Сега треба да се обидеме да извлечеме извесни заклучоци, да го резимираме реченото погоре за империјализмот. Империјализмот израсна како развиток и директно продолжување на основаните својства на капитализмот воопшто. Но капитализмот стана капиталистички империјализам дури на определена, многу виска степен од својот развиток, кога некои основни својства на капитализмот почнаа да се претвораат во своја спротивност, кога по сета линија се формираа и се појавија црти на преодната епоха од капитализам кон повисок општествено-економски систем. Економски основното во тој процес е сменувањето на капиталистичката слободна конкуренција со капиталистичките монополи. Слободната конкуренција е основното својство на капитализмот и на стоковното производство воопшто; монополот е директна спротивност на слободната конкуренција, а оваа на наши очи почна да се претвора во монопол, создавајќи крупно производство, истиснувајќи го ситното, заменувајќи го крупното со уште покрупно, доведувајќи ја концентрацијата на производството и капиталот до тоа што од него израсна и израснува монопол: картели, синдикати, трустови и капитал на десетина банки, кај кои се вртат милијарди, капитал што со нив се спојува. А во исто време монополите, израснувајќи од слободната конкуренција, не ја отстрануваат неа, туку постојат над неа и напоредно со неа, пораѓајќи со тоа низа особено остри и големи спротивности, разјадувања, конфликти. Монополот е премин од капитализмот кон повисок систем.
Ако треба да се даде колку се може пократка дефиниција на империјализмот, би требало да се каже дека империјализмот е монополистички стадиум на капитализмот. Таа дефиниција би го содржела она најглавното, зашто, од една страна, финансискиот капитал е банковен капитал на монополистички мал број крупни банки којшто се слеал со капиталот на монополистичките сојузи на индустријалците; а од друга страна, поделбата на светот е премин од колонијалната политика која непречено се шири на областите што не се запоседнати од ниедна капиталистичка држава кон колонијална политика на монополно владеење на територијата на земјата што е докрај поделена.
Но премногу кратките дефиниции, макар и погодни, зашто го резимираат главното, – сепак се недоволни кога треба од нив посебно да се изведуваат мошне суштествени црти на онаа појава што треба да се дефинира. Затоа, без да го забораваме условното и релативното значење на сите дефиниции воопшто, кои никогаш не можат да ги опфатат сестраните врски на појавата во нејзиниот полн развиток, треба да се даде таква дефиниција на империјализмот којашто би ги содржела овие пет основни негови белези: 1) концентрацијата на производството и капиталот, која дојде до таков висок степен на развитокот што ги создаде монополите, кои играат решавачка улога во стопанскиот живот; 2) спојување на банковниот капитал со индустрискиот и, врз база на тој „финансиски капитал“ создавање на финансиската олигархија; 3) извоз на капитал, за разлика од извозот на стоки, добива особено важно значење; 4) се образуваат меѓународни монополистички сојузи на капиталистите кои го делат светот, и 5) завршена е територијалната поделба на земјата од страна на најкрупните капиталистички држави. Империјализмот е капитализам во оној стадиум на развитокот кога се создава господство на монополите и финансискиот капитал, истакнато значење доби извозот на капитал, почна поделбата на светот од страна на меѓународните трустови и се заврши поделбата на целата територија на земјата од страна на најкрупните капиталистички земји.
Ние понатаму уште ќе видиме како може и треба поинаку да се дефинира империјализмот ако се имаат предвид не само основните чисто економски поими (со кои се ограничува приведената дефиниција), туку и историското место на соодветниот стадиум на капитализмот по однос на капитализмот воопшто, или односот на империјализмот и двете основни насоки во работничкото движење. А сега треба да се одбележи дека империјализмот, сфатен во споменатата смисла, претставува, несомнено, особен стадиум во развитокот на капитализмот. За да му дадеме на читателот колку што се може пообоснована претстава за империјализмот, намерно настојувавме да приведеме што повеќе одзиви на буржоаските економисти, кои се принудени да ги признаваат беспорно утврдените факти на најновата економика на капитализмот. Со таа цел се приведуваа подробни статистички податоци, кои дозволуваат да се види до кој степен имено израсна банковниот капитал итн., во што токму се изрази преминот на квантитетот во квалитет, преминот на развиениот капитализам во империјализам. Не треба, се разбира, ни да се зборува дека сите граници во природата и општеството се условни и подвижни, дека би било бесмислено да се дискутира, на пр. за тоа во која година или во која деценија спаѓа „дефинитивното“ установување на империјализмот.
Но треба пред сѐ да се дискутира за дефиницијата на империјализмот со главниот марксистички теоретичар на епохата од таканаречената II Интернационала, т.е. од периодот од 25 години, од 1889 до 1914 година, К. Кауцки. Против основните идеи изразени во нашата дефиниција на империјализмот Кауцки истапи сосем решително и во 1915 и дури уште во ноември 1914 година, изјавувајќи дека под империјализмот треба да се подразбира не „фаза“ или степен на стопанството, туку политика, имено определена политика која финансискиот капитал ја „претпочита“, дека империјализмот не може да се „идентификува“ со „современиот капитализам“, дека ако под империјализам се подразбираат „сите појави на современиот капитализам“ – картелите, протекционизмот, господството на финансиерите, колонијалната политика – тогаш прашањето за нужноста на империјализмот за капитализмот ќе се свело на „најобична тавтологија“, зашто тогаш „природно, империјализмот е животна нужност за капитализмот“ итн. Мислата на Кауцки најточно ќе ја изразиме ако ја наведеме неговата дефиниција на империјализмот, управена директно против суштината на идеите што ги изложивме (зашто приговорите од лагерот на германските марксисти, кои со години застапуваа слични идеи, одамна му се познати на Кауцки како приговори на определена струја во марксизмот).
Дефиницијата на Кауцки гласи:
„Империјализмот е продукт на високоразвиениот индустриски капитализам. Тој се состои во стремежот на секоја индустриска капиталистичка нација да ги присоединува или да ги потчинува сите поголеми аграрни(курзивот е од Кауцки) области, без оглед на тоа од кои нации се тие населени“.
Оваа дефиниција апсолутно не е за ништо, зашто таа еднострано, т.е. произволно, го изделува само и исклучиво националното прашање (иако е тоа извонредно важно како само по себе така и во својот однос спрема империјализмот) произволно и неточно сврзувајќи го само со индустрискиот капитал во земјите што анектираат други нации и сто така произволно и неточно истакнувајќи ја анексијата на аграрните области.
Империјализмот е стремеж кон анексии – ете на што се сведува политичкиот дел од дефиницијата на Кауцки. Тој е точен, но крајно неполн, зашто политички империјализмот е воопшто стремеж кон насилство и кон реакција. Нас, меѓутоа, овде нѐ интересира економската страна на работата која ја внесе во својата дефиниција самиот Кауцки. Неточностите во дефинициите на Кауцки бијат в очи. За империјализмот токму е карактеристичен не индустрискиот, туку финансискиот капитал. Не е случајно што во Франција токму вонредно брзиот развиток на финансискиот капитал, при слабеењето на индустрискиот, предизвика во осумдесеттите години од минатиот век крајно заострување на анексионистичката (колонијалната) политика. За империјализмот е карактеристичен токму стремежот кон анектирање не само на аграрните области; туку и на најиндустриските (германските апетити кон Белгија, француските кон Лотарингија), зашто, прво, завршената поделба на светот принудува, при повторна поделба, да се протегаат рацете кон секакви земји; второ, за империјализмот е суштествен натпреварот на неколку големи држави во стремежот за хегемонија, т.е. за освојување земји не толку директно заради себе колку заради слабеењето на противникот и поткопувањето на неговата хегемонија (за Германија Белгија е особено важна како упориште против Англија: за Англија Багдад како упориште против Германија итн.).
Кауцки посебно, и често, се повикува на Англичаните, кои божем дале чисто политичко значење на зборот империјализам во неговата, на Кауцки, смисла. Го земаме Англичанецот Хопсон и читаме во неговото дело „Империјализмот“, излезено во 1902 година:
„Новиот империјализам се разликува од стариот, прво, по тоа што тој наместо стремежите на една сѐ поголема империја ја става теоријата и практиката на империите што една со другата си конкурираат и од кои секоја се раководи од еднакви аспирации за политичко ширење и трговска добивка; второ, со преовладувањето на финансиските интереси или интересите што се однесуваат до инвестирањето на капиталот над трговските интереси“.
Гледаме дека Кауцки всушност апсолутно нема право кога се повикува на Англичаните воопшто (тој би можел да се повика само на вулгарните англиски империјалисти или на вулгарните апологети на империјализмот). Гледаме дека Кауцки, претендирајќи дека и натаму го брани марксизмот, фактички прави чекор назад во споредба со социјал-либералот Хопсон, кој поправилно ги зема предвид двете „историски конкретни“ (со својата дефиниција Кауцки токму се бие шега со историската конкретност!) особености на современиот империјализам: 1) конкуренцијата на неколку империјализми и 2) преовладување на финансиерот над трговецот. А ако главно станува збор за тоа дека индустриската земја ја анектира аграрната, тогаш со тоа се истакнува доминантната улога на трговецот.
Дефиницијата на Кауцки не е само неточна и немарксистичка. Таа служи како основа на целиот систем на погледи кои по сета линија раскинуваат и со марксистичката теорија и со марксистичката практика, за што подолу уште ќе стане збор. Сосем е несериозно расправањето околу зборовите што го подигна Кауцки: дали најновиот степен на капитализмот треба да се нарече империјализам или степен на финансискиот капитал. Викајте го како што сакате; тоа е сеедно. Суштината е во тоа дека Кауцки ја откинува политиката на империјализмот од неговата економика, говорејќи за анексиите како за политика што финансискиот капитал ја „претпочита“ и спротивставувајќи ѝ на таа политика друга можна божем буржоаска политика врз таа иста база на финансискиот капитал. Излегува дека монополите во економиката може да се спојат со немонополистичките, ненасилните, неанексионистичките методи во политиката. Излегува дека територијалната поделба на целата земја, која е завршена токму во епохата на финансискиот капитал, и која претставува основа на специфичноста на сегашните форми на натпревар помеѓу најголемите капиталистички држави може да се спои со неимперијалистичката политика. Се добива заташкување, затапување на најосновните противречности на најновиот степен на капитализмот наместо покажување на нивните длабочини; се добива буржоаски реформизам наместо марксизмот.
Кауцки полемизира со германскиот апологет на империјализмот и анексиите, Кунов, кој резонира грубо и цинички: империјализмот е современ капитализам; развитокот на империјализмот е неизбежен и прогресивен; значи, империјализмот е прогресивен; значи, треба метании да се прават империјализмот и славопојки да му се пеат! Нешто слично на онаа карикатура што ја сликаа народниците против руските марксисти во 1894-1895 година: ако марксистите, велат, сметаат дека капитализмот во Русија е неизбежен и прогресивен, тогаш треба да отворат крчма и да се занимаваат со ширење на капитализмот. Кауцки му приговара на Кунов: не, империјализмот не е современ капитализам, туку само една од формите на политиката на современито капитализам, и ние можеме и мораме да се бориме против таа политика, да се бориме против империјализмот, против анексиите итн.
Приговорот изгледа некако приемлив, а всушност е поподло, поприкриено (и затоа поопасно) проповедање на мирење со империјализмот, зашто „борбата“ против политиката на трустовите и банките, која не ги засега основите на економиката на трустовите и банките, се сведува на буржоаски реформизам и пацифизам, на добри и невини желби. Извлекување од постојните противречности, заборавање на најважните од нив наместо откривање на сета длабочина на противречностите – тоа е теоријата на Кауцки, која нема ништо општо со марксизмот. И јасно е дека таквата „теорија“ служи само за одбрана на идејата за единство со Куновци!
„Од чисто економско гледиште – пишува Кауцки – не е невозможно капитализмот да преживее уште една нова фаза, пренесување на политиката на картелите врз надворешната политика, фазата на ултраимперијализмот“, т.е. надимперијализмот, обединување на империјализмите од целиот свет, а не на нивната борба, фазата на престанување на војните во капитализмот, фазата на „општата експлоатација на светот од страна на интернационално обединетиот финансиски капитал“.
На таа „теорија на ултраимперијализмот“ ќе мораме да се задржиме подолу, за да покажеме подробно колку таа решително и дефинитивно раскинува со марксизмот. А овде, треба, сообразно со општиот план на оваа студија, да погледнеме на точните економски податоци што се однесуваат на тоа прашање. Дали е од „чисто економското гледиште“ можен „ултраимперијализмот“ или се тоа ултраглупости?
Ако под чисто економско гледиште подразбираме „чиста“ апстракција, тогаш сѐ што можеме да кажеме ќе се сведе на поставката: развитокот оди кон монополите, според тоа, кон еден светски монопол, кон еден светски труст. Тоа е беспорно, но тоа е и апсолутно бесодржително; тоа е како тврдењето дека „развитокот оди“ кон произведување прехранбени артикли во лабораториите. Во таа смисла „теоријата“ за ултраимперијализмот е исто таква глупост како што би била „теоријата за ултраземјоделство.“
Ако пак зборуваме за „чисто економските“ услови на епохата на финансискиот капитал како за историски конкретна епоха која се однесува на почетокот на XX век, најдобар одговор на мртвите апстракции на „ултраимперијализмот“ (кои служат исклучиво за реакционерна цел: одвлекување на вниманието од длабочината на постојните противречности) е да им се противстави на тие апстракции конкретната економска стварност на современото светско стопанство. Бесодржателните прикажувања на Кауцки за ултраимперијализмот ја потхрануваат, помеѓу другото, онаа длабоко погрешна мисла, која ја врти водата кон воденицата на апологетите на империјализмот, дека божем господството на финансискиот капитал ги слаби нерамномерностите и противречностите внатре во светското стопанство, додека тоа фактички ги јакне.
Р. Клавер во својата книшка „Увод во светското стопанство“ се обиде да ги собере најглавните чисто економски податоци што делуваат конкретно да се престават заемните односи внатре во светското стопанство на границата од XIX и XX век. Тој го дели целиот свет на 5 „главни стопански објекти“: 1) средноевропска (цела Европа освен Русија и Англија); 2) британска; 3) руска; 4) источноазиска и 5) американска, вклучувајќи ги колониите во „подрачјето“ на оние држави кон кое тие припаѓаат, и „оставајќи настрана“ мал број земји нераспределени по области, на пр. Персија, Авганистан и Арабија во Азија, Мароко и Абисинија во Африка итн.
Еве ги, во скратен вид економските податоци за тие области што ги приведува тој:
| Област | Површина (мил. кв. км) | Население (милиони) | Железници (илј. км) | Трговска флота (мил. тони) | Увоз и извоз (милијарди марки) | Јаглен (мил. тони) | Сурово железо (мил. тони) | Памучни вретена (милиони) |
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| 1) Средна Европа | 27,6 (23,6) | 388 (146) | 204 | 8 | 41 | 251 | 15 | 26 |
| 2) Британија | 28,9 (28,6) | 398 (355) | 140 | 11 | 25 | 249 | 9 | 51 |
| 3) Русија | 22 | 131 | 63 | 1 | 3 | 16 | 3 | 7 |
| 4) Источна Азија | 12 | 389 | 8 | 1 | 2 | 8 | 0,02 | 2 |
| 5) Америка | 30 | 148 | 379 | 6 | 14 | 245 | 14 | 19 |
Гледаме три области со високо развиен капитализам (силен развиток и на сообраќајот, и на трговијата и на индустријата):
средноевропската, британската и американската. Меѓу нив се три држави што го владеат светот: Германија, Англија и Соединетите држави. Империјалистичкиот натпревар и борбата меѓу нив крајно се заострени поради тоа што Германија има незначителна област и малку колонии; создавањето на „средна Европа“ уште е работа на иднината, и таа се раѓа во огорчена борба. Засега белег на цела Европа е политичката расцепканост. Во британската и американската област, напротив, имаме многу висока политичка концентрација, во огромно несоодветство помеѓу огромните колонии на првата и ништожните – на втората. А во колониите капитализмот допрва почнува да се развива. Борбата за Јужна Америка сѐ повеќе се заострува.
Две области се со слабо развиен капитализам – руската и источноазиската. Во првата густината на населението е крајно мала, во втората – крајно голема; во првата политичката концентрација е голема, во втората – отсуствува. Кина допрва почнаа ја делат, и борбата околу неа помеѓу Јапонија, Соединетите Држави итн., станува сѐ поостра.
Споредете ја таа стварност – со гигантската разнообразност на економските и политичките услови, со крајното несоодветство во брзината на растот на разните земји итн. со огорчената борба меѓу империјалистичките држави – глупавата приказна на Кауцки за „мирниот“ ултраимперијализам. Зарем тоа не е реакционерен обид на заплашениот малограѓанин да се скрие пред страшната стварност? Зарем интернационалните картели, кои на Кауцки му изгледаат како никулци на „ултраимперијализмот“ (како што производството на таблети во лабораторија „може“ да се прогласи за никулец на ултраземјоделство), не ни покажуваат пример на поделбата и повторната поделба на светот, на премин од мирна поделба на немирна и обратно? Зарем американскиот итн. финансиски капитал, кој мирно го делеше целиот свет со учество на Германија, да речеме во меѓународниот синдикат за железнички шини или во меѓународниот труст на трговската морнарица, не го дели сега повторно светот врз основа на новите односи на силите, кои се менуваат по сосем не-мирен пат?
Финансискиот капитал и трустовите не ги слабат, туку ги јакнат разликите во брзината на порастот на разните делови на светското стопанство. А штом соодносите на силите се изменија, во што може при капитализмот, да биде решението на противречноста, ако не во силата? Вонредно точни податоци за различната брзина на порастот на капитализмот и финансискиот капитал во целото светско стопанство имаме во статистиката на железниците. За последниве децении на империјалистичкиот развиток должината на железничките пруги се изменила вака:
| Област | 1890 | 1913 | Пораст |
|---|---|---|---|
| Европа | 224 | 346 | +122 |
| САД | 268 | 411 | +143 |
| Сите колонии | 82 | 210 | +128 |
| Самостојни и полусамостојни држави во Азија и Америка | 43 | 137 | +94 |
| Вкупно | 617 | 1.104 | +487 |
Според тоа, развитокот на железничките пруги бил најбрз во колониите и во самостојните (и полусамостојните) држави на Азија и Америка. Познато е дека овде царува и владее наполно финансискиот капитал на 4-5 најкрупни капиталистички држави. Двесте илјади километри нови железнички пруги во колониите и во другите земји на Азија и Америка, – тоа значи над 40 милијарди мрки ново инвестирање на капитал под особено поволни услови, со особени гаранции на рентабилност, со доходни порачки за челичаните итн. итн.
Најбрзо расте капитализмот во колониите и во прекуокеанските земји. Меѓу нив се јавуваат нови империјалистички држави (Јапонија). Борбата на светските империјализми се заострува. Расте данокот што го собира финансискиот капитал од особено рентабилните колонијални и прекуокеански претпријатија. При поделбата на тој „плен“ исклучително голем дел доаѓа во рацете на земјите кои не секогаш го заземаат првото место по брзината на развитокот на производните сили. Во најголемите држави, земени заедно со нивните колонии, должината на железничките пруги изнесуваше:
| Држава | 1890 | 1913 | Пораст |
|---|---|---|---|
| САД | 268 | 413 | +145 |
| Британска империја | 107 | 208 | +101 |
| Русија | 32 | 78 | +46 |
| Германија | 43 | 68 | +25 |
| Франција | 41 | 63 | +22 |
| Вкупно | 491 | 830 | +339 |
И така околу 80% од сите железнички пруги се концентрирани во 5 најголеми држави. Но концентрацијата на сопственоста на тие пруги, концентрацијата на финансискиот капитал е неизмерно позначителна зашто, на пр., на англиските и француските милионери им припаѓа огромно количество акции и облигации од американските, руските и другите железници.
Благодарејќи на своите колонии Англија ја зголеми „својата“ железничка мрежа за 100 илјади километри, четири пати повеќе одошто Германија. Меѓутоа општо е познато дека за тоа време развитокот на производните сили на Германија и, особено развитокот на производството на јаглен и железо, течеше неспоредливо побрзо одошто во Англија, а и да не зборуваме за Франција и Русија. Во 1892 г. Германија произведе 4,9 милиони тони сурово железо, наспрема 6,8 во Англија; во 1912 веќе 17,6 наспрема 9,0, што претставува џиновска надмоќност над Англија!
Се прашува: врз база на капитализмот има ли некое друго средство, освен војната, за отстранување на несоодветството меѓу развитокот на производните сили и акумулацијата на капиталот, од една страна – поделбата на колониите и „сферите на влијание“ за финансискиот капитал, од друга?