Монополистичките сојузи на капиталистите – картелите, синдикатите, трустовите – го делат меѓу себе пред сѐ внатрешниот пазар, приграбувајќи го во свои раце, повеќе или помалку во целост, производството на дадената земја. Но внатрешниот пазар е во капитализмот неизбежно сврзан со надворешниот. Одамна капитализмот создаде светски пазар. И колку повеќе растеше извозот на капиталот и на разни начини се ширеа странските и колонијалните врски и „сферите на влијание“ на најкрупните монополистички сојузи, работата „природно“ се приближуваше кон светска спогодба меѓу нив, кон создавање меѓународни картели.
Тоа е нов степен на светската концентрација на капиталот и производството неспоредливо повисок од претходните. Да видиме како расте тој супермонопол.
Електроиндустријата е најтипична за најновите успеси на техниката, за капитализмот од крајот на XIX и почетокот на XX век. И таа најмногу се разви во двете најнапредни земји меѓу новите капиталистички земји: во Соединетите држави и во Германија. Во Германија врз порастот на концентрацијата на таа гранка особено силно влијаеше кризата од 1900 година. Банките, кои некако во тоа време веќе беа достатно сраснати со индустријата, силно ја забрзаа и ја продлабочија во времето на таа криза пропаста на релативно ситните претпријатија, нивното голтнување од страна на крупните. „Банките“, – пишува Јајделс – „им ја одземаа помошта токму на оние претпријатија на кои таа помош им беше најпотребна, предизвикувајќи со тоа најнапред вртоглав подем, а потоа безнадежна катастрофа на друштвата што не беа достатно тесно поврзани со нив“.
Поради тоа по 1900 година концентрацијата зачекори напред со џиновски чекори. Пред 1900 година имаше осум или седум „групи“ во електроиндустријата, при што секоја се состоеше од по неколку друштва (вкупно беа 28) и зад секоја стоеја од 2 до 11 банки. Помеѓу 1908 и 1912 сите тие групи се слеаја во две или во една. Еве како течеше тој процес:
Групи во електроиндустријата
Пред 1900 г. — осум или седум „групи“:
Фелтен и Ламејер; Гијом
→ Фелтен и Ламејер
Унија; А.Е.Г.
→ А.Е.Г. (Општо елек. друштво)
Сименс и Халске; Шукерт и Ко.
→ Сименс и Халске — Шукерт
Бергман
→ Бергман
Кумер
→ пропадна во 1900 г.
Од 1912 г. остануваат две групи:
А.Е.Г. (Општо електрично друштво)
Сименс — Халске — Шукерт
(во тесна „соработка“ од 1908 г.)
Прочуеното AEG (Општо електрично друштво), кое израсна на тој начин, владее над 175-200 друштва (по системот на „учества“) и располага со вкупна сума на капитал од околу 1 ½ милијарди марки. Само директни и странски претставништва тоа има 34, од кои 12 се акционерски друштва, – во повеќе од 10 држави. Уште во 1904 година се сметаше дека капиталите што германската електроиндустрија ги вложи во странство изнесуваа 233 милиони марки, од тоа 62 милиони во Русија. Не треба ни да се зборува дека „Општото електрично друштво“ е гигантски „комбинирано“ претпријатие со производство – само бројот на неговите фабрикациони друштва изнесува 16 – на најразлични продукти, од кабли и изолатори до автомобили и летачки апарати.
Но концентрацијата во Европа беше и составен дел на процесот на концентрацијата во Америка. Еве како се одвиваше тоа:
Настанување на Општото електрично друштво
ОПШТО ЕЛЕКТРИЧНО ДРУШТВО
САД:
„Томсон-Хаустон“ основа
друштво во Европа
|
v
Германија:
„Унија“, електрично друштво
„Едисон“ основа во Европа
француско друштво „Едисон“,
кое своите патенти ги
пренесува на германската фирма
|
v
Германија:
Општо електрично друштво (А.Е.Г.)
Така се создадоа двете „големи електрични сили“: „други, наполно независни од нив електрични друштва нема на земјава“ – пишува Хајниг во својата статија: „Патот на електричниот труст“. За размерот на прометот и големината на претпријатијата на обата „труста“ извесна – ни оддалеку неполна – претстава даваат следниве цифри: Промет на стоки (милиони марки) Број на службеници Чиста добивка (милиони марки)
| Промет на стоки (милиони марки) | Број на службеници | Чиста добивка (милиони марки) | |
|---|---|---|---|
| Америка, Општо електрично друштво (О.Е.Д.) — 1907 | 252 | 28.000 | 35,4 |
| Америка, Општо електрично друштво (О.Е.Д.) — 1910 | 298 | 32.000 | 45,6 |
| Германија, Општо електрично друштво (А.Е.Г.) — 1907 | 216 | 30.700 | 14,5 |
| Германија, Општо електрично друштво (А.Е.Г.) — 1911 | 362 | 60.800 | 21,7 |
И еве во 1907 година помеѓу американскиот и германскиот труст е склучена спогодба за поделба на светот. Конкуренцијата се отстранува. „Општата електрична компанија“ (GEC) ги „добива“ Соединетите држави и Канада; на „Општото електрично друштво“ (AEG) „му паднаа во дел“ Германија, Австрија, Русија, Холандија, Данска, Швајцарија, Турција, Балканот. Се склучени специјални – се разбира, тајни – договори во поглед на „друштвата-ќерки“, кои навлегуваат во новите индустриски гранки и во „новите“ формално уште неподелените земји. Се воведува заемна размена на пронајдоците и искуствата.
Разбирливо е само по себе колку е отежната конкуренцијата против тој, фактички единствен, светски труст, кој располага со капитал од неколку милијарди и има свои „филијали“, претставништва, агентури, врски итн. во сите краишта од светот. Но поделбата на светот помеѓу двата моќни труста, се разбира, не ја исклучува прераспределбата ако односите на силите – поради нерамномерноста на развитокот, војните, краховите итн. – се менуваат.
Поучен пример на обид за таква прераспределба, на борбата за прераспределба, претставува петролејската индустрија.
„Петролејскиот пазар на светот“ – пишува Јајделс во 1905 година – „и денес уште е поделен помеѓу две крупни финансиски групи: помеѓу американскиот „Петролејски труст“ (Standard Oil C-y) на Рокфелер и господарите на руската бакинска нафта, Ротшилд и Нобел. Обете групи се во тесна врска меѓу себе, но нивната монополна положба ја застрашуваат, има веќе неколку години, пет непријатели“: 1) исцрпеноста на американските извори на нафта; 2) конкурентската фирма на Манташев во Баку; 3) изворите на нафта во Австрија и 4) во Романија; 5) прекуокеанските извори на нафта, особено во холандските колонии (многу богатите фирми на Самјуел и Шел, сврзани и со англискиот капитал). Трите последни редици од претпријатија се сврзани со крупните германски банки, со најкрупната „Германска банка“ на чело. Тие банки самостојно и плански ја развиваа петролејската индустрија, на пр., во Романија, за да имаат „своја“ опора. Во романската петролејска индустрија во 1907 година странските капитали се ценеа на 185 милиони франци, од кои 74 беа германски.
Започна борбата што во економската литература така и ја наречуваат: борба за „поделба на светот“. Од една страна „Петролејскиот труст“ на Рокфелер, сакајќи да ги приграби сите, создаде „друштво-ќерка“, во самата Холандија, купувајќи извори на нафта во Холандска Индија и сакајќи на тој начин да му нанесе удар на својот главен непријател: холандско-англискиот труст „Шел“. Од друга страна, „Германската банка“ и другите берлински банки настојуваа да ја „зачуваат“ „за себе“ Романија и да ја обединат со Русија против Рокфелер. Овој последниот располагаше со неизмерно поголем капитал и со одлична организација на транспортот и доставката на петролеј до потрошувачите. Борбата мораше да заврши и заврши во 1907 година со полн пораз на „Германската банка“, на која ѝ остана едно од двете: или да ги ликвидира со милионски загуби своите „петролејски интереси“, или да се покори. Беше избрано последното и под многу неповолни услови „Германската банка“ склучи договор со „Петролејскиот труст“. Според тој договор, „Германската банка“ се обврза дека „не ќе преземе ништо на штета на американските интереси“; при тоа беше предвидено договорот да престанува да важи ако во Германија биде донесен закон за државен монопол на петролејот.
Тогаш започнува „петролејската комедија“. Еден од финансиските кралеви на Германија, Фон Гвинер, директор на „Германската банка“, поведува преку својот приватен секретар, Штаус, агитација за монопол на петролејот. Целиот гигантски апарат на најкрупната берлинска банка, сите многубројни „врски“ се ставаат во движење, печатот е преполн од „патриотски“ извици против „јаремот“ на американскиот труст, и Рахјстагот речиси едногласно донесе на 15 март 1911 година резолуција со која се повикува владата да изработи проект за петролејски монопол. Владата се фати за таа „популарна“ идеја и играта на „Германската банка“, која сакаше да го изигра својот американски контрахент и да ги поправи своите работи по пат на државен монопол, изгледаше добиена. Германските петролејски кралеви однапред веќе уживаа во гигантските профити, кои не би заостанувале зад профитите на руските фабриканти на шеќер… Но, прво, крупните германски банки се скараа меѓу себе околу поделбата на пленот, и „Дисконтното друштво“ ги разобличи еготистичните интереси на „Германската банка“; второ, владата се исплаши од борбата против Рокфелер, зашто беше многу сомнително дали Германија ќе може без него да добие достатно петролеј (производството на Романија е мало); трето, во тоа време требаше да се вотира милијардски кредит за 1913 година наменет за воените подготовки на Германија. Проектот за монопол беше одложен. Рокфелеровиот „Петролејски труст“ излезе од борбата привремено како победник.
Берлинското списание „Банка“ пишуваше по тој повод дека Германија би можела да се бори против „Петролејскиот труст“ само кога би вовела монопол на електричната струја и би ја претворила водената сила во евтин електрицитет. Но – додаваше таа – „електричниот монопол ќе дојде тогаш кога ќе им биде потребен на производителите; имено тогаш кога пред вратата ќе стои следниот голем крах во електроиндустријата и кога гигантските скапите електрични централи, што сега насекаде се подигаат од приватните „концерни“ на електроиндустријата и за кои тие „концерни“ веќе сега добиваат извесни одделни монополи од градовите, државите итн., не ќе бидат веќе во состојба да работат со профит. Тогаш ќе треба да се стават во дејство водните сили; но тие не ќе можат да се претвораат во евтин електрицитет за сметка на државата, тие сепак ќе треба да му се предадат на „приватниот монопол контролиран од државата“, зашто приватната индустрија веќе склучи низа спогодби и за себе договори огромни оштети… Така беше со монополот за калиум, така е со монополот за петролеј, така ќе биде со монополот за електрицитет. Веќе е време нашите државни социјалисти, кои се подложни на заслепување од убавиот принцип, да разберат најпосле дека во Германија монополите никогаш немале за цел и не довеле до таков резултат да им носат корист на потрошувачите или барем да ѝ даваат на државата дел од капиталистичкиот профит, туку служеа само за тоа на државна сметка да ја санираат приватната индустрија, која речиси дојде до банкротство.
Такви драгоцени признанија можат да прават буржоаските економисти на Германија. Ние овде јасно гледаме како се преплетуваат приватните и државните монополи во епохата на финансискиот капитал, како и едните и другите фактички се само одделни алки на империјалистичката борба меѓу најкрупните монополисти за поделба на светот.
Гигантскиот пораст на концентрацијата на трговската морнарица доведе до поделба на светот. Во Германија се изделија две најкрупни друштва „Хамбург – Америка“ и „Северногерманскиот Лојд“, обата со капитал од по 200 милиони марки (акции и облигации) со параброди што чинат 185-189 милиони марки. Од друга страна, во Америка на 1 јануари 1903 година е создаден таканаречениот Морганов труст, „Меѓународна компанија за поморска трговија“, која обединува американски и англиски парабродски друштва, девет на број, и располага со капитал од 120 милиони долари (480 милиони марки). Уште во 1903 година помеѓу германските колоси и тој американско-англиски труст беше склучена спогодба за поделба на светот во врска со поделбата на профитот. Германските друштва се откажаа од конкуренцијата во превозите помеѓу Англија и Америка. Беше точно установено кои пристаништа кому му се „препуштаат“, беше создаден заеднички контролен одбор итн. Договорот е склучен за 20 години, со клаузула дека во случај на војна ја губи важноста.
Вонредно е поучна и историјата на образувањето на меѓународниот картел на железнички шини. Англиските, белгиските и германските фабрики за железнички шини првпат се обидоа да создадат таков картел уште во 1884 година во времето на најсилната депресија на индустријата. Се спогодија дека не ќе си конкурираат на внатрешниот пазар на земјите што ја склучија спогодбата, а дека надворешните пазари ќе ги поделат според клучот: 66% на Англија, 27% на Германија и 7% на Белгија. Индија целата ѝ беше препуштена на Англија. Против една англиска фирма која остана вон од спогодбата беше поведена заедничка војна, и трошоците од таа војна беа покривани со извесен процент од заедничките продажби. Но во 1886 година кога од сојузот излегоа две англиски, тој се распадна. Карактеристично е дека до спогодба не можеше да дојде во периодите на индустрискиот подел што настапи потоа.
Во почетокот на 1904 година се основа синдикатот за челик во Германија. Во ноември 1904 беше обновен меѓународниот картел за железнички шини според клучот: Англија – 53,5%, Германија – 28,83%, Белгија – 17,67%. Потоа се присоедини Франција со 4.8%, 5.8% и 6.4% за првата, втората и третата година, покрај 100%, т.е. при сумата од 104,8% итн. Во 1905 година се присоедини „Челичниот труст“ на Соединетите држави („Челичната корпорација“), потоа Австрија и Шпанија. „Во дадениот момент – пишуваше Фогелштајн во 1910 година – поделбата на земјата е завршена, и крупните потрошувачи, во прв ред државните железници, сега можат – бидејќи светот е поделен, а нивните интереси не се земени предвид – да живеат како поет на небото на Јупитер.“
Ќе го споменеме уште меѓународниот синдикат за цинк, кој е основан во 1909 година и кој точно ги распредели размерите на производството помеѓу пет групи фабрики: германски, белгиски, француски, шпански и англиски; – потоа меѓународниот труст за барут, тој, според зборовите на Лифман, „наполно модерен тесен сојуз помеѓу сите германски фабрики за експлозив, кои потоа заедно со аналогно организираните француски и американски фабрики за динамит го поделија меѓу себе, така да се каже, целиот свет.“
Во 1897 Лифман изброи околу 40 меѓународни картели во кои учествува Германија, а во 1910 година веќе околу 100.
Некои буржоаски автори (кон кои сега се придружи и К. Кауцки, кој сосем ја изневери својата марксистичка позиција, на пример, од 1909 година) изразуваат мислење дека меѓународните картели, како еден од најрелјефните изрази на интернационализацијата на капиталот, даваат можност за надеж за мир меѓу народите при капитализмот. Тоа мислење теоретски е сосема бесмислено, а практично е софизам и начин за нечесна одбрана на најлошиот опортунизам. Меѓународните картели покажуваат до кој степен денес израснаа капиталистичките монополи и поради што се води борбата меѓу сојузите на капиталистите. Овој последниот момент е најважен; единствено тој ни ја објаснува историско-економската смисла на она што се случува, зашто формата на борбата може да се менува и постојано се менува во зависност од разни, релативно случајни и привремени причини, но суштината на борбата, нејзината класна содржина никако не може да се измени додека постојат класите. Се разбира дека е во интерес, на пр., на германската буржоазија, кон која сега всушност премина Кауцки во своите теоретски резонирања (за тоа уште ќе стане збор подолу), да се заташкува содржината на денешната економска борба (поделбата на светот) и да се подвлекува ту едната ту другата форма на таа борба. Истата грешка ја прави Кауцки. А се работи, се разбира, не за германската, туку за светската буржоазија. Капиталистите го делат светот не поради својата особена пакост, туку затоа што достигнатиот степен на концентрацијата ги принудува да удрат по тој пат заради добивање профит; притоа тие го делат „според капиталот“, „според силата“ – друг начин на поделба не може да постои во системот на стоковното производство и капитализмот. А силата се менува во зависност од економскиот и политичкиот развиток; за да го разбереме она што се случува, треба да знаеме кои прашања се решаваат со измените на силата, а дали тие измени се „чисто“ – економски или вонекономски (на пр., воените), тоа е второстепено прашање, кое ништо не може да измени во основните погледи врз најновата епоха на капитализмот. Да се заменува прашањето за содржината на борбата и на спогодбите меѓу сојузите на капиталистите со прашањето за формата на борбата и на спогодбите (денес мирна, утре немирна, задутре пак немирна), значи да се паѓа на улогата на софист.
Епохата на најновиот капитализам ни покажува дека помеѓу сојузите на капиталистите се создаваат извесни односи врз база на економската поделба на светот, а напоредно со тоа, во врска со тоа меѓу политичките сојузи, државите, се создаваат извесни односи врз база на територијалната поделба на светот, борбата за колонии, „борбата за стопанска територија“.