В. И. Ленин
Империјализмот како највисок стадиум на капитализмот


IV
ИЗВОЗ НА КАПИТАЛОТ

За стариот капитализам, со полното господство на слободната конкуренција, беше типичен извозот на стоки. За најновиот капитализам, со господството на монополите, стана типичен извозот на капитал.

Капитализмот е стоковно производство на највисок степен од својот развиток, кога и работната сила станува стока. Порастот на размената како во самата земја така и, особено, на меѓународната размена е карактеристична црта на капитализмот. Нерамномерноста и скокообразноста во развитокот на одделни претпријатија, одделни индустриски гранки, одделни земји, се неизбежни во капитализмот. Првин Англија, порано од другите, стана капиталистичка земја и, околу половината на XIX век, воведувајќи слободна трговија, претендираше на улогата на „работилница на целиот свет“, лиферант на фабрикати во сите земји, кои, во замена за тоа, мораа да ја снабдуваат со суровини. Но тој монопол на Англија веќе во последната четвртина на XIX век беше поткопан, зашто низа други земји, оградувајќи се со „заштитни“ царини, се развија во самостојни капиталистички држави. На прагот од XX век гледаме создавање на монополи од друг вид: прво, монополистички сојузи на капиталистите во сите земји на развиениот капитализам; второ, монополистичка положба на мал број најбогати земји, во кои акумулацијата на капиталот достигна џиновски размери. Се појави огромен „одвишок на капитал“ во најразвиените земји.

Се разбира, кога капитализмот би можел да го развие земјоделството, кое сега насекаде страшно заостана зад индустријата, кога тој би можел да го подигне животниот стандард на масите од населението, кое насекаде останува, и покрај вртоглавиот технички прогрес, полугладно и просјачко, – тогаш за одвишок на капитал не би можело ни да станува збор. И тој „аргумент“ најчесто го истакнуваат ситнобуржоаските критичари на капитализмот. Но тогаш капитализмот не би бил капитализам, зашто и нерамномерноста на развитокот и полугладниот животен стандард на масите се основни, неизбежни услови и претпоставки на тој начин на производство. Сѐ додека капитализмот останува капитализам, одвишокот на капитал не се употребува за подигање на животниот стандард на масите во дадена земја, зашто тоа би ги намалило профитите на капиталистите, туку за подигање на профитите по пат на извоз на капиталот во странство, во заостанатите земји. Во тие заостанати земји обично профитот е висок, зашто има малку капитали, цената на земјата е релативно мала, надниците се ниски, суровините се евтини. Можноста за извоз на капиталот се создава поради тоа што низа заостанати земји веќе се вовлечени во циркулацијата на светскиот капитализам, што се веќе положени или се полагаат главните линии на железниците, што се осигурени елементарните услови за развитокот на индустријата итн. Неопходноста за извоз на капиталот се создава со тоа што во мал број земји капитализмот „презреа“ и на капиталот му недостигаат (во условите на неразвиеност на земјоделството и беда на масите) попришта за „рентабилно“ пласирање.

Еве приближни податоци за размерите на капиталот што трите главни земји го инвестираа во странство:

Капитал вложен во странство (милијарди франци)
ГодинаАнглијаФранцијаГерманија
18623,6
187215,010 (1869)
188222,015 (1880)?
189342,020 (1890)?
190262,027–3712,5
191475–1006044,0

Одовде гледаме дека извозот на капиталот достигна огромен развиток дури во почетокот на XX век. Пред војната инвестираниот капитал во странство од трите главни земји изнесуваше 175-200 милијарди франци. Приходот од таа сума, по скромната стопа од 5%, мора да достига 8-10 милијарди годишно. Солидна основа за империјалистичкото угнетување и експлоатирање на мнозинството нации и земји во светот, за капиталистичкиот паразитизам на грст најбогати држави!

Како се распределува тој капитал пласиран во странство меѓу разните земји, каде е пласиран, на тоа прашање може да се даде само приближен одговор, кој сепак може да ни осветли некои општи соодноси и врски на современиот империјализам:

Распределба на капиталот вложен во странство, ок. 1910 (милијарди марки)
ОбластАнглијаФранцијаГерманијаВкупно
Европа4231845
Америка3741051
Азија, Африка и Австралија298744
Вкупно703535140

Во Англија на прво место доаѓаат нејзините колонијални поседи, кои се многу големи и во Америка (на пример Канада), а и да не зборуваме за Азија итн. Гигантскиот извоз на капиталот овде е најтесно поврзан со гигантските колонии, за чие значење за империјализмот понатаму уште ќе зборуваме. Друга е работата во Франција. Странскиот капитал овде е инвестиран главно во Европа и пред сѐ во Русија (најмалку 10 милијарди франци), при што тоа е главно заемен капитал, државни заеми, а не капитал што се вложува во индустриски претпријатија. За разлика од англискиот, колонијалниот империјализам, францускиот можеме да го наречеме лихварски империјализам. Кај Германија имаме трета варијанта: нејзините колонии се мали, а распределбата на капиталот што таа го инвестира во странство помеѓу Европа и Америка е најрамномерна.

Извозот на капиталот во оние земји во кои тој се упатува, укажува влијание врз развиток на капитализмот, извонредно многу забрзувајќи го. Затоа, ако тој извоз може, до определен степен да доведува до некој застој во развитокот на земјите кои извезуваат капитал, тоа се случува само за сметка на проширувањето и продлабочувањето на натамошниот развиток на капитализмот во целиот свет.

Земјите што извозуваат капитал речиси секогаш добиваат можност да извлечат определени „користи“, чиј карактер фрла светлина врз специфичноста на епохата на финансискиот капитал и на монополите. Еве, на пр. што пишуваше во октомври 1913 година берлинското списание „Банка“:
„На меѓународниот пазар на капиталите се игра, од неодамна, комедија достојна за перото на Аристофан. Цела низа странски држави – од Шпанија до Балкан, од Русија до Аргентина, Бразилија и Кина – истапуваат отворено или прикриено на крупните парични пазари со барања, понекогаш извонредно упорни, да добијат заем. Паричните пазари сега не се во особено сјајна положба, а ни политичките перспективи не се најдобри. Но ни еден паричен пазар не се решава да откаже заем од страв дека соседот ќе го испревари, ќе се согласи да даде заем, и со тоа за себе ќе осигури извесни услуги за услугите. При таквите меѓународни зделки речиси секогаш по нешто му капнува на заемодавачот: отстапка во трговски договор, станица за јаглен, изградба на пристаниште, богата концесија, порачка на топови“.

Финансискиот капитал ја создаде епохата на монополите. А монополите секаде со себе ги носат монополистичките принципи: искористување на „врските“ за доходна работа доаѓа на местото на конкуренцијата на отворениот пазар. Најобична работа е: како услов за заемот се поставува трошење на еден негов дел за купување производи од земјата што го дава заемот, особено воен материјал, бродови итн. Во текот на двете последни децении (1890-1910) Франција многу често прибегнуваше кон тоа средство. Извозот на капитал во странство станува средство за поттикнување на извозот на стоки во странство. При тоа трансакциите помеѓу особено крупните претпријатија се такви што стојат – како „благо“ се изрази Шилдер – „на границата на поткупот“. Круп во Германија, Шнајдер во Франција, Армстронг во Англија – се примери на фирми тесно сврзани со гигантските банки и со владата, кои лесно не можат да бидат „заобиколени“ кога се склучува заем.

Давајќи ѝ заем на Русија, Франција ја „приклешти“ во трговскиот договор од 16 септември 1905 г., договарајќи определени концесии до 1917 година; иста е работата со трговскиот договор со Јапонија од 19 август 1911 г. Царинската војна помеѓу Австрија и Србија, која со прекин од 7 месеци траеше од 1906 до 1911 година, беше предизвикана делумно од конкуренцијата помеѓу Австрија и Франција во лиферувањето воен материјал на Србија. Пол Дешанел изјави во парламентот во јануари 1912 г. дека француските фирми од 1908 до 1911 год. ѝ доставиле на Србија воен материјал за 45 милиони франци.

Во извештајот на австро-унгарскиот конзул во Сао Паоло (Бразилија) се вели „Изградбата на бразилските железници се врши во поголем дел со помошта на француски, белгиски, британски и германски капитали; тие земји си обезбедуваат при финансиските операции што се во врска со изградбата на железниците лиферација на потребен железнички материјал“.

На тој начин финансискиот капитал, може да се рече, во буквална смисла на зборот ги распнува своите мрежи врз сите земји од светот. Притоа голема улога играат банките што се создаваат во колониите, и филијалите на тие банки. Германските империјалисти со завист гледаат на „старите“ колонијални земји, коишто во тој поглед особено „успешно“ се осигурале: Англија во 1904 имаше 50 колонијални банки со 2.279 филијали (1910: 72 со 5.449 филијали); Франција – 20 со 136 филијали; Холандија – 16 со 68, а Германија „сѐ на сѐ“ 13 со 70 филијали. Американските капиталисти, пак, им завидуваат на англиските и германските: „во Јужна Америка“ – се жалеа тие во 1915 година – „5 германски банки имаат 40 филијали и 5 англиски – 70 филијали… Англија и Германија за последните 25 години инвестираа во Аргентина, Бразилија и Уругвај околу четири билиони (милијарди) долари, и благодарејќи на тоа се користат со 46% од вкупната трговија на тие три земји“.

Земјите што извозуваат капитал го поделија меѓу себе светот, во преносна смисла на зборот. Но финансискиот капитал доведе и до директна поделба на светот.