Географот А. Супан во својата книга за „територијалниот развиток на европските колонии“ го дава ова резиме на тој развиток на крајот од XIX век.
| Дел на светот | 1876 | 1900 | Пораст или намалување |
|---|---|---|---|
| Африка | 10,8 | 90,4 | +79,6 |
| Полинезија | 56,8 | 98,9 | +42,1 |
| Азија | 51,5 | 56,6 | +5,1 |
| Австралија | 100,0 | 100,0 | — |
| Америка | 27,5 | 27,2 | −0,3 |
„Карактеристична црта на овој период – заклучува тој – е, спрема тоа, поделбата на Африка и Полинезија“. Бидејќи во Азија и во Америка нема незапоседнати земји, т.е. земји што не ѝ припаѓаат на ниедна држава, заклучокот на Супан треба да се прошири и да се каже дека карактеристична црта на разгледуваниот период е дефинитивната поделба на земјата, дефинитивна не во таа смисла дека повторна поделба не е можна – напротив, повторни поделби се можни и неизбежни – туку во смисла дека колонијалната политика на капиталистичките земји го заврши запоседнувањето на незапоседнатите земји на нашата планета. Светот за првпат веќе е поделен, така што во иднина престојат само повторни поделби, т.е. премин од еден „поседник“ кон друг, а не од состојба без господар кон „господар“.
Според тоа ние ја преживуваме своебразната епоха на светската колонијална политика, која е најтесно сврзана со „најновиот степен во развитокот на капитализмот“, со финансискиот капитал. За тоа е нужно поисцрпно да се задржиме, пред сѐ, две фактички прашања: дали се забележува јакнењето на колонијалната политика, заострувањето на борбата за колонии токму во епохата на финансискиот капитал и како имено е поделен светот во тој поглед денес.
Американскиот автор Морис во својата книга за историјата на колонизацијата се обидува да даде споредбени податоци за размерите на колонијалните поседи на Англија, Франција и Германија за разни периоди од XIX век. Еве ги накратко резултатите што ги добил:
| Година | Англија: површина | Англија: население | Франција: површина | Франција: население | Германија: површина | Германија: население |
|---|---|---|---|---|---|---|
| 1815–30 | ? | 126,4 | 0,02 | 0,5 | — | — |
| 1860 | 2,5 | 145,1 | 0,2 | 3,4 | — | — |
| 1880 | 7,7 | 267,9 | 0,7 | 7,5 | — | — |
| 1899 | 9,3 | 309,0 | 3,7 | 56,4 | 1,0 | 14,7 |
За Англија периодот на огромното јакнење на колонијалните освојувања паѓа во годините 1860-1880, а мошне значајното јакнење во последните две децении од XIX век. За Франција и Германија – токму во тие две децении. Горе видовме дека периодот на највисокиот развиток на предмонополистичкиот капитализам, капитализмот во кој преовладува слободната конкуренција, паѓа во шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век. Сега гледаме дека токму по тој период почнува огромниот „подем“ на колонијалните освојувања, во извонредна степен се заострува борбата за територијална поделба на светот. Несомнен е, според тоа, фактот дека преминот на капитализмот кон степенот на монополистичкиот капитализам, кон финансискиот капитал е сврзан со заострувањето на борбата за поделба на светот.
Во своето дело за империјализмот Хопсон ја изделува епохата 1884-1900 год. како епоха на зајакната „експанзија“ (проширување на територијата) на главните европски држави. Според неговата сметка, Англија за тоа време дојде до 3,7 милиони кв. милји со население од 57 милиони; Франција – 3,6 милиони кв. милји со население од 36 1/2 милиони; Германија – 1,0 милион кв. милји со 14,7 милиони; Белгија – 900 илјади кв. милји со 30 милиони; Португалија – 800 илјади кв. милји со 9 милиони. Натпреварот за колонии кон крајот на XIX век, особено од осумдесеттите години, од страна на сите капиталистички држави е општопознат факт на историјата на дипломатијата и на надворешната политика.
Во епохата на најголемиот расцут на слободната конкуренција во Англија, во 1840-1860, нејзините раководни буржоаски политичари беа против колонијалната политика, сметаа дека ослободувањето на колониите, нивното полно отцепување од Англија е неизбежна и корисна работа. М. Бер укажува во својата статија за „најновиот англиски империјализам“, појавена во 1898 г., дека во 1852 година таков кон империјализмот наполно наклонет англиски државник како Дизраели, зборувал: „Колониите – тоа се воденички камења на нашиот врат.“ А на крајот на XIX век јунаци на денот беа во Англија Сесил Родс и Џозеф Чемберлен, кои отворено го проповедаа империјализмот и ја применуваа империјалистичката политика со најголем цинизам!
Не е неинтересно дека врската на чисто, така да се рече, економските и социјално-политичките корења на најновиот империјализам веќе тогаш им беше јасна на тие раководни политичари на англиската буржоазија. Чемберлен го проповедаше империјализмот како „вистинска, мудра и економична политика“, укажувајќи особено на конкуренцијата што ја среќава сега Англија на светскиот пазар од страна на Германија, Америка и Белгија. Спасот е во монополот, зборуваа капиталистите основајќи картели, синдикати, трустови. Спасот е во монополот – повторуваа политичките водачи на буржоазијата, брзајќи да ги приграбат уште неподелените делови на светот. А Сесил Родс, како што раскажуваше неговиот интимен пријател, новинарот Стед, му зборувал во врска со своите империјалистички идеи во 1895 година: „Вчера бев во лондонскиот Ист-Енд (работнички квартал) и посетив еден собир на безработните. Кога слушнав таму дивјачки говори, кои беа, сите, еден извик: леб, леб!, јас, одејќи си дома и размислувајќи за виденото, се уверив, повеќе одошто кога и да било во важноста на империјализмот…Мојата заветна идеја е решение на социјалното прашање, имено: за да ги спасиме четириесетте милиони жители на Обединетото кралство од убиствената граѓанска војна, ние колонијалните политичари мораме да завладееме нови земји заради сместување на одвишокот на населението, заради стекнување нови пазари за стоката што се произведува во фабриките и во рудниците. Империјата, јас тоа секогаш сум го зборувал, е прашање на желудникот. Ако не сакате граѓанска војна, вие морате да станете империјалисти“.
Така зборуваше Сесил Родс во 1895 г. милионер, финансиски крал, главен виновник за англо-бурската војна; неговата одбрана на империјализмот само малку е груба, цинична, а во суштината не се разликува од „теоријата“ на гг. Маслов, Зидекум, Потресов, Давив, основачот на рускиот марксизам итн. итн. Сесил Родс беше малку почесен социјал-шовинист…
За да дадеме по можност поточна слика за територијалната поделба на светот и за измените во тој поглед за последниве децении, ќе ги искористиме таблиците што ги дава Супан во споменатото дело по прашањето за колонијалните поседи на сите држави во светот. Супан ги зема 1876 и 1900 година; ние ќе ја земеме 1876 – пункт избран многу среќно, зашто може да се смета дека токму во тоа време, општо земено, е завршен развитокот на западноевропскиот капитализам во неговиот предмонополистички стадиум – и 1914, заменувајќи ги цифрите на Супан со понови според „Географско-статистичките таблици на Хибнер“ Супан ги зема само колониите; ние сметаме за корисно – за да се даде полна слика на поделбата на светот – накратко да додадеме податоци и за неколонијалните земји и за полуколониите; меѓу кои ги убројуваме Персија, Кина и Турција: првата од тие земји речиси веќе наполно стана колонија, втората и третата стануваат такви.
Ги добиваме овие резултати:
| Држава | Колонии 1876: површина | Колонии 1876: население | Колонии 1914: површина | Колонии 1914: население | Метропола 1914: површина | Метропола 1914: население | Вкупно 1914: површина | Вкупно 1914: население |
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| Англија | 22,5 | 251,9 | 33,5 | 393,5 | 0,3 | 46,5 | 33,8 | 440,0 |
| Русија | 17,0 | 15,9 | 17,4 | 33,2 | 5,4 | 136,2 | 22,8 | 169,4 |
| Франција | 0,9 | 6,0 | 10,6 | 55,5 | 0,5 | 39,6 | 11,1 | 95,1 |
| Германија | — | — | 2,9 | 12,3 | 0,5 | 64,9 | 3,4 | 77,2 |
| САД | — | — | 0,3 | 9,7 | 9,4 | 97,0 | 9,7 | 106,7 |
| Јапонија | — | — | 0,3 | 19,2 | 0,4 | 53,0 | 0,7 | 72,2 |
| Вкупно за 6-те големи сили | 40,4 | 273,8 | 65,0 | 523,4 | 16,5 | 437,2 | 81,5 | 960,6 |
| Површина | Население | |
|---|---|---|
| Колонии на другите држави (Белгија, Холандија и др.) | 9,9 | 45,3 |
| Полуколонијални земји (Персија, Кина, Турција) | 14,5 | 361,2 |
| Останати земји | 28,0 | 289,9 |
| Вкупно за целиот свет | 133,9 | 1.657,0 |
Ние тука јасно гледаме како беше „завршена“ поделбата на светот на границата помеѓу XIX и XX век. Колонијалните поседи се проширија по 1876 во огромни размери: повеќе од еден и пол пат, од 40 на 65 милиони кв.км. кај шесте најголеми држави; прирастот изнесува 25 милиони кв.км., еден и пол пат повеќе од површината на метрополите (16 ½ милиони). Во 1876 три држави немаа никакви колонии, а четвртата, Франција, речиси ги немаше. До 1914 тие четири држави добија колонии со површина од 14,1 милиони кв.км., т.е. приближно еден и пол пат повеќе од површината на Европа, со население од речиси 100 милиони. Нерамномерноста во проширувањето на колонијалните поседи многу е голема. Ако ги споредиме, на пример, Франција, Германија и Јапонија, кои не се разликуваат многу по големината на својата површина и по бројот на населението, ќе видиме дека првата од тие земји доби речиси три пати повеќе колонии (по површини) одошто втората и третата, земени заедно. Но, по размерите на финансискиот капитал, Франција, во почетокот на разгледуваниов период беше, можеби, и неколку пати побогата од Германија и Јапонија, земени заедно. На големината на колонијалните поседи, освен чисто економските услови, и врз база на тие услови, влијаат географските услови и др. Колку силно и да се одвиваше во последните десетлетија нивелирањето на светот, израмнувањето на стопанските и животните услови во различните земји под притисок на крупната индустрија, размената и финансискиот капитал, сепак останува голема разликата, и меѓу шесте споменати земји гледаме, од една страна, млади капиталистички земји кои необично брзо напредуваа (Америка, Германија, Јапонија); од друга страна – земји од стариот капиталистички развиток кои во последно време далеку побавно напредуваа од претходните (Франција и Англија); од трета, земја најзаостаната во економски поглед (Русија), во која најновиот капиталистички империјализам е исплетен, така да се рече, со особено густа мрежа на преткапиталистички односи.
Напоредно со колонијалните поседи на големите држави ги ставивме малите колонии на малите држави, кои, така да се каже, се најблизок објект на можната и веројатно „повторната поделба“ на колониите. Повеќето од тие мали држави ги држат своите колонии само благодарејќи на тоа што меѓу големите држави постојат спротивности на интересите, несогласици итн., кои ја попречуваат спогодбата за поделба на пленот. Што се однесува на „полуколонијалните“ држави, тие се пример на преодните форми што се среќаваат во сите области на природата и општеството. Финансискиот капитал е така голема, може да се каже решавачка сила во сите економски и во сите меѓународни односи, што тој може да ги потчинува, и навистина потчинува, дури и држави кои имаат полна политичка независност; примери за тоа ќе видиме веднаш. Но, се разбира, најголеми „удобности“ и најголеми користи му дава на финансискиот капитал такво потчинување кое е сврзано со губењето на политичката независност на земјите и народите кои се потчинуваат. Полуколонијалните земји се типични како „средина“ во тој поглед. Јасно е дека борбата околу тие полузависни земји особено мораше да се заостри во епохата на финансискиот капитал, кога другиот свет веќе беше поделен.
Колонијалната политика и империјализмот постоеја и пред најновиот степен на капитализмот, па дури и пред капитализмот. Рим, заснован врз ропството, водел колонијална политика и остварувал империјализам. Но „општите“ резонирања за империјализмот, кои ја забораваат или ја потиснуваат на заден план основната разлика на општествено-економските формации, неизбежно се претвораат во празни баналности или самофалби, како што е споредбата на „великиот Рим со велика Британија“. Дури и капиталистичката колонијална политика на поранешните стадиуми на капитализмот суштествено се разликува од колонијалната политика на финансискиот капитал.
Основната особеност на најновиот капитализам е господството на монополитстичките сојузи на најкрупните капиталисти. Таквите монополи се најцврсти кога во едни раце ќе се приграбат сите избори на суровини, и ние видовме со каква јарост меѓународните сојузи на капиталистите ги насочуваат своите усилби кон тоа да му ја одземат на противникот секоја можност за конкуренција, да ги закупат, на пр. наоѓалиштата на железна руда или изворите на нафта итн. Само владеењето на колониите дава полна гаранција за успех на монополот против сите случајности на борбата со соперникот – дури и таква случајност кога противникот би посакал да се заштити со закон за државен монопол. До колку е повисок развитокот на капитализмот до колку посилно се чувствува недостигот на суровини, до колку е поостра конкуренцијата и натпреварот за извори на суровини во целиот свет до толку е поогорчена борбата за освојување колонии.
„Може да се истакне тврдењето – пишува Шилдер – кое на некои можеби ќе им изгледа парадоксално, имено: дека порастот на градското и индустриското население во повеќе или помалку блиската иднина може многу побрзо да сретне пречка во недостиг на суровини за индустријата, одошто во недостиг на намирници“. Така, на пример, сѐ посилно се чувствува недостигот на дрво, кое сѐ повеќе поскапува – од кожи – од суровини за текстилната индустрија. „Сојузите на индустријалците се обидуваат да создадат рамнотежа помеѓу селското стопанство и индустријата во границите на целокупното светско стопанство; како пример можеме да го споменеме меѓународниот сојуз на здруженијата на сопствениците на предилници за памук, кој постои од 1904 година во неколку најважни и индустриски држави; потоа по неговиот пример во 1910 година основаниот сојуз на европските здруженија на сопствениците на предилниците за лен“.
Се разбира, буржоаските реформисти и меѓу нив особено сегашните кауцкијанци се обидуваат да го ослабнат значењето на тој вид факти со тврдењето дека суровини би „можеле“ да се набават на слободниот пазар без „скапата и опасна“ колонијална политика, дека понудата на суровините би „можела“ гигантски да се наголеми со „простото“ подобрување на условите на селското стопанство воопшто. Но таквите укажувања се претвораат во апологетика на империјализмот, во негово разубавување, зашто тие се засноваат врз заборавање на главната особеност на најновиот капитализам: монополите. Слободниот пазар сѐ повеќе заминува во областа на минатото, монополистичките синдикати и трустовите го поткаструваат со секој ден, а „простото“ подобрување на условите на селското стопанство се сведува на подобрување на положбата на масите, на зголемување на надницата и намалување на профитот. А каде, освен во фантазијата на сладникавите реформисти, постојат трустови што се грижат за положбата на масите наместо за освојување на колонии?
За финансискиот капитал имаат значење не само веќе откриените извори на суровини, туку и можните извори. зашто техниката со неверојатна брзина се развива во нашиве дни, и земји кои денес не се погодни, можат да станат погодни утре ако бидат најдени нови методи (а за таа цел крупната банка може да опреми специјална експедиција од инженери, агрономи итн.), ако се потрошат поголеми суми капитал. Тоа истото важи за истражувањето на минералните богатства, за новите начини на обработување и искористување на оние или овие суровини итн., итн. Оттука – неизбежниот стремеж на финансискиот капитал за проширување на стопанската територија и дури територијата воопшто. Како што трустовите го капитализираат својот имот по двојна или тројна процена, сметајќи со „можните“ профити во иднина (а не со сегашните), сметајќи со натамошните резултати на монополот, така и финансискиот капитал воопшто се стреми да зграби колку што се може повеќе земји, какви и да било, каде и да било, како и да било, сметајќи со можните извори на суровини, плашејќи се да не заостане во жестоката борба околу последните парчиња неподелен свет или околу повторната поделба на веќе поделените парчиња.
Англиските капиталисти настојуваат на сите можни начини да го развијат производството на памук во својата колонија, Египет – во 1904 година од 2,3 милиони хектари обработлива земја во Египет веќе беа под памук 0,6 милиони, т.е. повеќе од една четвртина; руските во својата колонија, Туркестан, заради тоа што по тој пат можат полесно да ги победат своите странски конкуренти, полесно можат да пристапат кон монополизација на изворите за суровини, кон создавање поекономичен и порентабилен текстилен труст со „комбинирано“ производство, со концентрирање на сите стадиуми на производството и преработката на памукот во едни раце.
Интересите на извозот на капиталот исто така ги туркаат кон освојување колонии, зашто на колонијалниот пазар е полесно (а понекогаш и единствено можно) со монополистички методи да се отстрани конкурентот, да се осигураат лиферации, да се зацврстат соодветните „врски“ итн.
Вонекономската надградба, која израснува врз основата на финансискиот капитал, неговата политика, неговата идеологија го засилуваат стремежот кон колонијални освојувања. „Финансискиот капитал не сака слобода, туку сака господство“, со право вели Хилфердинг. А еден буржоаски француски автор, како да ги развива и дополнува напред наведените мисли на Сесил Родс, пишува дека кон економските причини на современата колонијална политика треба да се додадат социјалните: „поради сѐ поголемата сложеност на животот и тешкотијата која ги притиска не само работничките маси, туку и средните класи, во сите земји од старата цивилизација се натрупуваат „нетрпеливоста, раздразнетоста, омразата, кои го загрозуваат јавниот мир; на енергијата што е исфрлена од одредениот класен колосек треба да ѝ се најде примена, да ѝ се даде работа вон од земјата, за да не дојде до експлозија внатре во земјата.““
Кога веќе станува збор за колонијалната политика во епохата на капиталистичкиот империјализам, потребно е да се одбележи дека финансискиот капитал и меѓународната политика што му соодветствува, којашто се сведува на борба на големите држави за економска и политичка поделба на светот, создаваат цела низа преодни форми на државна зависност. За оваа епоха не се типични само двете основни групи земји: земјите што имаат колонии и колониите, туку и разнообразните форми на зависни земји, политички формално самостојни, а фактички заплеткани во мрежите на финансиска и политичка зависност. Едната од тие форми – полуколониите – веќе ја истакнавме погоре. Пример на другата е на пр., Аргентина.
„Јужна Америка, а особено Аргентина – пишува Шулце-Геверниц во своето дело за британскиот империјализам – се наоѓа во таква финансиска зависност од Лондон што речиси треба да се нарече англиска трговска колонија“.
Капиталите што Англија ги инвестирала во Аргентина Шилдер ги оценуваше, врз основа на извештајот од австро-унгарскиот конзул во Буенос-Аирес за 1909 год. на 8 3/4 милијарди франци. Не е тешко да се замисли какви цврсти врски создава поради тоа финансискиот капитал – и неговиот верен „пријател“, дипломатијата – на Англија со буржоазијата на Аргентина, со раководните кругови на целиот нејзин економски и политички живот.
Донекаде поинаква форма на финансиска и дипломатска зависност, при политичка независност, ни дава примерот на Португалија. Португалија е самостојна, суверена држава, но фактички над 200 години, од времето на војната за шпанското наследство (1701-1714), таа се наоѓа под протекторатот на Англија. Англија ја заштитуваше неа и нејзините колонијални поседи заради јакнење на својата позиција во борбата против своите противници Шпанија и Франција. Англија добиваше во замена за тоа трговски повластици, подобри услови за извоз на стоки и особено за извоз на капитал во Португалија и нејзините колонии, можност да ги користи пристаништата и островите на Португалија, нејзините кабли итн., итн.. Такви односи меѓу одделни големи и мали држави имало секогаш, но во епохата на капиталистичкиот империјализам тие стануваа општ систем, влегуваат, како дел, во целокупноста на односите на „поделба на светот“, се претвораат во алки на операциите на светскиот финансиски капитал.
За да завршиме со прашањето за поделбата на светот, мораме да го истакнеме уште ова. Тоа прашање го поставија сосема отворено и определено пред самиот крај на XIX век и во почетокот на XX век не само американската литература по шпанско-американската војна, и англиската по англо-бурската војна, не само германската литература, која „најљубоморно“ го следеше „британскиот империјализам“, систематски го оценуваше тој факт. И во француската буржоаска литература прашањето е поставено доволно определено и широко, до колку тоа е замисливо од буржоаска гледна точка. Ќе се повикаме на историчарот Дрно, кој во својата книга: „Политичките и социјалните проблеми на крајот на XIX век“ во главата за „големите држави и поделбата на светот“, го пишуваше ова: „Во текот на последните години сите слободни места на Земјата, освен Кина, ги зазедоа државите од Европа и Северна Америка. Врз таа база веќе дојде до неколку конфликти и преместувања на влијанието, кои се предвесници на ужасни експлозии во блиската иднина. Зашто мора да се брза: нациите што не се осигуриле ризикуваат никогаш да не го добијат својот дел и да не земат учество во гигантската експлоатација на Земјата, која ќе биде еден од најсуштествените факти на следниот (т.е. XX) век. Ете зошто цела Европа и Америка во последно време беа обземени од треската на колонијалната експанзија, од „империјализмот“ кој е најкарактеристична црта на крајот на XIX век“. И авторот додаваше: „Во таа поделба на светот, во тој бесен натпревар за богатства и за големите пазари на светот, релативната сила на империите основани во овој, XIX век, се наоѓа во полн расчекор со местото што го заземаат во Европа нациите што го основале. Државите коишто доминираат во Европа, кои ѝ ја одредуваат судбината, не доминираат во истата мера во целиот свет. А бидејќи колонијалната сила, надежта да се завладеат уште непроценети богатства, очевидно ќе има реперкусии врз релативната сила на европските држави, поради тоа колонијалното прашање – „империјализмот“, ако сакате – кое веќе ги измени политичките услови на самата Европа, ќе ги менува нив сѐ повеќе и повеќе“.