 800 – 1000 милиони рубли…

На капитализмот воопшто му е својствено одделувањето на сопственоста на капиталот од примената на капиталот во производството, одделувањето на паричниот капитал од индустрискиот или продуктивниот, одделувањето на рентиерот кој живее само од приходите од паричниот капитал, од претприемачот и сите лица што учествуваат непосредно во располагањето со капиталот.

Империјализмот или господството на финансискиот капитал е оној највисок степен на капитализмот во кој тоа одделување достига огромни размери. Надмоќноста на финансискиот капитал над сите други форми на капиталот значи доминантна положба на рентиерите и на финансиската олигархија, значи одделување на мал број држави кои имаат финансиска „моќ“, од редот на сите други. Во какви размери се врши тој процес, може да се суди според податоците на статистиката за емисиите, т.е. издавањето на секаков вид, вредносни хартии.

Во „Билтенот на меѓународниот статистички институт„ А. Најмарк објави многу подробни, полни и споредбени податоци за емисиите во целиот свет, податоци кои потоа, фрагментирано, не еднаш се приведувани во економската литература. Еве ги резултатите за четири децении:

Емисии во целиот свет по децении (милијарди франци)
ПериодИзнос
1871–8076,1
1881–9064,5
1891–1900100,4
1901–10197,8

Во седумдесеттите години вкупната сума на емисиите во целиот свет особено е зголемена со заемите во врска со француско-пруската војна и потоа во настанатата епоха на гриндерството во Германија. Општо земено, зголемувањето во текот на трите последни децении од XIX век релативно не оди многу брзо, и дури првата деценија од XX век донесува огромно зголемување, речиси удвојување за 10 години. Според тоа, почетокот на XX век е пресврт не само што се однесува до порастот на монополите (картелите, синдикатите, трустовите), за што веќе говоревме, туку и што се однесува до порастот на финансискиот капитал.

Општата сума на вредносните хартии во светот во 1910 година Најмарк ја определува приближно на 815 милијарди франци. Одземајќи ги, приближно, повторувањата, тој ја намалува таа сума на 575-600 милијарди. Еве ја распределбата по земји (ќе земеме 600 милијарди):

Вредносни хартии во оптек во 1910 (милијарди франци)
ЗемјаИзнос
Англија142
САД132
Франција110
Германија95
Русија31
Австро-Унгарија24
Италија14
Јапонија12
Холандија12,5
Белгија7,5
Шпанија7,5
Швајцарија6,25
Данска3,75
Шведска, Норвешка, Романија и др.2,5

Според овие податоци веднаш се гледа дека остро се изделуваат четирите најбогати капиталистички земји, кои приближно имаат од 100 до 150 милијарди франци вредносни хартии. Од тие четири земји две се најстаари и, како што ќе видиме, со колонии најбогати капиталистички земји: Англија и Франција; другите две се најнапредни капиталистички земји според брзината на развитокот и степенот на распространетоста нз капиталистичките монополи во производството – Соединетите држави и Германија. Тие четири држави заедно имаат 479 милијарди франци, т.е. речиси 80% од светскиот финансиски капитал. Речиси целиот друг свет, на овој или на оној начин, игра улога на должник и данокоплатец на тие земји – на меѓународните банкари, на тие четири „столба“ на финансискиот капитал.

Посебно треба да се задржиме на улогата која ја игра извозот на капиталот во создавањето на меѓународната мрежа на зависности и врски на финансискиот капитал.