В. И. Ленин
Империјализмот како највисок стадиум на капитализмот


VIII
ПАРАЗИТИЗМОТ И ГНИЕЊЕТО НА КАПИТАЛИЗМОТ

Сега ќе се задржиме на уште една мошне важна страна на империјализмот, којашто во поголем дел недоволно се оценува во повеќето резонирања на оваа тема. Еден од недостатоците на марксистот Хилфердинг е тоа што тој овде направи чекор назад во споредба со немарксистот Хопсон. Мислиме на паразитизмот својствен за империјализмот.

Како што видовме, најдлабоката економска основа на империјализмот е монополот. Тоа е капиталистички монопол, т.е. монопол што израсна од капитализмот и се наоѓа во општите услови на капитализмот, стоковното производство, конкуренцијата, во постојаната и безизлезна противречност со тие општи услови. Меѓутоа, како и секој монопол, тој неизбежно раѓа тенденција кон застој и гниење. До колку доаѓа, макар и привремено, до монополни цени, до толку исчезнуваат до извесен степен стимулите за технички, а спрема тоа и за секаков друг прогрес, за движење напред; до толку, понатаму, се појавува економската можност вештачки да се задржува техничкиот прогрес. Пример: Во Америка некојси Овенс пронашол машина за правење шишиња, која значи револуција во фабрикацијата на шишиња. Германскиот картел на фабрикантите на шишиња ги купува патентите на Овенс и ги става во фиока, ја задржува нивната примена. Се разбира, монополот во капитализмот никогаш не може наполно и за многу долго време да ја отстрани конкуренцијата од светскиот пазар (во тоа, помеѓу другото, е една од причините за бесмисленоста на теоријата на ултраимперијализмот). Се разбира, можноста да се намалат трошоците на производството и да се зголеми профитот по пат на воведување технички подобрувања дејствува во корист на промените. Но тенденцијата кон застој и гниење, својствена на монополот, од своја страна, и натаму дејствува и во одделни индустриски гранки, во одделни земји, за извесен период време таа надвива.

Монополот на владеење особено пространи, богати, или згодно поставени колонии дејствува во иста насока.

Понатаму. Империјализмот е огромна акумулација на паричниот капитал во мал број земји, кој достига, како што видовме, 100-150 милијарди франци, во вредносни хартии. Оттука – невообичаениот пораст на класата или, поточно, на слојот рентиери, т.е. лица што живеат од „сечење купони“, – лица што се сосема одделени од учеството во кое и да било претпријатие, – лица чија професија е безделничење. Извозот на капитал, една од најсуштествените економски основи на империјализмот, уште повеќе ја зајакнува таа полна откинатост на слојот рентиери од производството, удира печат на паразитизам врз целата земја која живее од експлоатацијата на трудот на неколку прекуокеански земји и колонии.

„Во 1893 година – пишува Хопсон – британскиот капитал инвестиран во странство изнесуваше околу 15% од целокупното богатство на Обединетото Кралство“. Ќе припомниме дека тој капитал од 1915 година се зголемил приближно 2 1/2 пати. „Агресивниот империјализам – читаме понатаму кај Хопсон – кој толку скапо им се фаќа на даночните обврзници и има толку мало значење за индустријалецот и трговецот…е извор на големи профити за капиталистот кој го инвестира својот капитал“ … (тој поим на англиски се искажува со еден збор: „инвеститор“ – „вложувач“, рентиер) … „Сиот годишен доход што го добива Велика Британија од целата своја надворешна и колонијална трговија, од увозот и извозот, статистичарот Гифен го процени на 18 милиони фунти стерлинзи (околу 170 милиони рубли) за 1899 година, сметајќи 2 ½ % на целиот промет од 800 милиони фунти стерлинзи“. Макар колку да е голема таа сума, таа не може да го објасни агресивниот империјализам на Велика Британија. Него го објаснува сумата од 90-100 милиони фунти стерлинзи, којашто претставува доход од „инвестираниот“ капитал, доход на слојот рентиери.

Доходот на рентиерите е пет пати поголем одошто доходот од надворешна трговија во „најтрговската“ земја на светот! Ете ја суштината на империјализмот и империјалистичкиот паразитизам.
Поимот: „држава-рентиер“ (Rentnerstaat), или држава-лихвар, добива поради тоа општа употреба во економската литература за империјализмот. Светот е поделен на грст држави – лихаври и огромно мнозинство држави-должници. „Меѓу инвестициите во странство – пишува Шулце-Геверниц – на прво место стојат оние што отпаѓаат на земјите политички зависни или сојузни: Англија им дава заем на Египет, Јапонија, Кина, Јужна Америка. Нејзината воена морнарица, во случај на крајна потреба, игра улога на судски егзекутор. Политичката сила на Англија ја чува неа од револтот на должниците“. Сарториус Фон Валтерсхаузен во своето дело „Националноекономскиот систем на инвестирања на капитал во странство“ ја истакнува како пример на „држава-рентиер“ Холандија и укажува дека сега такви стануваат Англија и Франција. Шилдер смета дека пет индустриски држави преставуаат „изразити земји-кредитори“: Англија, Франција, Германија, Белгија и Швајцарија. Тој овде не ја вклучува Холандија само заради тоа што таа има „слаба индустрија“. Соединетите држави се кредитор само во однос на Америка.

„Англија – пишува Шулце-Геверниц – прераснува постепено од индустриска држава во држава-кредитор. И покрај апсолутното зголемување на индустриското производство и индустрискиот извоз, расте релативното значење на приходите од каматите и дивидендите, од емисиите, комисиите и шпекулацијата за целокупното народно стопанство. Според моето мислење, токму тој факт е економската основа на империјалистичкиот подем. Кредиторот поцврсто е сврзан со должникот одошто продаваачот со купувачот“. Што се однесува до Германија, издавачот на берлинското списание „Банка“ А.Лансбург во 1911 година во статијата „Германија – држава-рентиер“ го пишуваше ова: „Во Германија радо ѝ се потсмеваат на склоноста кон претворање во рентиери, што се забележува во Франција. Но при тоа забораваат дека, до колку работата се однесува до буржоазијата, германските услови стануваат сѐ послични на француските“.

Државата-рентиер е држава на паразитскиот, гнијачкиот капитализам, и таа околност не може да не се одразува како врз сите социјално-политички услови на дадените земји воопшто така и врз двете основни струи во работничкото движење посебно. За да го покажеме тоа колку се може понагледно, ќе му дадеме збор на Хопсон, кој е како сведок, „најсигурен“, зашто не можеме да се усомниме во него дека е наклонет кон „марксистичкото правоверје“, а од друга страна, тој е Англичанец кој добро знае како стојат работите во најбогатата земја и со колонии, и со финансиски капитал и со империјалистичко искуство.

Опишувајќи ја под уште живиот впечаток од англо-бурската војна, врската на империјализмот со интересите на „финансиерите“, порастот на нивните профити од порачките, лиферациите итн., Хопсон вели: „Насочувачи на таа апсолутно паразитска политика се капиталистите, но истите мотиви влијаат и врз специјалните категории работници. Во многу градови најважните индустриски гранки зависат од порачките на владата; империјализмот на центрите на металургијата и бродоградилишната индустрија зависи во голема мера од тој факт.“ Според мислењето на авторот, две работи ја слабеле силата на старите империи: 1) „економскиот паразитизам“ и 2) формирањето војска од зависните народи. „Првото е обичај на економскиот паразитизам, поради кој владејачката држава ги искористува своите провинции, колонии и зависни земји за збогатување на својата владејачка класа и за поткупување на своите пониски класи, за да останат тие мирни.“ За да биде таквиот поткуп економски можен, макар и во каква форма тој да се изведува, потребен е – ќе додадеме ние – висок монополистички профит.
Што се однесува до втората работа, Хопсон пишува: „Еден од најчудните симптоми на слепотијата на империјализмот е безгрижноста со која Велика Британија, Франција и другите империјалистички нации, тргаат на тој пат. Велика Британија отиде подалеку од сите. Повеќето битки со кои ја освоивме нашата индиска империја ги водеа наши трупи составени од домородци; во Индија, како во последно време и во Египет, големи стационарни војски се наоѓаат под команда на Британците; речиси сите војни во врска со нашето покорување на Африка, освен нејзиниот јужни дел ги водеа за нас домородците.“

Перспективата за поделба на Кина го доведува Хопсона до оваа економска оцена: „Голем дел од Западна Европа би можел тогаш да го добие изгледот и карактерот што го имаат сега деловите на овие земји: југот на Англија, Ривиерата, местата на Италија и Швајцарија кои најмногу ги посетуваат туристите и во кои живеат богатите, имено: грст богати аристократи кои добиваат дивиденди и пензии од Далечниот Исток, со малку поголема група професионални службеници и трговци и поголем број домашни слуги и работници во транспортот и во индустријата што се занимава со конечна изработка на фабрикати. Главните индустриски гранки би исчезнале, а артиклите за масовна исхрана и масовните полуфабрикати би доаѓале, како данок, од Азија и од Африка.“ „Ете какви можности отвора пред нас еден поширок сојуз на западни држави, европска федерација на големите држави: таа не само што не би го движела напред делото на светската цивилизација, туку би можела да значи огромна опасност на западниот паразитизам: да се оддели група најразвиени индустриски нации, чии горни класи добиваат огромен данок од Азија и од Африка и со помошта на тој данок држат големи припитомени маси службеници и слуги, кои повеќе не се занимаваат со производство на масовни земјоделски и индустриски артикли, туку со лично послужување или второстепена индустриска работа под контролата на новата финансиска аристократија. Тие што се готови да ја отфрлат таквата теорија (би требало да се каже: перспектива) „како теорија која не заслужува за неа и да се расправа, нека ги испитаат економските и социјалните услови на оние окрузи од денешна Јужна Англија кои се веќе доведени во таква положба. Нека размислат тие како би можело вонредно многу да се рашири тој систем кога Кина би била под економска контрола на таквите групи финансиери „инвеститори на капитал“, на нивните политички и трговско-индустриски службеници, кои вадат профити од најголемиот потенцијален резервоар за кој кога и да било знаел светот, за да се трошат тие профити во Европа. Се разбира, ситуацијата е премногу сложена, играта на светските сили многу тешко се подава на пресметка, за оваа или онаа интерпретација на иднината во една единствена насока да се направи многу веројатна. Но влијанијата што го управуваат денес империјализмот на Западна Европа се движат во таа насока и, ако тие не сретнат противдејство, ако не скршнат на друга страна, тие ќе работат во насока токму на такво завршување на процесот.“

Авторот е наполно прав: Кога силите на империјализмот не би сретнале противдејство, тие би довеле токму до тоа. Значењето на „Соединетите држави на Европа“ во современите, империјалистички услови овде е оценето правилно. Би требало само да се додаде дека и внатре во работничкото движење опортунистите, кои сега привремено победија во повеќето земји, „работат“ систематски и постојано токму во тој правец. Империјализмот, кој значи поделба на светот и експлоатација не само на Кина, кој значи монополно високи профити за грст најбогати земји, создава економска можност за поткупување на горните слоеви на пролетеријатот и со тоа го храни, го оформува, го зацврстува опортунизмот. Само не треба да се заборават оние сили што дејстуваат против империјализмот воопшто, и опортунизмот посебно, кои природно, не може да ги види социјал-либералот Хопсон.

Германскиот опортунист Герхард Хилдебранд, кој во свое време беше исклучен од партијата поради одбраната на империјализмот, а сега би можел да биде водач на таканаречената „социјал-демократска“ партија на Германија, добро го дополнува Хопсона пропагирајќи ги „Соединетите држави на Западна Европа“ (без Русија) заради „заеднички“ акции…против африканските црнци, против „големото исламско движење“, за држење „силна војска и флота“, против „јапонско-кинеската коалиција“ итн.

Описот на „британскиот империјализам“ кај Шулце-Геверниц ни ги покажува истите црти на паразитизмот. Националниот доход на Англија приближно двојно се наголеми од 1865 до 1898 г. а доходот „од странство“ за тоа време нарасна девет пати. Ако е „заслуга“ на империјализмот „воспитувањето на црнецот за работа“ (без принудување не оди…) „опасноста“ на империјализмот се состои во тоа што „Европа ќе го стовари физичкиот труд – отпрвин земјоделскиот и рударскиот – а потоа и грубиот индустриски – врз плеќите на човештвото со темна кожа, а самата ќе се повлече во улогата на рентиер, подготвувајќи со тоа можеби економска, а после и политичка еманципација на црвенокожите и темнокожите раси“.

Сѐ поголемиот дел земја во Англија се одзема од земјоделското производство и се користи за спорт, за забава на богатите. За Шкотска – најаристократското место за лов и друг спорт – велат дека „живее од своето минато и од мистер Карнеџи“ (американски милијардер). Само натпревари и на лов на лисици Англија годишно троши 14 милиони фунти стерлинзи (околу 13 милиони рубли). Бројот на рентиерите во Англија изнесува околу 1 милион. Процентот на продуктивното население се намалува:

Население и работници во основните гранки (Англија и Велс)
ГодинаНаселение (милиони)Работници во основните гранки (милиони)% од населението
185117,94,123
190132,54,915

И, зборувајќи за англиската работничка класа, буржоаскиот истражувач на „британскиот империјализам во почетокот на XX век“ е принуден систематски да прави разлика помеѓу „горниот слој“ работници и „вистински пролетерскиот долни слој“. Горниот слој лиферува маса членови на кооперативите и струковните сојузи, на спортските друштва и многубројните верски секти. Со неговото рамниште е сообразено изборното право, кое во Англија „сѐ уште е доволно ограничено, за да се отстрани навистина пролетерскиот долен слој“!! За да се разубави положбата на англиската работничка класа, обично се зборува само за тој горен слој, кој претставува малцинство на пролетаријатот“: на пр., „прашањето за безработицата предимно е прашање што се однесува за Лондон и пролетерскиот долен слој, со кој политичарите малку сметаат“… Би требало да се каже: со кој буржоаските политиканти и „социјалистичките“ опортунисти малку сметаат.

Во редот на особеностите на империјализмот што се сврзани со кругот на појавите што ги опишуваме спаѓа намалувањето на емиграцијата од империјалистичките земји и зголемувањето на имиграцијата (доаѓањето на работници и уселување) во тие земји од позаостанатите земји, со пониска надница. Емиграцијата од Англија, како што одбележува Хопсон, опаѓа од 1884 година: таа година емиграцијата изнесувала 242 илјади, а во 1900 г. 169 илјади. Емиграцијата од Германија достигна максимум во деценијата 1881-1890 г.: 1,453.000, паѓајќи во двете следни децении на 544.000 и на 341.000. Затоа растеше бројот на работниците што доаѓаа во Германија од Австрија, Италија, Русија итн. Според пописот од 1907 во Германија имало 1,342.294 странци, од тоа индустриски работници – 440.800, земјоделски – 257.329. Во Франција работниците во рударството „во голем дел“ се странци: Полјаци. Италијанци, Шпанци. Во Соединетите држави имигрантите од источна и јужна Европа ги заземаат најлошо платените места, а американските работници го даваат најголемиот процент надзорници и најдобро платените работници. Империјализмот има тенденција и меѓу работниците да издели привилегирани категории и да ги отцепи од широката маса пролетаријат.

Треба да се одбележи дека во Англија многу пред крајот на XIX век и почетокот на XX век се пројави тенденцијата на империјализмот да ги отцепува работниците и да го јакне меѓу нив опортунизмот, да предизвикува привремено гниење на работничкото движење. Зашто две крупни карактеристични црти на империјализмот постоеја во Англија од средината на XIX век; огромни колонијални поседи и монополна положба на светскиот пазар. Маркс и Енгелс систематски, во тек на низа децении, ја следеа таа врска на опортунизмот во работничкото движење со империјалистичките особености на англискиот капитализам. Енгелс, на пр., му пишуваше на Маркса на 7 октомври 1858 г.: „Англискиот пролетаријат фактички сѐ повеќе и повеќе се буржоазира, така што најбуржоаска нација сака, изгледа, на крајот на краиштата да ја доведе работата дотаму да има буржоаска аристократија и буржоаски пролетаријат покрај буржоазијата. Кај нација која го експлоатира целиот свет, тоа, се разбира, донекаде е законито“. Речиси четврт век подоцна, во писмото од 11 август 1881, тој зборува за „најлошите англиски тредјуниони, кои допуштаат да ги раководат луѓе што ги купила буржоазијата или кои тие барем ги плаќа“. А во писмото до Кауцки од 12 септември 1882 г. Енгелс пишуваше: „Ме прашувате што мислат англиските работници за колонијалната политика? Истото она што мислат за политиката воопшто. Овде нема работничка партија, има само конзервативни и либерални радикали, а работниците заедно со нив преспокојно се користат од колонијалниот монопол на Англија и нејзиниот монопол на светскиот пазар. (Истото тоа Енгелс го рече во предговорот кон второто издание на „Положбата на работничката класа во Англија“, 1892 год.)

Овде јасно се покажани причините и последиците. Причини: 1) експлоатацијата на целиот свет од страна на дадената земја; 2) нејзината монополна положба на светскиот пазар; 3) нејзиниот колонијален монопол. Последици: 1) буржоазирање на еден дел од англискиот пролетаријат; 2) еден негов дел дозволува да го раководат луѓе купени од буржоазијата или барем плаќани од неа.

Империјализмот од почетокот на XX век ја доврши поделбата на светот од страна на грст држави, од кои секоја сега го експлоатира (во смисла на извлекување екстрапрофит) нешто помалиот дел од „целиот свет“ одошто Англија во 1858 година; секоја зазема монополна положба на светскиот пазар благодарејќи на трустовите, картелите, финансискиот капитал, на односите на кредитор спрема должник; секоја има во извесна мера колонијален монопол (видовме дека од 75 милиони кв. км. на сите колонии во светот 65 милиони, т.е. 86% се концентрирани во рацете на шест држави, 61 милион, т.е. 81% се концентрирани во рацете на три држави).

Разликата на сегашната ситуација се состои во економските и политичките услови кои мораа да ја зајакнат непомирливоста на опортунизмот со општите и основните интереси на работничкото движење: империјализмот израсна од никулците во владеачки систем; капиталистичките монополи го зазедоа првото место во народното стопанство и во политиката; поделбата на светот е доведена до крај; а од друга страна, наместо неподелениот монопол на Англија гледаме борба за учество во монополот меѓу мал број империјалистички држави, која го карактеризира целиот почеток на XX век. Опортунизмот сега не може наполно да победи во работничкото движење на една земја за долга низа децении, како што победи опортунизмот во Англија во втората половина на XIX век, но тој дефинитивно узреа, презреа и изгни во низа земји, стопувајќи се како социјал-шовинизам наполно со буржоаската политика.